Урбаните горештини се сè поопасен убиец, состојба што само ќе се влошува со климатските промени и постојаниот пораст на просечните сезонски температури. Добра вест е тоа што дрвјата во градот претставуваат еден од најефикасните начини за ладење – едно дрво може да испушти стотици литри вода на ден, обезбедувајќи природно ладење подобро од многу климатизери, но сè дури дрвото има доволно вода за живот. Tим австралиски истражувачи откри ‘трик’ за собирање на атмосферската вода со којшто природното ладење од дрвјата станува уште поефикасно.
Истражувањето се усредоточува на системот наречен TREENET Inlet, којшто има способност да ја собира атмосферската вода од патиштата и да ја пренасочи кон зелените површини. Употребата на системот го поттикнала растот на фиданките за 65% повеќе во висина и 60% повеќе во пречник споредено со контролните фиданки, од површините без вакви уреди. Фиданките што се наводнувале со “заробената” атмосферска вода имале 169% подобра фотосинтеза за време на сушните месеци. Според Хуаде Гуан, хидролог на Универзитетот Флиндерс, дрвјата со инсталиран довод имале и пониска температури на крошните, што значи дека трпеле помалку стрес.
Трудот што го опишува истражувањето беше објавен деновиве во Frontiers in Climate.
Влезот од TREENET претставува цевка, опшиена со порозен материјал, високa околу 60 сантиметри и широка 30 сантиметри. Цевката се инсталира во дупка ископана во зелената површина. Атмосферската вода привремено се складира во неа и потоа полека ја кваси околната почва. Влезот е поврзан со сливникот од улицата преку мала цевка, со што се овозможува собирањето атмосферска вода од улицата.
Истражувачите ги тестирале доводите во урбана средина во јужна Аделаида, со дрвја од бел кедар (Melia azedarach). Опитите покажале дека освен што фиданките подобро пораснале со користење на атмосферските води, зрелите дрвја од бел кедар исто така испуштале и повеќе вода во околината. Во просек, дрвјата кои се наоѓале во близина на инсталираните доводи испуштале 17% повеќе вода, а овој процент се зголемил на 21% во сушните периоди.
Според истражувачите системот би требало да функционира подеднакво добро и за другите видови дрвја. Тие истакнуваат дека овој систем, кој сега се тестира во други урбани заедници, е само еден од начините на којшто атмосферските води би можеле да се искористат за ладење на улиците и за одржување на урбаното зеленило.
Изградбата на домови и инфраструктура во градовите ја намалува инфилтрацијата на атмосферските води во почвата, што придонесува за намалена вегетациска покривка и дополнително оптоварување на водните ресурси за одржување на урбаните залени површини. Собирањето на атмосферската вода, не само за одржување на јавните зелени површини туку и за резиденцијалните приватни градини може да го намали овој товар, а истовремено и температурта во градовите во текот на долгите и жешки летни денови.