Сите ја знаеме добро увежбаната зимска процедура – сè што ќе остане од сармата се пакува во пластичен сад и се мрзне за понатамошна употреба. А, пластичните садови ги употребуваме не само за сарма, туку и за складирање мрсни салати, славски колачи, торти и што уште не. И сево ова се повторува одново и одново. А зошто да не, кога тие се мошне практични за складирање. Но, кога треба пластиката за повеќекратна употреба да се измие, ете проблем – таа многу тешко се мие од маслото, а откако ова некако и ќе ви појде од рака, времето потребно за пластиката да се исуши е навистина долго. Зошто е тоа така?
Ова се случува поради тоа што пластиката е хидрофобна, што значи дека таа ја “одбива” водата. Токму овa нејзинo својствo е она што пластиката ја прави толку посакуван материјал за складирање храна. За разлика од дрвото или од картонот, пластиката не дозволува водата да се пробие во внатрешноста, ниту пак овозможува водата одвнатре да истече надвор, па складираната храна трае подолго. За жал, токму хидрофобноста го отежнува и чистењето и сушењето на пластичните садови. Ако капнете вода врз рамна пластична и врз рамна керамичка површина, мошне веројатно двете капки ќе формираат различни форми. На керамиката, капката ќе се прошири повеќе и ќе изгледа порамна, додека онаа врз пластиката ќе се збие и ќе остане висока и позаоблена. Водата ќе избегне интеракција со пластиката колку што е можно повеќе. Ако водата не се шири преку површината, потребен е подолг период таа да испари, па токму затоа на пластиката и е потребно и подолго време да се исуши.
Погледнете ги капките на секоја од овие супстанции испуштени врз парафилм или врз тефлон. Водата стои највисоко врз хидрофобната површина, додека рицинусовото масло “тоне” најмногу врз неа. Фото: DaraDaraDara CC4.0, wikimedia
Исто така, хидрофобниот карактер на пластиката е она што овозможува маслото лесно да се лепи за неа. Составот на маслото и на пластиката е мошне сличен. Пластичните садови за храна вообичаено се изработуваат од супстанцијата наречена полипропилен. Се работи за полимер направен од атоми на јаглерод и на водород. Маслото за готвење, исто така, содржи маснотии кои се состојат воглавно од јаглерод и од водород (со малку кислород), и коишто се меѓусебно поврзани на сличен начин. Атомите на јаглеродот и на водородот формираат нешто што хемичарите го нарекуваат неполарна врска. Овие неполарни молекули прилично се привлекуваат едни со други, па така многу е поголема веројатноста тие да се измешаат и останат “залепени”. Oд друга страна, молекулата на водата е поларна, со поларни водородно-кислородни врски во неа. Па затоа таа ја “одбива” пластиката и не се меша со маслото.
Ако го повторите вашиот експеримент со капки од масло, ќе видите дека тоа многу полесно “тоне” на пластичната површина отколку врз керамиката. Бидејќи маслото е хидрофобно како и пластиката, тоа му “пркоси” на плакнењето, а бидејќи има повисока точка на вриење од водата, маслото не испарува додека пластиката се суши, туку останува врз неа и се шири понатаму врз површината.
Ако се мачите да ги измиете садовите, обидете се да ги истриете со чист детергент пред да ги измиете со вода. Молекулите на детергентот имаат својство да ги привлекувааат и маслото и водата (односно, тој има и неполарни и поларни делови, соодветно), што е токму она што го прави успешен во чистењето. Ако за отстранување на маслото примените нешто има помала содржина на вода, поголема е веројатноста да го отстраните.