“Разгледницата” што може да ја видите подолу претставува уметничка интерпретација од погледот на роверот Кјуриосити од високо на падините на една од планините на Марс, создадена од членовите на тимот на мисијата кои беа зашеметени од пејзажот.
Роверот Кјуриосити на НАСА направи извонредна фотографија од местото на коешто се наоѓа, на падините од планината Шарп на Марс. Тимот на мисијата бил толку инспириран од убавината на пејзажот, што искомбинирале две верзии од црно-белите фотографии, направени во различни периоди од денот на Марс, и им додале боја. На овој начин создале извонредна разгледница од Црвената планета.
Црно-белите навигациски камери на Кјуриосити ја снимаат целата околина, во агол од 360 степени секогаш кога роверот ќе го заврши планираното возење. За полесно испраќање на фото-панорамата до Земјата, роверот подготвува компримирана снимка во формат со низок квалитет. Но, кога тимот во контролната соба на Земјата го видел погледот од последната точка на застанување на Кјуриосити, тие сметале дека сцената е премногу убава за да не се сними со највисокиот квалитет што можат да го постигнат навигациските камери.
Композитната слика добиена со комбинирање на две различни фотографии направени во две различни времиња од денот, со помош навигациските камери на Кјуриосити (фото: NASA/JPL-Caltech)
Многу од досега најдобрите панорамски снимки од роверот направени со Mastcam, камерата во боја, којашто има многу поголема резолуција од камерите за навигација. Затоа тимот по свое видување ја обои оваа најнова слика. Сините, портокаловите и зелените нијанси не се она што би го видело човечкото око, тие всушност ја претставуваат сцената гледана во различни периоди од денот.
На 16 ноември 2021 година, односно сол 3299 од мисијата, инженерите му заповедале на Кјуриосити да направи два комплети мозаика / композитни слики, снимајќи ја околината најнапред во 8:30 часот и повторно во 16:10 часот по локално марсовско време. Овие два периоди од денот обезбедуваат најконтрастни услови на осветлување со што овозможија најдетален приказ на пејзажот. Тимот потоа ги комбинираше овие двете сцени, при што елементите од утринската сцена биле обоени во сино, а од попладневната сцена во портокалово, додека комбинацијата од двете снимки е претставена со зелена боја.
Двете фотографии од коишто е добиена композитната фотографија на пејзажот од којшто запира здивот – 'утринската' (лево) и 'вечерната' (десно) направени со навигациските камери на роверот (фото: NASA/JPL-Caltech)
Во центарот на сликата се протега погледот кон подножјето на планината Шарп, планината висока 5 километри по којашто Кјуриосити се искачува уште од 2014 година. Во далечината, десно од центарот, може да се забележат заоблени ридови. Во јули Кјуриосити обезбеди “гро-план” снимка од нив, поради тоа што со помош на роверот беа забележани некои интригантни промени во пејзажот. Полето со песочни бранови, во долниот лев агол, познато како “Песоците на Форви“, се наоѓа на оддалеченост од 400 до 800 метри.
На крајната десна страна од панорамата се наоѓа карпестата планина Рафаел Наваро, именувана по научник од тимот на Кјуриосити кој почина на почетокот од оваа година. Зад неа се забележува горниот дел од планината Шарп, далеку над областа којашто во моментов ја истражува Кјуриосити. Планината Шарп се наоѓа во кратерот Гејл, слив широк 154 километри формиран при метеорски удар во далечното минато. Во далечината на хоризонтот, оддалечен околу 30-40 километри од Кјуриосити, забележлив е работ од кратерот Гејл, висок 2,3 километри.
Мисијата Кјуриосити ја предводи Лабораторијата за млазен погон (JPL) на НАСА, од Калтек во Пасадена, Калифорнија.