Рубрика: Биологија
Грините што живеат во кожата на нашите лица се на пат да станат едно со нас
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 23.06.2022 - 12:15

Demodex folliculorum на човечка кожа виден под микроскоп фото: Универзитет Рединг

Ако досега не сте знаеле, во нашата кожа живеат ситни паразитски грини и околу овој факт не можете да сторите ама баш ништо. Тие живеат во порите од нашето лице (и брадавиците!) и излегуваат само ноќе – движејќи се меѓу фоликулите на косата во потрага по партнер. Ужас!

Сега, првата целосна студија за секвенционирање на геномот на овие грини, со латинско име Demodex folliculorum, откри зошто овие суштества имаат такви бизарни навики за парење и карактеристики на телото. Освен ова откри и еден мошне интересен детаљ – дека тие можеби се на пат кон приспособување за симбиотски живот во нашите ткива. Новото истражување беше објавено во списанието Molecular Biology and Evolution.

Примерок од грините што живеат на нашето лице.

Истражувачите од Универзитетот Рединг откриле дека овие грини имаат различен распоред на гените од деловите од телото споредено со другите слични видови. Според нив ова се должи на тоа што тие се прилагодуваат на заштитениот живот во порите од нашето лице. Овие промени во нивната ДНК довеле до развој на невообичаената физиономија и однесување.

Така, на пример, машките примероци поседуваат пенис којшто избива угоре од предниот дел на телото, па така тие мора да се позиционираат под женката додека се парат, а сево ова додека двата партнера цврсто се држат закачени за фоликулата на човечкото влакно. Но, подобро да не размислуваме за она што се случува на нашето лице додека спиеме, нели ;)

Микроскопска слика која го прикажува невообичаено позиционираниот пенис на грината Demodex folliculorum.

Интересно е што овие примитивни суштества би можеле да станат уште попрости. Микроскопските грини со осум нозе ги носи речиси секој човек. Тие се пренесуваат на нас за време на раѓањето, а нивниот број достигнува врв кога стануваме возрасни, бидејќи заедно со нас расте и големината на нашите пори. Внатре во порите тие јадат го јадат себумот – мрсна, восочна супстанција што се ослободува од тамошните лојни жлезди и која ја обложува, навлажнува и заштитува вашата кожа.

За наша голема среќа, бидејќи грините се долги само 0,3 милиметри, тие се премногу мали за да се видат со голо око. Ова е среќна околност и поради тоа што тие се присутни не само на фоликулите на косата туки очигледно и на нашите трепки.

Изолираното постоење на грините во нашите пори резултирало со недостаток од изложеност на какви и да се надворешни закани, никаква конкуренција за “окупирање” на домаќините и отсуство од средби со други грини кои содржат различни гени. Ова значи дека тие станале исклучително прости организми. Според авторите на гореспоменатиот труд, недостатокот на изложеност на генетски различни партнери можеби ги поставило овие грини на пат кон еволутивен ќорсокак и потенцијално истребување. Ваков процес и претходно бил забележан кај некои бактерии кои живеат во клетките, но никогаш кај некое животно.

Истражувачите велат дека показател дека трансформацијата кон станување симбионтски организам е започната е тоа што грините имаат многу повеќе клетки на млада возраст во споредба со нивната возрасна фаза. Ова е во спротивност со претходната претпоставка дека паразитските животни го намалуваат нивниот број на клетки рано во развојот. Нивниот смален геном објаснува, меѓу другото, и зошто грините стануваат активни само ноќе – тие ги изгубиле гените што овозможуваат заштита од ултравиолетовото (УВ) зрачење и дневната светлина. И не само тоа, туку тие не можат да произведат мелатонин. Додека мелатонинот вообичаено ги поттикнува ситните безрбетници да бидат активни ноќе, грините ги одржуваат нивните целоноќни (оргијски) сесии за парење користејќи го мелатонинот што човечката кожа го лачи во самрак.

Микроскопска слика на задниот крај на анусот на грината Demodex folliculorum. Присуството на анус кај овој вид грини досега беше погрешно занемарено од некои научници, но оваа студија го потврди неговото присуство.

Колку и да оваа ‘вест’ за постоењето микроскопски животинки во секое време на вашето лице ви звучи можеби алармантно, пред да започнете панично да го третирате лицето со сè и сешто треба да знаете дека грините веројатно и не предизвикуваат кожни заболувања. Имено, претходно некои истражувачи претпоставуваа дека грините немаат ниту анус и дека мора да го акумулираат изметот во текот на целиот нивен живот, пред сето тоа ‘ѓубре’ да го ослободат кога ќе умрат, предизвикувајќи притоа воспаление на кожата. Но, оваа нова студија потврди дека тие всушност имаат ануси и дека досега беа неправедно обвинувани за многу кожни заболувања. Но, некако, оваа вест баш и не успева да го разнежи моето срце.

Како и да е, според научниците, долгата врска што грините ја имаат со луѓето укажува дека тие можеби вршат и некои едноставни, но корисни работи за нас, како на пример, тоа што ги одржуваат порите на нашето лице отворени. Па затоа, сепак, да не бидеме престроги кон нив :)

Клучни зборови:
Demodex folliculorum на човечка кожа виден под микроскоп фото: Универзитет Рединг

Demodex folliculorum на човечка кожа виден под микроскоп фото: Универзитет Рединг

Demodex folliculorum виден под микроскоп.

Demodex folliculorum виден под микроскоп. Фото: Универзитетот за Ридинг

Микроскопска слика која го прикажува невообичаено позиционираниот пенис на грината

Микроскопска слика која го прикажува невообичаено позиционираниот пенис на грината Demodex folliculorum. Фото: Универзитетот за Ридинг

Микроскопска слика на задниот крај на анусот на грината Demodex folliculorum.

Микроскопска слика на задниот крај на анусот на грината Demodex folliculorum. Присуството на анус кај овој вид грини досега беше погрешно занемарено од некои научници, но оваа студија го потврди неговото присуство. Фото: Универзитетот за Ридинг