Масата од прашина и светлите вртлози од ѕвезди на фотографијата претставува слика од галактичкото соединување IC 2431 кое се одвива на оддалеченост од 681 милион светлосни години од Земјата, во соѕвездието Рак.
Вселенскиот телескоп Хабл сними нешто што наликува на процес на тројно спојување на галаксии, како и калабалак од ѕвездени формации и плимни изобличувања предизвикани од гравитациските интеракции на ова галактичко трио. Густ облак од прав го прикрива центарот на сликата, иако светлина од галаксијата во позадина се пробива низ надворешните граници од облакот. Оваа слика е добиена со спојување на серија фотографии од набљудувања на Хабл со кои се истражуваат чудните и прекрасни галаксии пронајдени за време на граѓанскиот научен проект Galaxy Zoo.
Оригиналниот проект Galaxy Zoo претставуваше досега најголемо пребројување, односно попис на галаксиите и се потпираше целосно на „краудсорсинг“ – 100 000 доброволци, најголем дел аматери, потрошија дел од своето слободно време за класифицирање на 900 000 неиспитани галаксии. Користејќи ја моќната ACS камера (Advanced Camera for Surveys) на Хабл, астрономите ги проучија подетално некои од понеобичните галаксии што беа идентификувани од страна на волонтерите. За само 175 дена проектот успеа да постигне нешто за што на професионален астроном би му биле потребни години работа. Истовремено проектот беше инспирација и поттик за организирање на повеќе други слични астрономски граѓански научни проекти.
Подоцнежните проекти на Galaxy Zoo придонесоа за досега најопсежното истражување за галактички судири и спојувања и за плимни џуџести галаксии, како и откривање на сосема нови типови на компактни галаксии во кои се формираат ѕвезди.