Неколку големи компании работат на проекти за квантни компјутери, вклучувајќи ги IBM и Google. Меѓу нив е и Амазон. Компанијата го отвори AWS Центарот за квантни пресметки минатата година и уште од 2019 година нуди услуга на квантно пресметување преку веб-сервисите на Амазон. Проширувањето на таа работа е, како што тие велат, суштински аспект за квантната технологија да го достигне својот целосен потенцијал – квантно вмрежување. Па, во таа насока компанијата го претстави AWS Центарот за квантно вмрежување (CQN). Истражувачите ќе работат на технологија која може да доведе до создавање на глобални квантни мрежи.
Слично како и кај квантните пресметки, сè уште е рано за квантно вмрежување. Веројатно ќе бидат потребни уште неколку години пред истражувачите да почнат да го извлекуваат максимумот од квантната технологија. Сепак, Амазон има повеќе ресурси од повеќето за да инвестира во оваа област. Амазон забележува дека квантните мрежи ќе можат да поврзуваат квантни уреди користејќи единечни фотони наместо ласерски зраци (кои се користат во современите оптички комуникации). Сепак, заедно со овозможувањето одредени способности на квантните мрежи, постојат пречки што треба да се надминат кога станува збор за користењето еден фотон за пренос на информацијата.
Сервисот Amazon Braket користи хардверски уреди развиени од Rigetti Computing и други компании.
Квантната механика го ограничува засилувањето на еден фотон, што го ограничува опсегот на мрежата. „Исто така, слабоста на поединечните фотони го комплицира нивното поврзување со денешните уреди за квантни пресметки“, напишаа научниците од CQN, Денис Сукачев и Михир Баскар во блог пост.
Истражувачите во центарот ќе работат на нови технологии, од типот на квантни повторувачи и трансдуктори, за да се овозможи создавање на глобални квантни мрежи. Тие ќе развиваат хардвер, софтвер и апликации за квантни мрежи. Меѓу потенцијалните примени за квантното вмрежување е „овозможувањето глобални комуникации заштитени со дистрибуција на квантен клуч со нивоа на приватност и безбедност кои не се остварливи со користење на конвенционални техники за шифрирање“, пишуваат Сукачев и Баскар. „Квантните мрежи ќе обезбедат и моќни и безбедни квантни сервери во облак преку взаемно поврзување и засилување на можностите на поединечните квантни процесори.”