Точката на изгрејсонцето вдолж источниот хоризонт секојдневно се менува по малку. На северната хемисфера, од првиот зимски ден до првиот ден од летото таа привидно се движи кон север, а потоа полека “патува” назад кон југ сè до првиот ден од зимата. И покрај популарната заблуда, Сонцето изгрева на точно од исток (и заоѓа точно на запад) само двапати во годината – во деновите на пролетната и на есенската рамноденица.
Точката на изгрејсонце се менува секојдневно поради накосеноста на оската на ротација на Земјата во однос на рамнината еклиптика, односно на нејзината орбита околу Сонцето. Промената е најзабележлива во периодот околу рамнодениците (21 март и 21 септември) а најмалку забележлива во периодот околу солстициумот (21 јуни и 21 декември). Колку што набљудувачот се наоѓа подалеку на север или на југ од екваторот на Земјата, толку е поголема и вкупната промена во положбата на изгрејсонцето.
Во Едмонтон, Алберта, на северна географска широчина од 53,5 степени, промената на точката на изгрејсонцето во текот на шестте месеци помеѓу краткоденицата и долгоденицата (зимскиот и летниот солистициум) е доста голема – 84 степени. Фотографот Лука Ванзела го избрал, според него, едно од најдобрите места во Едмонтон, во провинцијата Алберта, Канада, од коешто може да се следи промената на точката на изгрејсонце. Тој го фотографирал изгрејсонцето еднаш месечно во текот на целата година, притоа се обидувал денот кога фотографирал да биде што е можно поблиску до 21-виот ден во месецот, во зависност од ведрината на утринското небо.
Конечната слика е резултат од спојување на на 13 слики на изгрејсонце направени во временскиот период од декември 2020 година до декември 2021 година, со цел визуелно да се прикаже промената во точката на изгрејсонце во текот на цела една година.
Фотографијата е направена со употреба на фотоапаратот Canon 60D, при што бил користен објектив Canon EF-S 10-18mm, со отвор на бленда f/4.5, 10mm FL.