Истражувачите на Медицинскиот факултет при Универзитетот на Вирџинија развиле неинвазивен начин за отстранување на мозочните врски што не работат како што треба. Новата метода би им овозможила на лекарите да ги лекуваат некои невролошки болести без потреба од конвенционална операција на мозокот.
Тимот, заедно со колегите од Универзитетот Стенфорд, укажува на тоа дека пристапот, доколку успешно се примени во операционата сала, може да направи револуција во третманот на некои од најкомплексните невролошки болести, тука вклучувајќи ги епилепсијата, нарушувањата на моториката, како и на повеќе други. Пристапот користи фокусирани ултразвучни бранови со низок интензитет во комбинација со микромеурчиња за, накратко, да се пробие природната одбрана на мозокот и да се овозможи прецизна испорака на однапред избран невротоксин. Овој невротоксин има задача да ги убие мозочните клетки кои не функционираат како што треба, и со тоа се одговорни за нарушувањето, додека другите здрави клетки остануваат недопрени исто како и околната мозочна архитектура. Спротивно на тоа, моментално достапните хируршки пристапи ги оштетуваат сите клетки во третираниот регион на мозокот.
Новиот пристап, кој е наречен ПИНГ (PING) веќе покажал голем потенцијал во лабораториските истражувања. Според научниците, оваа нова хируршка стратегија има потенцијал да ги замени постоечките неврохируршки процедури кои се користат за третман на невролошки нарушувања кои не реагираат на лекови. На пример, една од можните примени за ПИНГ може да биде како хируршки третман на епилепсја во случаи кога пациентот не реагира на лекови. Имено, приближно една третина од пациентите со епилепсија не реагираат на лековите против напади, а операцијата може да ги намали или елиминира нападите кај некои од нив. Пронаоѓачите на ПИНГ-методата покажале, во лабораториски услови, дека со неа може да се намалат или елиминираат нападите, применувајќи ја во два истражувачки модели на епилепсија. Наодите ја зголемуваат можноста за лекување на епилепсијата со внимателно насочен и неинвазивен начин, без потреба од традиционална операција на мозокот.
Друга важна потенцијална предност на ПИНГ е тоа што може да го поттикне хируршкиот третман кај пациентите со епилепсија кои не сакаат да се подложат на конвенционална инвазивна или аблативна хирургија.
Прва клучна предност на пристапот е неговата неверојатна прецизност. ПИНГ користи магнетна резонанца за да им овозможи на научниците да ‘ѕирнат’ во внатрешноста на черепот, за потоа прецизно да ги насочат звучните бранови за да ја отворат природната крвно-мозочна бариера на телото точно онаму каде што тоа е потребно. Оваа природна бариера на организамот има за цел да ги држи штетните клетки и молекули надвор од мозокот, но исто така таа ја спречува испораката и на потенцијално корисни третмани.
Друга клучна предност на прецизноста на овој пристап е тоа што може да се користи за таргетирање на области со неправилна форма, до кои би било исклучително тешко или невозможно да се допре со конвенционална операција на мозокот.
Истражувачите се надеваат дек ПИНГ-метората ќе стане клучен елемент во следната генерација на многу прецизни, неинвазивни, неврохируршки пристапи за лекување на големи невролошки нарушувања.
Трудот со детален опис на ПИНГ-методата беше објавен деновиве во Journal of Neurosurgery .