За луѓе на одредена возраст, постојат видео игри што сите ги знаат. Некои од нив се Пекмен (Pac-Man) или првиот Super Mario Bros. Но, не би било погрешно да се тврди дека Тетрис, кој денес (6 јуни) полни 38 години, е можеби најпознатата игра од сите. Ако би ја следеле продажната метрика, биле продадени над 170 милиони копии од Tetris на речиси секоја гејмерска и компјутерска платформа што можете да ја замислите. Но, според некои листи, само Minecraft платформата, којашто е во постојан подем, има продадено повеќе од тоа.
Се разбира, не може да се зборува за наследството на Tetris, а да не ја спомнеме конзолата Nintendo Game Boy, која е една од најпознатите во светот. Технички, тетрисот постоеше пет години пред да биде спакуван во секој продаден Game Boy, но токму огромната популарност на конзолата значеше дека играта стана сензација речиси преку ноќ. Тетрис е вид на игра што можете да ја играте со часови, но не губи од шармот ако се игра и само 10 минути. Во тетрис, се натпреварувате против самите себе, обидувајќи се да исчистите што повеќе линии или да постигнете подобар резултат од порано. Таа формула беше примамлива и за децата и за возрасните.
Хенк Роџерс, кој сега ја води компанијата Тетрис и кој за првпат ја открил играта на CES во 1988 година, јасно опишал сè кога Нинтендо ја открил својата идеја да лансира Game Boy со тетрис: „Ако сакате да го продадете Game Boy на мали момчиња, тогаш спакувајте го Марио. Но, ако сакате да го продадете Game Boy на сите, тогаш спакувајте тетрис на него“.
Тетрис можеби го постигна својот легендарен статус во голема мера благодарение на уредот Game Boy, но играта беше достапна на компјутерите и флиперите/ аркадните уреди со години пред да постои Game Boy. Тетрис е создаден од рускиот компјутерски инженер Алексеј Пајитнов, со неговите пријатели Дмитриј Павловски и Вадим Герасимов. Беше објавена на 6 јуни 1984 година и во 1986 година стана првата компјутерска игра од Русија што станала достапна на западниот пазар. Концептот на играта се состои од само седум различни тетримини, кои со зголемена брзина паѓаат од врвот на екранот кон дното. Тие можат да се ротираат и треба да се подредат во целосни линии, инаку ќе се акумулираат на горниот дел од екранот, завршувајќи ја играта.
Во 2015 Пајитнов изјавил за Digital Trends дека ја направил играта за само шест недели. Но, тоа било сосема доволно за безбројните ревизии и ажурирања на играта да доминираат на кој било уред со екран во последните 38 години.
Во последниве неколку години видовме бројни оживувања и ревизии на тетрис, добар дел од нив спакувни во модеро руво. Триесет и осум години подоцна, очигледно е дека сè уште постои глад за тетрис, особено што паметните телефони овозможија оваа популарна игра да се “конзумира” во движење и малку е веројатно дека некоја друга игра ќе ја има издржливоста на Тетрис.
Како што рекол Роџерс уште во 2015 година: „Ако екранот има доволно точки за приказ – на него ќе има тетрис“.
За заразноста на Тетрис говори и тоа што некој се потрудил да ја прилагоди играта за употреба на осцилоскоп