Металот од којшто е изработена камата на “детето фараон“ не потекнува од Египет. Дека потеклото на металот што се користел за ковање на сечилото од камата сместена во завоите на Тутанкамон, фараонот кој починал на 18-годишна возраст во 1323 година п.н.е., не потекнува ниту од овој свет беше речиси сигурно. Сега група истражувачи ги наоѓаат доказите за неговото потекло во дипломатска кореспонденција стара 3400 години.
Префинетата кама, еден од најмистериозните предмети во богатството на фараонот, беше пронајдена во неговиот гроб. Сечилото е направено од железо, метал кој во древниот Египет бил мошне редок и поскапоцен и од златото. Железното доба всушност сè уште не било започнато – производството на железни предмети честопати било случајно, веројатно некогаш тоа се појавувало како нуспроизвод при рафинирањето на бакарот, додека финалните производи биле со слаб квалитет. Но ова не е случај и со сечилото од камата коешто е изработено со ковање на железото од метеорит што паднал на Земјата, а тоа и не било можеби реткост со оглед на тоа што во бронзеното доба веќе се изработувале поквалитетни алатки токму со екстракција на железо од метеорити.
Камата е пронајдена во гробот на детето-фараон
Уште во 2016 година, една група истражувачи претпоставуваше дека железото од камата потекнува од метеорит. Но ако и имаше некои сомнежи тие повеќе од сигурно ќе исчезнат, бидејќи најновата студија објавена во Meteoritics & Planetary Science овозможи да дознаеме нешто повеќе за видот на метеоритот и за неговото потекло.
За анализа на артефактот истражувачите користеле емисија од недеструктивни рендгенски зраци со кои го бомбардирале сечилото додека го набљудувале од блиску под микроскоп. Во сечилото, освен железо, биле откриени манган и никел, а во помала мера и цинк, сулфур и хлор. Уште поинтересно е откритието на карактеристичнатите т.н. Видманштетенови структури, специфични ленти што меѓусебно се вкрстуваат, шара што често се среќаваат кај црните метеорити. Ова укажува на тоа дека метеоритот од камата припаѓал на групата наречена “октаедрити“, досега најголемата позната група железни метеорити. Слични структури биле забележани и порано кај други артефакти, како што е еден древен меч пронајден во Јапонија.
Карактеристичните Видманштетенови структури
Но, каде паднал метеоритот од којшто е изработено сечилото? Деталната анализа не успеа да го утврди ова прецизно. Меѓутоа, на одговор на ова прашање можеби нудат Писмата од Амарна, дипломатска кореспонденција од пред 3400 години, што се одвивала еден век пред да биде погребан фараонот “Тут” (како што археолозите нагалено го нарекуваат). Се работи за околу 380 документи напишани со клинесто писмо во глинени плочки, кои се пронајдени во 1887 година во Среден Египет, во Амарна, локалитет на ископини околу античкиот Ахетатон.
Една од глинените плочки, дел од дипломатската преписка стара 3400 години
Проучувајќи ги преписите, истражувачите забележале дел во кој, меѓу многуте подароци примени од египетскиот двор, се споменува железна кама со карактеристики идентични на оние на камата на Тутакамон. Во него се наведува дека предметот му бил подарен на дедото на Тутанкамон, Аменофи III (1417 – 1379 п.н.е.) од страна на Тушрата, владетел на кралството Митани. Ова би можело да биде дефинитивен доказ дека метеоритот е пронајден и собран на териториите на таа империја, лоцирана на левиот брег на Еуфрат, на просторот на денешна Сирија.