Плутон можеби го изгуби статусот на планета во 2006 година, но тоа не значи дека тој автоматски стана неинтересен. Напротив, очите на астрономите сè уште се насочени кон нашиот мал пријател од периферијата на Сончевиот систем. Но, да го свртиме за момент нашето внимание кон неговиот постојан придружник – Харон. Плутон и Харон орбитираат еден околу друг, иако пречникот на Харон е околу половина од оној на Плутон.
Харон беше откриен во 1978 година, но дури во 2015 година мисијата Нови хоризонти на НАСА наменета за истражување на надворешниот Сончев систем откри дека Харон има црвен регион на својот северен пол. Веднаш се појавија прашања за тоа потеклото на оваа црвена дамка на придружникот на Плутон.
Сликите од мисијата „Нови хоризонти“ и некои нови лабораториски експерименти и моделирања ја открија веројатната приказна зад ‘фесот’ на главата на Харон. Резултатите од ова истражување беа објавени неодамна во Geophysical Research Letters.
Плутон, во преден план, и неговата месечина Харон
Пред мисијата Нови хоризонти, најдобрите снимки од Плутон направени со помош на Хабл откриваа само нејасна рефлектирана светлина. По пристигнувањето на целта, мисијата Нови Хоризонти, освен што откри фасцинантни карактеристики од површината на Плутон, откри и една мошне необична особеност при прелетот покрај Харон – невообичаена црвена ‘капа’ сместена на неговиот северен пол.
Речиси веднаш по прелетот во 2015 година, научниците предложија дека црвеникавата дамка можеби е последица од влијанието на ултравиолетовата светлина што ги разградува молекулите на метан. Метанот од Плутон би замрзнал на поларните региони на месечината за време на ледените зимски ноќи на Харон, каде температурите паѓаат и на –273 °C. Супстанцијата би била налик на толин (tholin) – леплив органски остаток формиран со хемиски реакции на светлина.
Тимот се обидел да ги реплицира условите од површината на Харон во новиот Центар за лабораториска астрофизика и вселенски научни експерименти (CLASSE) при US Southwest Research Institute (SwRI). Тие успеале да го измерат составот и бојата на јаглеводородите што би можеле да се произведат на зимската хемисфера од џуџестата планета кога метанот замрзнува изложен на Лајман-алфа ултравиолетова светлина – тип на светлина којашто би се расејала по површината на месечината од водородната атмосфера на Плутон.
Експериментите на „динамичка фотолиза“ спроведени од научниот тим обезбедија нови докази за придонесот на меѓупланетарната Лајман-алфа радијација во синтезата на црвениот материјал на Харон. При експериментот бил создаден кондензат на метан во ултра-висока вакуумска комора при изложеност на метанот на лајман-алфа фотони, со што била направена верна реплика на условите што владеат на половите на Харон. Потоа, научниците од SwRI ги внеле овие резултати во нивната новоразвиена компјутерска симулација за да ја моделираат разретчената атмосфера од метан на Харон.
Kарактеристичната црвена 'капа' на Харон
Моделот укажува на „експлозивни“ сезонски пулсирања во атмосферата на Харон што се должат на екстремните промени на условите во текот на долгото патување на Плутон околу Сонцето. Од експерименталните податоци и нивниот модел, истражувачите можеле да проценат каде на површината од Харон ќе завршат произведените јаглеводороди (молекули направени од јаглерод и водород – како метан). Но, моделот покажал и дека поларните зони на Харон првенствено генерираат етан кој е безбоен. Па, од каде потекнува темноцрвената боја на Харон?
Научниот тим смета дека јонизирачкото зрачење од сончевиот ветер го разградува поларниот мраз озрачен од Лајман-алфа рaдијацијата при што настанува синтетизирање на сè покомплексни, поцрвени материјали одговорни за уникатниот албедо на оваа загадочна месечина. Етанот е помалку испарлив од метанот и останува замрзнат на површината на Харон долго по пролетното изгрејсонце. Изложеноста на сончевиот ветер може да го претвори етанот во постојани црвеникави наслаги на површината, од каде веројатно и потекнува црвената капа на Харон.
Тимот сè уште треба да ја истражи улогата на сончевиот ветер во формирањето на “црвениот” пол.