Изгледа дека ефективноста против заразување повеќе не се намалува (портокаловата линија на првиот дијаграм), односно не слегува под 20%. Напротив, се забележува дури и благо зголемување на ефективноста, најверојатно поради вакцинирањето со трета доза (бустер). Досега приближно секој десетти вакциниран со две дози примил и трета доза.
Ефективноста против смртен исход исто така покажува знаци на подобрување во последно време, дури и повеќе од ефективноста против заразување. Се разбира, сето ова важи под претпоставка дека добиваме валидни информации од МЗ.
Учеството на вакцинираните меѓу починатите (виолетовата линија на вториот дијаграм) драстично се намали последниве 3 недели. Доколку не беа третите дози, ова намалување на учеството би било прв знак за сомневање во веродостојноста на информациите од МЗ. Но, што е тука е, работиме со податоците што ги имаме, а тие кажуваат дека ефективноста започнала да расте.
Просечниот временски интервал од втората доза кај досега вакцинираните веќе изнесува 138 дена (повеќе од 4 месеци), што значи дека најголемиот дел од вакцинираните со кинеските вакцини се изложени на ризик и за нив веќе дошло време за примање на бустер доза (3 месеци по втората доза).
Последниве две недели се заразиле 1869 од 792,7 илјади вакцинирани (инциденца 168 заразени на милион вакцинирани дневно) и 2322 од 707,2 илјади невакцинирани (инциденца 235 заразени на милион невакцинирани дневно). Соодносот на ризиците изнесува 0,715, односно ефективноста (намалувањето на ризикот) против заразување изнесува 28,2%.
Последниве две недели починале 38 од 245,2 илјади вакцинирани постари од 60 години (морталитет 11 починати на милион вакцинирани постари од 60 години дневно) и 120 од 69,5 илјади невакцинирани постари од 60 години (морталитет 123 починати на милион невакцинирани постари од 60 години дневно). Соодносот на ризиците изнесува само 0,089, односно ефективноста (намалувањето на ризикот) против смртен исход изнесува дури 91% последниве две недели.
Од доаѓањето на Делта сојот во земјава починале 2286 лица. Доколку немало вакцини, би починале околу 5783 (се разбира, со извесен интервал на доверба), а доколку сите биле вакцинирани би починале околу 660 лица.
Во сите пресметки е сметано со вкупно население од 1,8 милиони, што не мора да значи дека е точна вредност. При помал број на жители, би се добиле повисоки ефективности.
Исто така, вршени се апроксимации за опфатот со вакцинација кај постарите од 60 години, бидејќи ИЈЗ веќе неколку недели не го објавува овој податок. Меѓутоа, бидејќи бројот на вакцинирани бавно се зголемува (уште побавно кај постарите), пресметката би требало да има задоволителна точност. Искористена е дополнитена претпоставка дека сите починати биле постари од 60 години, иако во реалноста од таа група доаѓаат околу 85% од починатите.
Со ова се докажува дека вакцините се сé уште ефикасно сретство за спречување на смртен исход (главната причина за вакцинација), но со текот на времето прилично ја изгубиле ефикасноста за спречување на заразувањето (со споменатата ефективност од 28%). Понатаму, се потврдува дека заразата може ефикасно да се спречи единствено со превентивни и рестриктивни мерки, како и интензивно тестирање на населението и изолирање на заразените и нивните контакти.