Како што веројатно многу добро знаете, Аракис е името на планетата на којашто се одвива најголемиот дел од дејствието во Дина, првата трилогија од епската серија научно-фантастични романи на Френк Херберт, која подоцна ќе биде преточена во филмска сага. Со оглед на тоа што авторот со толку детали ја опишува пустината на Аракис ана, така што таа се чини вистинска, еден научен тим си поставил прашање дали на ваков свет воопшто би можел да вирее живот. А вие си мислевте дека само обичните луѓе се СФ-фрикови ;)
Истражувачите, кои поседуваат специфични вештини за климатско моделирање, успеале да остварат компјутерска симулација на условите на Аракис. Како што тоа за Conversation го објаснува Алекс Фарнсворт, од Кабот институт за животна средина при Школата за Географски науки: “Сакавме да дознаеме дали физичките услови и околината на еден ваков свет би можеле да се вградат во реален климатски модел“.
Научниците употребиле климатски модел којшто се користи за предвидување на времето и климата на Земјата, внесувајќи ги во суперкомпјутерот сите потребни податоци – од составот на атмосферата, преку обликот на планините, до интензитетот на сончевото зрачење. Тргнувајќи од внесените податоци, моделот ја успеал да ја симулира климата на планетата. Притоа, основните физички закони се истите што ја регулираат и климата овде, на Земјата, додека за некои специфични параметри на Аракис било неопходно информации да се побараат во “библијата” на секој обожавател на Херберт – Енциклопедијата на Дина, којашто во себе ги обединува сите факти и податоци врзани за оваа епска СФ-сага.
Висинска мапа на Аракис. Приказот е во метри
На овој начин било возможно во моделот да се додадат дополнителни топографски податоци за планетата, информации за нејзината орбита (која во суштина е речиси кружна, слична на онаа на Земјата) и многу повеќе. На компјутерот му биле потребни три недели “пресметковно време“ за да гo обработи огромното количество податоци. На крајот била создадена животна средина во којашто најтоплите месеци бележеле температури до 45 °C во тропските предели, додека во постудените месеци температурата никогаш не паѓала под 15 °C. Во основа, слично како и на Земјата.
Според истражувањето, најекстремни температури би имало на средните географски широчини. Тука во летниот период температурите би достигнувале до 70 °C на песокот, како што тоа е опишано и во Дина, додека зимите живата во темометарот би паѓала на околу –40 °C, на средните географки широчини, додека на половите таа бис е спуштала и до –75 °C. Понатаму, иако романот вели дека на Аракис никогаш не врне, климатскиот модел покажал дека во лето и на есен, мали ограничени количини од врнежи би можеле да се појават на планините и на висорамнините на повисоките географски широчини. Облаци? Иако би биле ретки како појава, тие сепак би можеле да се формираат во тропските предели и во поларните региони, но нивната густина би варирала од сезона до сезона.
Месечни температури на Аракис, според моделот. Забележливо е дека и на двата пола зимите и летата се со екстремни температури
Дали на една таква пустинска планета би можеле да преживеат луѓе? Веројатно да. Но, спротивно на она што се тврди во научно-фантастичната сага, сепак, најпогодна средина за живот би биле тропските предели. Средните географски широчини, каде што живеат повеќето жители на Аракис во сагата Дина, би биле најнегостопримливи поради високите температури. Во низините, просечните месечни температури честопати би надминувале 50 до 60 °C, додека дневни максимални температури би биле уште повисоки, со вредности кои се смртоносни за луѓето. Исто така, во областите надвор од тропските предели, зимските температури би биле неподносливи без технолошка поддршка.
Сепак, кога зборуваме за овој модел треба да се има на ум дека Френк Херберт ја напиша и ја објави “Дина“ во 1965 година, две години пред Сиукуро Манабе, нобеловецот за 2021 година, да го објави својот прв климатски модел, и секако без никаква помош од каков и да е суперкомпјутер. Ако ги имаме ова предвид светот којшто писателот го замислува изгледа извонредно реален дури и денес, повеќе од шест децении подоцна.