Ембрионот од диносаурус стар од 72 до 66 милиони години, којшто е пронајден во фосилизирано јајце, дава нов увид во врската помеѓу однесувањето на современите птици и диносаурусите.
Ембрионот наречен бебето Јинглијанг, кој бил откриен во карпестиот седимент од периодот на доцна креда на локалитетот Ганжу во јужна Кина, припаѓа на беззабен диносаурус теропод или овирапторосаурус. Фосилот, којшто е меѓу најкомплетните ембриони на диносауруси што било кога биле пронајдени, укажува на тоа дека овие диносауруси развиле зафаќање на речиси птичји пози во периодот пред излегување од јајцето.
Научниците откриле дека положбата на бебето Јинглијанг е единствена меѓу досега познатите ембриони од диносауруси – неговата глава лежи под телото, со стапалата од двете страни и со грбот свиткан долж тапиот крај на јајцето. Оваа досега невидена поза кај диносаурусите е слична на онаа кај ембрионите од современите птици. Имено, кај современите птици, ваквите пози се поврзани со т.н. “прекривање“ – однесување контролирано од централниот нервен систем коешто е критично за успехот на испилувањето: главата прекриена со нозете и крилата. По проучувањето на јајцето и ембрионот, истражувачите веруваат дека ваквото однесување пред испилувањето, коешто досега се сметало дека е уникатно кај птиците, можеби потекнува од тероподите.
Фосилизираниот остаток на бебето Јинглианг
Истражувачкиот тим во чијшто состав има научници од институции во Кина, Велика Британија и Канада, денес ги објави своите наоди во научниот журнал iScience.
Ембрионот е “замрзнат” во положбата што ја имал додека бил жив, без да претрпи многу пореметувања од фосилизацијата. Се проценува дека суштеството е долго 27 cm, мерено од главата до опашка, и е сместен во издолжено јајце долго 17 cm. Примерокот е дел од колекцијата на Природонаучниот музеј за фосили Јинглијанг и бил откриен случајно при прередување на примероците кои претходно биле во складиште, а кои требале да се преселат во нова зграда.
Како што укажуваат научниците, eмбрионите на диносаурусите се едни од најретките фосили и повеќето од нив се нецелосни, со изместени коски. Со оглед на тоа што бебето Јинглијанг е зачувано во одлична состојба, се очекува да им помогне во изнаоѓањето одговори на многу прашања во врска со растот и репродукцијата на диносаурусите.
Бебето Јинглијанг беше идентификувано како овирапторосаурус врз основа на неговиот длабок череп без заби. Овирапторосаурусите се група пердувести тероподни диносауруси, тесно поврзани со денешните птици, кои живееле во периодот Креда, а остатоци од нив досега биле пронајдени во Азија и во Северна Америка. Нивните променливи форми на клунот и на големината на телото веројатно им овозможиле да прифатат широк спектар на исхрани, па меќу нив веројатно имало и тревојади и сештојади и месојади.
Познато е дека птиците пред да се изведат, заземаат во јајцето низа положби за “прекривање“, при што го виткаат телото и ја ставаат главата под крилата и нозете. Ембрионите кои не успеваат да ги постигнат овие пози имаат поголеми шанси за смрт поради неуспешно испилување.
Споредувајќи го бебето Јинглијанг со ембрионите на други тероподи, диносауруси со долг врат и птиците, тимот предложил дека однесувањето процесот на “прекривање”, којшто се сметал уникатен за птиците, за првпат еволуирал кај тероподните диносауруси пред многу десетици или стотици милиони години. Дополнителни откритија на фосили од ембриони би биле непроценливи за понатамошно тестирање на оваа хипотеза.
Реконструкција на положбата на ембрионот на диносаурусот овирапторосаурус непосредно пред испилување. Реконструкцијата е направена врз основа на пронајдениот фосилизиран примерок од јајце