Ефективниот репродукциски број Rt (на дијаграмот на првата слика), движејќи се осцилаторно меѓу двете зелени линии на трендот, сепак покажува благ нагорен тренд. Неговата средна вредност од подединечна (Rt.sr<1) деновиве стана единечна (Rt.sr=1,0), со тенденција наскоро да стане надединечна (Rt.sr>1), што би значело дека дневните броеви на нови случаи во просек наскоро ќе започнат да се зголемуваат. Најпрво, уште при ниски дневни броеви доаѓа до забрзување (што со голо око не е видливо), а со текот на времето забрзувањето доведува до зголемување на брзината на растот.
На дијаграмот на втората слика забележуваме дека стапката на позитивни тестови сé уште се намалува (црвената линија), како што се зголемува бројот на тестирања деновиве. Истовремено, бројот на нови случаи (сината линија) покажува мало свртување нагоре. Можеби изгледа како обичен статистички шум, но знејќи дека омикрон сојот е веќе меѓу нас, не можеме да се надеваме на понатамошно намалување на дневните броеви.
Големиот наплив на печалбари деновиве не може да донесе ништо добро во епидемиолошка смисла. Не се работи само за внесување на омикрон сојот, туку и за прегратки, метеж по кафеаните и весели новогодишни дочеци, со многу викање и емитирање вируси во големи количества.
Иако во Јужноафриканската Република омикрон сојот доведе до резок пад на хоспитализациите и леталитетот (на дијаграмот на третата слика), сепак во Данска и Велика Британија – најверојатно поради големата стапка на вакцинација – не се забележува намалување на стапката на хоспитализираност. Во секој случај, во сите три земји забележуваме екстремно ниска стапка на леталитет (Case Fatality Rate – CFR), што не би можело да се каже за Македонија. Кај нас стапката е многу висока, па дури покажува тенденција на зголемување последниве денови.
Една од претпоставките (што постојано се врти по медиумите деновиве) е дека со ширењето на омикрон сојот и кај нас леталитетот и морталитетот нагло ќе опаднат. Но што ако не се случи тоа, на пример поради пониската прележаност кај нас во однос на ЈАР, но и понискиот опфат со вакцинација во однос на Велика Британија и Данска? Веќе има информации дека лесната клиничка слика важи само за вакцинираните и прележаните, а не за сите.
Во услови на неизвесност, најдобро би било да се биде претпазлив и сите мерки да се засилат, а не намерно да се олабавуваат, како што прават нашите здравствени власти. Нивното несериозно однесување, само за време на делта сојот веќе донесе 2400 официјално потврдени смртни случаи. Во Битола велиме: „сто стапа по туѓ грб ич не болат“, па така и на власта воопшто не и беше гајле ни досега, а нема да и биде гајле ни отсега за страдањата на луѓето. Значи, мора повеќе да се внимава.
Всушност, власта е генератор на неодговорно и ноншалантно однесување. Најмалку што би можела да направи, би требало на населението да му укаже дека кафеаните се опасни места, а тоа што се отворени – воопшто не значи дека се и безбедни. Второ, да им укаже на луѓето дека таму влегуваат на сопствен ризик. Некој можеби и би се подзамислил пред да влезе и да се зарази, а вака безгрижно влегува, бидејќи нема кој да му каже дека тоа не е безбедно. Можеби за нив лично е безбедно, но гледаме колку стари и болни лица , кои не влегувале никаде, туку вирусот им бил донесен дома, умреле поради таквото размислување (поточно отсуство на размислување).
Во услови на неизвесен развој на настаните, особено кога повеќето земји преземаат засилени мерки, предострожноста може да донесе само корист, никако штета. Една работа што ја научив од авијацијата, како ризична активност, може многу добро да се примени и во случајот на епидемијата. Имено, доколку имаме нејасна ситуација и изборот е помеѓу „да“ и „не“, во авијацијата изборот е секогаш – „не“. Ова едноставно правило, напишано со крв, спасило и допрва ќе спасува животи. Зар не би можеле да бидеме малку порационални и да користиме паметни правила, наместо да се потпираме на непромислените правила на политичарите?