Експерти развија систем за вештачка интелигенција за контрола на плазмата во фузиски реактор.
Енергетската криза предизвикана од пандемијата и неодамнешните воени дејствија одново ја отворија дебатата за зависноста на Европа од фосилните горива. И додека дел од европските земји се подготвени повторно да ги отворат електраните на јаглен за да ја надминат можната вонредна состојба, експертите од DeepMind, компанија ќерка на Alphabet чијашто специјалност е вештачка интелигенција, го претставија првиот систем за машинско учење способен да контролира нуклеарен фузиски реактор.
Фузиската технологија се заснова врз специјални таканаречени токамак реактори –постројки во форма на тороид во кои плазмата се држи во суспензија, ограничена со моќни магнетни полиња. Плазмата се добива од прегревање на водородните изотопи и може да достигне температури од редот на 100 милиони степени Целзиусови. Тука на сцена стапуваат магнетните полиња коишто ја оддржуваат плазмата во суспензија во внатрешноста на токамакот, без таа да се доближи до ѕидовите коишто на тие температури веднаш би испариле. Ова магнетно ограничување е исклучително сложена операција, бидејќи магнетното поле произведено од секој електромагнет на реакторот мора да варира илјадници пати во секунда како функција на движењата и условите на плазмата.
Истражувачите на DeepMind развиле 19 различни алгоритми за секој електромагнет и ги тестирале нивните ефекти со симулатор. Потоа го нагодиле системот да ги користи симулациските податоци за да развие оптимална конфигурација. Конечно, ја тестирале валидноста на нивниот систем со вештачка интелигенција во вистински реактор, добивајќи притоа позитивни резултати.
Секако, уште долг е пратот до целосна енергетската слобода, најнапред неопходно е овие први лабораториски тестови да се трансформираат во вистинска постројка којашто ќе може да произведува енергија, но се чини дека работите се движат во вистинска насока. Истражувањето беше објавено минатиот месец во Nature.
Многумина можеби се недоверливи кога е во прашање користењето на вештачка интелигенција за регулирање на еден ваков деликатен систем, но за научниците засега нема некоја друга алтернатива – пресметката на магнетното ограничување на плазмата работи со толку многу променливи што рачното програмирање би одзело премногу време, време коепто не можеме да си го дозволиме.