Инженерите успеале безжично да пренесат дигитално кодирани информации користејќи нуклеарно зрачење наместо конвенционална технологија.
Радиобрановите и сигналите на мобилните телефони го користат електромагнетното зрачење за комуникација. Но, инженерите од Универзитетот Ланкастер од Велика Британија во соработка со Институтот Јожеф Стефан од Словенија, успешно пренеле дигитално кодирани информации користејќи “брзи неутрони“.
Протоколи за безжичен пренос. – а) Приказ на конвенционален пренос со електромагнетни бранови
Истражувачите ја измериле спонтаната емисија на брзи неутрони од калифорниум-252, радиоактивен изотоп којшто се создава во нуклеарните реактори. Модулираните емисии биле мерени со помош на детектор и биле снимани на лаптоп компјутер. Неколку примери на информации, како збор, цела азбука и број, избрани “на слепо”, биле “вметнати” сериски во модулацијата на неутронското поле и излезната информација била декодирана со лаптоп компјутер на чијшто екран се прикажувале примените информации.
Протоколи за безжичен пренос – b) Аналогниот протокол за случајот на неутроните како медиум, каде што се користи електронски сигнал за модулирање на неутронско поле кое потоа се детектира, а добиениот електронски сигнал потоа се демодулира со цел да се извлечат кодираните информации.
Бил направен и двојно слеп тест во којшто бројката за пренос била добиена со генератор на случајни броеви, за потоа веднаш да биде кодирана без притоа таа да им биде откриена на оние што ја испраќаат. Бројот успешно бил пренесен и декодиран. Всушност, сите обиди за пренос на тестовите покажале 100% успешност.
Протоколи за безжичен пренос – c) Шематски дијаграм на поставеноста на модулацијата за изотопскиот неутронски извор со континуирана емисија; d) Шематски дијаграм на распоред на двонасочен примопредавател за случајот на импулсно поле од неутронски генератор на секоја страна од системот.
Според учесниците во истражувањето овој начин на пренос на информации би можел да се користи за безжична комуникација во услови каде конвенционалните начини на комуникација со електромагнетни бранови се невозможни или ограничен. Така комуникацијата со брзи неутрони би дала подобри резултати во однос на радиокомуникацијата, при пренос низ одредени материјали, вклучително и метали, коишто значително го слабеат електормагнетниот сигнал при преносот низ вакви медиуми. Исто така примена би се нашла и кај структури од затворен тип, каде не е препорачливо интензивно каблирање, со оглед на тоа што дупките би го нарушиле интегритетот на објектот.
Брзите неутрони, исто така, би можеле да се инкорпорираат во електронски системи со мешан сигнал со што би се постигнало мешање на сигналот помеѓу електроните и неутроните. Ова би може да придонесе за зголемен интегритет на преносот на информации.