Во северозападна Шпанија е откриена ризница од околу 200 монети од римската ера благодарение на очигледните напори на гладен јазовец којшто бил во потрага по храна, јавуваат археолозите.
Монетите, што археолозите ги опишуваат како „исклучително откритие“, биле откриени во април 2021 година во пештерата Ла Куеста во Берсио, во регионот Астурија. Деталите за откритието беа објавени минатиот месец во Journal of Prehistory and Archaeology којшто го издава Автономниот универзитет на Мадрид.
Монетите најверојатно биле ископани од јазовец кој барал храна за време на огромната снежна бура Филомена којашто ја парализираше Шпанија во јануари 2021 година. Во тоа време, многу суштества се бореле да најдат бобинки, црви или инсекти за јадење. Јазовецот откопал неколку метални дискови што, за жал, не можел да ги јаде и ги оставил на подот од пештерата, во песокот, каде подоцна биле забележани од локален жител.
Римските монети сосема веројатно биле ископани од јазовец во потрага по храна, за време на снежната олуја Филомена што ја парализираше Шпанија лани ова време
Археолозите на локацијата пронашле вкупно 209 монети кои датираат од периодот помеѓу 3. и 5. век од нашата ера. Како што пишуваат тие. повеќето од монетите од доцната римска ера потекнуваат од северниот и од источниот Медитеран, од Антиохија, Константинопол, од Солун, подоцна поминале низ Рим и Арл и Лион во јужна Франција, иако барем една монета дошла од Лондон.
Количината на пронајдени монети, како и несомнениот археолошки интерес за периодот на транзиција кон раниот среден век, го прават богатството откриено во Берцио исклучително откритие. Истражувачите велат дека монетите најверојатно биле преместени таму во „контекст на политичка нестабилност“, којашто веројатно била поврзана со инвазијата на Субијците, германски народ којшто навлегол во северозападниот дел на Пиринејскиот полуостров во 5 век.
Археолози во пештерата Ла Куеста во Берсио, Астурија, каде јазовецот ги "пронајде" монетите