Шеќерот и засладувачите предизвикуваат двe различни нервни реакции. Притоа само една од двете супстанции испраќа сигнали за задоволство до мозокот. Погодете која ...
Многу е тешко е да го измамиме телото. Кога, на пример, се обидуваме да ја угасиме желбата за шеќер, заменувајќи го со засладувачи, телото го сфаќа тоа и не дозволува да го залажеме. Овој механизам е познат со децении, но досега сè уште не беше јасно како нашиот организам ја открива измамата. Едно истражување спроведено од Универзитетот Дјук (САД), коешто неодамна беше објавено во Nature Neuroscience, истражуваше што точно се случува во цревата на молекуларно ниво. Тие открија дека постои одредена група клетки што предизвикуваат два различни нервни одговори врз основа на откриената супстанција – шеќер или засладувач.
Претходните истражувања покажаа дека во цревата има клетки што се директно поврзани со невроните (а со тоа и со мозокот), слични на оние кои го откриваат вкусот и мирисот. Овие чувствителни клетки, наречени невроподи (цревни сензорни епителни клетки), пренесуваат информации до мозокот неколку милисекунди по откривањето на присуството на шеќер. Шеќерот што го внесуваме ги стимулира овие цревни клетки кои ослободуваат глутамат (еден од најважните невротрансмитери во нашиот нервен систем) и го активираат вагусниот нерв.
Надоврзувајќи се на ова знаење, истражувачите од Универзитетот Дјук дополнително го истражија целиот процес, обидувајќи се да разберат како невроподите можат да ги разликуваат шеќерот и засладувачите. За оваа цел тие ги инјектирале овие две супстанции директно во цревата на анестезирани глувци и потоа ја анализирале понатамошната реакција.
Резултатите покажале дека невроподите го детектираат присуство на шеќер преку транспортерот SGLT1, кој ги стимулира да ослободуваат глутамат кој пак го активира вагусниот нерв, одговорен за испраќање сигнали на задоволство до мозокот (поради што се чувствуваме задоволни по земањето шеќер); но кога засладувачот доаѓа во контакт со невроподите, клетките ослободуваат АТП (аденозин трифосфат), невротрансмитер кој активира различна област на патеката црево-мозок (и нè остава незадоволни).
Според ендокринолозите ова знаење би можело да се употреби за промена на начинот на којшто се храниме. Кога би можеле, на пример, да создадеме засладувач (без калории) што би имал способност да ја предизвика истата реакција како внесувањето на шеќер и со тоа да го наведе умот да поверува дека внесуваме калорична храна. Но, зарем не би било полесно да научиме како да ги контролираме нашите желби?