Нешто чудно се случува на половите на Земјата – забележани се истовремени бранови на екстремна топлина, при што делови од Антарктикот се за повеќе 40°C потопли од просекот додека области на Арктикот бележат температури од повеќе од 30°C над просекот.
На прагот на преминот на јужната хемисфера во есен, температурите забележани од метеоролошките станици на Антарктикот во петокот ги урнаа сите рекорди. Станицата Конкордија, поставена на висина од 3234 метри, забележа температура од –12,2°C, што е за околу 40 степени потопло од просекот за овој период, додека станицата Восток, поставена уште повисоко, забележа –17,7°C, соборувајќи го нејзиниот рекорд за најтопол запис на сите времиња за околу 15°C. Вака извести на својот твитер профил трагачот по екстремни временски рекорди Масимилијано Ерера. Крајбрежната база Тера Нова пак забележала 7°C, што е далеку над просекот за овој период.
Extraordinary anomalies in #Antarctica lead to historic records today:
-Vostok 3489m -17.7C,monthly record beaten by nearly 15C !
-Concordia 3234m -12.2C,highest Temp. on records and about 40C above average !
-Dome C II 3250m -10.1C
-D-47 1560m -3.3C
-Terra Nova Base 74S +7.0C pic.twitter.com/w6Ry4Dy4wz— Extreme Temperatures Around The World (@extremetemps) March 18, 2022
Податоците ги изненадија и службениците во американскиот Национален центар за податоци за снег и мраз во Болдер, Колорадо, бидејќи тие укажуваа дека Арктикот, каде биле забележани 30 степени повисоки температуру од просекот, и областите околу Северниот Пол се приближуваат или се веќе на точката на топење, што е навистина необично за средината на март. Метју Лазара, метеоролог од Универзитетот на Висконски, кој ги следи температурите на куполата C-ii на источен Антарктик, каде во петокот беа забележани –10°C, а каде нормалната температура за овој период досега изнесувала –43°C, вели дека ова е температура што би била нормална за јануари, на лето, но не и во март!
Според метеоролозите она што во моментов се случува на Антарктикот е веројатно само случаен временски настан, а не знак за климатските промени. Но, ако настанот биде забележан повторно или повеќепати, тогаш тоа веќе со сигурност ќе значи дека е дел од глобалното затоплување и дека е дефинитивно нешто за што треба длабоко да се загрижиме.
За Антарктичкиот топол бран извести и Вашингтон пост. Во петокот Антарктичкиот континент како целина беше за 4,8°C потопол од основната температура измерена помеѓу 1979 и 2000 година, според Климатскиот реанализатор на Универзитетот во Мејн, кој се заснова на временските модели на американската Национална океанска атмосферска администрација (NOAA). Истовремено, во петокот Арктикот како целина беше за 3,3 степени потопол од просекот за периодот од 1979 до 2000 година.
За споредба, температурата на целата Земјина топка, како целина, беше само 0,6°C над просекот за периодот од 1979 до 2000 година. На глобално ниво, просекот за периодот од 1979 до 2000 година е за 0,3°C потопол од просекот за 20. век. Она што затоплувањето на Антарктикот го прави навистина чудно е тоа што јужниот континент не се загрева многу (освен неговиот ранлив полуостров кој брзо се загрева и брзо го губи мразот), а особено во споредба со остатокот од земјината топка.
Антарктикот постави неславен рекорд за најмала површина летен морски мраз, забележан од 1979 година до денес, при што покривката се намалила за цели 1,9 милиони квадратни километри мерено на крајот од месец февруари. Податоците беа објавени од Центарот за податоци за снег и мраз.
Метеоролозите сметаат дека настанот веројатно се должи на нешто што тие го нарекуваат „голема атмосферска река“ – пробив на топол и влажен воздух од Пацификот кон југот. Додека на Арктикот, кој се загрева двапати до трипати побрзо од остатокот од Земјината топка и се смета за ранлив на климатските промени, топлиот атлански воздух се пробил северно од брегот на Гренланд, наоѓајќи пат кон крајниот север.