Всушност, работите и не се толку многу драматични како што тврди насловот, но сепак се доволно возбудливи да им го посветиме нашето целосно внимание ;) Дел од ракетата на SpaceX, што беше лансирана пред седум години и којашто остана “заробена” во вселената по извршувањето на мисијата, ќе се урне на Месечината во март, велат експертите.
Вообичаено за SpaceX е да ги врати неговите ракетни бустери во атмосферата на Земјата за тие да се распаднат и во најголем дел да согорат некаде над океанската површина, додека првиот степен од ракетата се обновува и се користи одново и одново. Меѓутоа, ова не беше “судено” за вториот степен од ракетата Falcon 9 лансирана 2015 година, заедно со Климатската опсерваторија од длабока вселена (Deep Space Climate Observatory, DSCOVR) на НАСА којашто беше поставена во Лагранжовата точка 1. Лансирањето се одвиваше според планираното: првиот степен го однесе остатокот од ракетата надвор од атмосферата по што изврши контролирано враќање назад на Земјата. Вториот степен продолжи со сателитот уште некое време и го насочи кон неговото долгото патување до точката („L1“) помеѓу Земјата и Сонцето. По одвојувањето од сателитот, вториот степен остана со оскудна количина погонско гориво, недоволно да се насочи контролирано назад во атмосферата на Земјата за да се уништи. Истовремено, тој не можеше да смета на доволен потисок за да избега од гравитацијата на Земјата и на Месечината, па остана заробен помеѓу двете небесни тела во прилично хаотична орбита, ефективно претворајќи се во вселенско "ѓубре".
Новиот курс на ова парче вселенски отпад, којшто го носи до судир со Месечината, го пресмета Астрономот Бил Греј. Како што открива тој, бустер-ракетата веќе помина мошне блиску до Месечината во јануари, по што дојде до промена на нејзината орбита. Греј е астрономот кој стои зад проектот Плутон, софтвер што овозможува пресметување на траекторијата на астероидите и другите објекти во вселената и којшто се користи во програмите за набљудување на вселената финансирани од НАСА.
Една недела откако ракетниот степен се приближи до Месечината, Греј повторно го набљудуваше и заклучи дека тој ќе удри во подалечната страна на Месечината на 4 март, движејќи се притоа со брзина од над 9000 километри на час. Греј апелираше до заедницата на астрономи аматери да му се придружат во набљудување на бустерот, по што неговиот заклучок беше потврден. Точното време и местото на судир може малку да отстапуваат од неговата прогноза, но во заедницата постои општа согласност дека на назначениот датум објектот ќе се судри со Месечината.
Лансирањето на ракетата Falcon 9 на SpaceX од Кејп Канаверал во 2015 година. Ракетата имаше за цел да го однесе во орбита сателитот за следење на климата и климатските промени на американската агенција NOAA
Како што открива Греј, тој веќе 15 години го следи вселенскиот отпад којшто се наоѓа во орбитата на Земјата и ова е првиот непланиран удар во Месечината што тој го забележал во овој период. Како и многумина други, тој смета дека е време е да се започне со регулирање на тоа кој и што остава во вселената. Неговиот колега, астрономот Џонатан Мекдауел смета дека е сосема можно во минатото веќе да имало слични удари во Месечината предизвикани од вселенски отпад, меѓутоа дека тие сосема веројатно поминале незабележително. Како што тој посочува во текот на 60-тите, 70-тите и 80-тите години од минатиот век, најмалку 50 објекти се оставени да лебдат напуштени во подалечната орбита на Земјата, а никој претходно не се занимавал да ја следи нивната траекторија. Астрономите успеале да ги “пронајдат ”и во моментов следат неколку од овие објекти, но добар дел од нив не успеале да ги пронајдат, веројатно затоа што веќе ги нема. Тој претпоставува дека барем неколку од овие парчиња старо вселенско ѓубре удриле во Месечината без притоа никој да не го забележи тоа.
Ударот на ракетниот дел од SpaceX тежок четири тони во Месечината нема да биде видлив од Земјата во реално време. Но, тој ќе создаде кратер на површината на Месечината којшто научниците ќе можат да го набљудуваат со повеќе вселенски летала и сателити, како што се орбитерот ЛРО на НАСА или индискиот Чандрајан-2, и на тој начин да дознаат повеќе за геологијата на Месечината.
Во минатото повеќе вселенски летала беа контролирано судирани на Месечината во научни цели, како на пример за време на мисијата Аполо со цел да се тестираат поставените сеизмометри на површината. Во 2009 година, НАСА испрати ракета да се удри во Месечината во близина на нејзиниот јужен пол, со цел да бара вода. Но, повеќето ракети не се оддалечуваат толку многу од Земјата.
Греј смета дека во иднина може да се случат повеќе непланирани удари во Месечината бидејќи американските и а особено кинеските вселенски програми оставаат сè повеќе ѓубре во нејзината орбита. САД заедно со меѓународните партнери веќе планираат создавање на вселенска станица којашто би орбитирала околу Месечината. Според Мекдауел поставувањето може да биде мошне проблематично со зголемувањето на вселенскиот сообраќај, па и тој смета дека е крајно време да се води сметка за она што непотребно се остава во орбита на Земјата и на Месечината.
Компанијата на Илон Маск, SpaceX во моментов развива лунарен лендер што треба да и овозможи на НАСА да испрати астронаути назад на Месечината најрано до 2025 година.