Не е само пандемијата таа што го зголемува чувството на осаменост: науката објаснува зошто стекнувањето нови пријатели, кога не сте млади е покомплицирано.
Физичкото дистанцирање, заклучувањата и карантините имаа негативни ефекти врз социјалниот живот на милијарди луѓе ширум светот. Ова потврдуваат многубројни студии што беа спроведени во текот на последниве две години за врската помеѓу пандемијата и психолошката благосостојба. Исто така е докажано и дека чувството на премногу осаменост боли. Впрочем, едно истражување од 2010 година објаснува дека патолошката осаменост има подеднакви негативни ефекти врз кардиоваскуларниот систем како и пушењето цигари! Па како да го надминеме ова? Здравиот разум диктира дека одговорот е очебиен – преку дружба со пријатели или со стекнување нови пријателства. Но, ова може да е проблем...
Стекнувањето нови пријатели, особено за возрасните, не е лесно. Ова го потврдува едно неодамнешно истражување спроведено во Австралија, според кое оние кои не успеале да одржуваат блиски врски во детството, тешко дека ќе можат да создадат нови откако ќе пораснат. Студијата е спроведена од тим психолози и експерти за социјални односи од Институтот за иновации за здравје Ајверсон во Мелбурн и е достапна на веб-страницата на универзитетот (тука) заедно со голема количина на податоци.
Првата работа што “боде очи” е тоа какво влијание пандемијата навистина имаше врз човечките односи: ако пред ковидот околу една третина од австралијците изјавиле дека барем еднаш доживеале длабоко чувство на осаменост, по пандемијата ова чувство совладало повеќе од 54 % од испитаниците.
Настрана пандемијата... што, всушност, го отежнува создавањето нови социјални врски? Според истражувачите, возрасните потешко од младите им веруваат на луѓето што не ги познаваат, а ова чувство важи и за многу млади луѓе. Затоа, укажуваат научниците, мошне важно е да се одржуваат и да се негуваат блиските врски од училишните денови. Ако сакате, гледајте на ова прашање како на заштеда на енергија. Како возрасни се плашиме да не ни судат, дека ќе нè отфрлат, дека нема да им се допаѓаме на другите, и се плашиме да не бидеме повредени.
Истражувањето покажа дека за возрасните стекнувањето пријатели најмногу е проблем поради недостатокот од време – според интервјуираните, работните обврски, семејството и зафатениот живот не оставаат простор за воспоставување на нови социјални врски. Очигледно, затоа што за создавање нови пријатели е потребно време. Колку точно време? На ова одговор дава едно истражување од 2018 година, според кое потребни се најмалку 50 часа поминати заедно со друго лице, во близок контакт, за повременото познанство да се трансформира во благо пријателство и најмалку 200 дополнителни часа за тоа да ја добие назнаката “блиски пријатели“. Работните пријателства се важни до одредена точка, бидејќи и со некои од колегите знаеме да споделиме нешто повеќе детали од безличниот, чисто професионален живот.
Дали ова значи дека, на крај, осаменоста е неизбежна? Австралиските истражувачи велат не. Но, за да ги негувате пријателствата потребна е посветеност и истрајност, дури и 10 минути дневно може да бидат доволни. Можеби токму сега е време да му испратите порака на некој од другарите од училишните клупи со кого не сте се слушнале 20 години.