Продолжува нормалното експоненцијално намалување на дневните броеви на новодијагностицирани. Последнава недела ефективниот репродукциски број Rt благо се поткачи на околу 0,93 +/-0,30, што е малку над 15-дневниот просек од околу 0,84. Но, не се жалиме, сé додека истиот е помал од единица со солидна резерва.
Најголемото дневно намалување во апсолутни бројки е зад нас (најстрмиот пад на зелената линија на вториот дијаграм), но процентуално би требало да продолжиме со истото темпо како досега. Моментално дневниот индекс изнесува околу 0,944, што значи дека во просек секој нареден ден бројот на нови случаи се намалува за околу 5,6%, односно неделно за околу 34%. Со ова темпо на намалување, до спорадично заразување (14-дневна инциденца под 20 случаи на 100 000 жители, односно околу 25 случаи дневно на ниво на држава) би требало да дојдеме после околу 55 дена, односно до крајот на април. Меѓутоа, со доаѓањето на пролетта и првите потопли денови би требало преносливоста дополнително да се намали, па оттука е можно спорадичното заразување да настапи и пред крајот на април.
Иако дневните бројки се помали за околу 4,5 пати во однос на јануарскиот максимум, не треба да се радуваме пред време: според 14-дневната инциденца (325 случаи на 100 000 жители за 14 дена) сé уште сме прилично длабоко во зоната на IV степен на ризик за ширење на заразата, според класификацијата на ECDC. Во наредните денови, секако, инциденцата ќе се намалува, но за тоа сепак е потребно време.
Во овој момент веќе можеме да ги правиме прогнозите за вкупниот број на случаи до крајот на овој бран, а можеби и на епидемијата. Најдобар одговор, истовремено најлесен за пресметување, ни дава фазниот портрет I-T (бројот на активни наспроти вкупно случаи, на четвртиот дијаграм). Со продолжување (екстраполација) на графикот сé до пресекот со хоризонталната оска, добиваме дека вкупниот број на случаи би требало да престане да расте при околу 305 000 случаи, односно на околу 5000 случаи од денеска. Гледаме дека точките на тој дијаграм се сé погусто наредени (една точка претставува еден ден), така што иако се работи за релативно мал број на нови случаи, ќе треба уште долго време (како што рековме уште најмалку два месеци) додека стигнеме блиску до нула активни случаи - освен доколку во меѓувреме преносливоста дополнително се намали заради настапувањето на пролетта.
Многумина ќе се сетат на првичната прогноза за максимален број на случаи до 300 000 жители, дадена пред Нова година, кога Омикрон сојот сé уште не беше пристигнат во земјата. Тогашните проценки беа направени врз основа на прележаноста од 155 000 случаи пред доаѓањето на Делта сојот. Со двојно поголема преносливост, од една страна, но поголем опфат со вакцинација од друга страна, ја добивме таа бројка, а сега гледаме дека нема да бидеме многу далеку од неа.
Штета што нашите здравствени власти веќе два месеци не објавуваат броеви на заразени и починати според вакциналниот статус, па не можеме повеќе да правиме пресметки на ефективноста на вакцините. Последниот податок беше дека ефективноста против смртен исход многу бавно се намалува, односно кај постарите од 60 години таа се одржуваше на околу 87%, што е прилично солидно. Подобро да се штитиме со вакцини, отколку да се изложуваме на ризиците од лекување во македонскиот здравствен систем.