Автомобилите веќе знаат како да се паркираат, да ги предупредат дремливите возачи, да се вратат на вистинската лента и да предлагаат маршрути до избраната дестинација. Сега, новите автомобили на Mazda што веќе следната година треба да започнат да се продаваат во Јапонија, ќе знаат кога возачите претрпеле мозочен или срцев удар, по што ќе застанат.
Според јапонскиот производител на автомобили, до 2025 година, возилата ќе может да “предвидат” кога возачите ќе претрпат некој ненадеен здравствен проблем и ќе ги предупредат Предвидувањето ќе се заснова врз податоците добиени од камерите во автомобилот, без прибегнување кон ласерски сензори или друга понаметлива технологија. Како што неодамна открија од Mazda, за да утврдат како изгледа просечниот здрав возач, наспроти онеспособениот возач кој колабирал врз воланот, во истражувањето на собраните сликовни податоци тие соработувале со медицински стручњаци, вклучително и со Универзитетската болница Цукуба.
Светлата за опасност се вклучуваат и исклучуваат откако тест-возачот 'претрпел' здравствен проблем. Автомобилот потоа безбедно запира на страна, предупредувајќи ги околните возачи. (Фото: Mazda Motor Corp)
Штом автоматиката, засега именувана како “концепт сувозач” (Co-Pilot Concept), ќе го препознае проблемот, во најкус можен рок таа ќе го сопре автомобилот на безбедно место, на пример, на работ од патот. Aвтомобилот би требало да ја вклучи сирената, трепкачките светла и светлата за опасност (во Мазда сè уште се дискутира за тоа кои сè точно предупредувачки сигнали ќе бидат вклучени). Истовремено ќе биде упатен и итен повик до брзата помош и до полицијата.
На слична технологија работат и другите големи производители на автомобили, вклучувајќи го германскиот Фолксваген и јапонскиот конкурент Тојота.
Камерите регистрираат дека возачот е онеспособен (Фото: Mazda Motor Corp)
Технологијата е токму она што е потребно за една популација што забрзано старее. Мазда најавува дека опцијата ќе биде достапна и кај моделите со пристапни цени, не само во луксузните возила. Освен тоа автомобилскиот гигант планира, по Јапонија, технологијата да ја понудат и на европскиот пазар. Но, на американскиот пазар понудата ќе доцни, поради тоа што што американската нација знае да биде пребирлива во поглед на она што е општествено прифатливо, иако слични системи што ги запираат возилата веќе се нудат од ривалите на овој пазар. Што се однесува до заштитата на приватноста, од Мазда уверуваат дека личните податоци не го напуштаат автомобилот.
Шалт-таблата во концепт-автомобилот. Возилото постепено забавува без да го попречи нормалното одвивање на околниот сообраќај (Фото: Mazda Motor Corp)
Како што споменавме, во Mazda работат и на начини да се предвиди здравствениот проблем што може да се случи иако возачот не е свесен за тоа. Автомобилот ќе ги “истражува” начините на кои луѓето го фокусираат својот поглед, нишањето на главите, малите отстапувања во навиките за возење и други суптилни промени. И потоа ќе ги предупреди возачите дури и пред да се појават вистинските симптоми. Но разбирањето и соработката од возачите е од клучно значење за оваа технологија да профункционира. Во тој поглед во Мазда сметаат на карактеристичната добра волја на јапонците да му помогнат на возач во неволја.
Технологијата има потенцијал да ги поттикне луѓето да продолжат да возат и во поодмината возраст, а ќе помогне на семејствата и пријателите на возачите да не бидат загрижени. Понудата на концептот сувозач ќе овозможи Mazda да добие повратни информации од реалните корисници со помош на технологијата ќе продолжи да се унапредува.