Четири млади девојки и едно момче од Охрид, студенти на возраст од 21 до 23 години од тимот TeamySeed се победниците на националниот хакатон одржан кои вчера во рамки на националното финале на натпреварот го презентираа своето решение за одгледување зеленчук во вселената. Со оваа апликација тие ја освоија главната национална награда – патување во Вселенскиот центар Кенеди (Kennedy Space Centar) на Наса, при што ќе имаат можност да присуствуваат и на лансирањето на ракета, планирано за почетокот на 2022 година. Покрај ова, заедно со второпласираниот тим AstriX се во конкуренција и за глобалната награда од NASA, чијшто победник ќе го селектира специјално жири од оваа агенција во периодот од 20 октомври до 30 ноември, по што ќе бидат прогласени и десетте глобални победници.
Реализацијата на натпреварот и националната награда е обезбедена со поддршка на амбасадата на САД во Скопје, која е традиционален поддржувач на овој хакатон.
Кај нас натпреварот се одржува во организација на Њуменс бизнис акцелераторот и фондацијата Голдилокс, предводени од Ирена Чаушевска Даниловска, национален координатор на натпреварот. Учество земаа вкупно 210 учесници, од кои 120 во категоријата до 12 години и 90 во категоријата наменета првенствено за средношколци студенти кои формираа 20 тима и се натпреваруваа за влез во финалето и престижните 1 и 2 место. Двете први места освоени на национално ниво директно им ги отвораат вратите на младите иноватори, истражувачи и решавачи на проблеми за претставување на своите решенија пред експертите на NASA, како и за пошироката заедница на меѓународни истражувачки проекти, фондови и инвеститори. Право на учество имаат сите млади таленти со познавања и вештини во најразлични области како програмирање, машинство, нови технологии, големи бази на податоци, дизајн, хемија, физика, математика, агрономија, астрономија, а секако и претприемништво.
Победничкиот тим Teamy Seed, е составен од пет студенти, четири по потекло од Охрид и еден од Скопје, на возраст од 21 до 23 години – Тијана Костовска (Машински факултет – мехатроника, УКИМ), Климент Младеноски (Машински факултет – мехатроника, УКИМ), Емилија Симјановска (Природно-математички факултет, УКИМ), Ивана Неделковска (Технолошко-металуршки факултет, УКИМ), Симона Шурбановска (Филолошки факултет, УКИМ) – кои го осмислија и дизајнираа “SALASTRA системот за автоматизирано одгледување на растенија” со кој ќе може да се одгледува спанаќ и други растенија во вселенските летала и на други планети, за потребите на астронаутите, но и на Земјата во сушни периоди или области.
Второпласираниот тимот AstriX, составен од 3 средношколци од ССОУ „Димитрија Чуповски“ од Велес на возраст од 16 и 17 години – Јани Штерјов, Ели Панова, Десанка Николова, како и Љубинка Ртоска професорка во истото училиште – креираа “Едукативна игра за вселената” наменета за најмладите, со цел зголемување на нивните знаења за вселената, како и љубопитноста и креативноста од најмали нозе.
Третопласираниот тим Young Scientists е составен од 4 студенти, од кои тројца по потекло од Струмица и 1 од Скопје, на возраст од 19 до 21 години – Љубица Гошева (Медицински факултет, УГД), Ружица Минова (Медицински факултет, УГД), Ангела Џингарска (ФИНКИ, УКИМ), Дорис Иванова (Филолошки факултет, УГД), како и професорките Зорица Масникоса-Поп Трајкова и Костадинка Тушева (дипломирани на Природно-математички факултет – физика, УКИМ) вработени во СОУУД „Димитар Влахов“ од Струмица. Тие осмислија и дизајнираа иновативен производ “Еколошки филтер со минералот зеолит” кој се поставува на издувниот систем на колите и ги апсорбира CO2 гасовите со што позитивно придонесува за намалување на причините за глобалното затоплување.
Прво и второпласираните тимови ги очекува дополнителна интензивна работа во следните неколку дена за да ги подготват своите решенија со поддршка на менторите и членовите на националната жири комисија, а пред стартот на глобалното оценување.
Овогодинешниот NASA Space Apps Challenge имаше над 28 000 учесници од 328 локации ширум светот, а се одржа во знакот на 10-годишниот јубилеј.
Во неделата на 3 октомври се одржаа презентациите на сите тимови од кои беа избрани тројцата финалисти. Финалето се одржа на 7 октомври, во просториите на софтверската компанија NETCETRA, пред жири и претставници од Американската амбасада во Скопје, како и претставници на Асоцијацијата на советници за кариера кои беа партнер организација на овогодинешниот хакатон, каде финалистите ги претставија своите проекти. Нa церемонијaта за прогласување на најдобрите и доделување на трофеите и наградите беа доделени и награди и признанија и на учесниците на детскиот натпревар за најмладите до 12 години, NASA Kids & Youth Space Challenge 2021 на кој пристигнаа над 100 проекти, цртежи и изработки.
Во рамки на настаните кои беа најава за хакатонот се одржаа подготвителни средби со учесниците, како и вебинар “Career Talk: Gils in Space and Science“.
Натпреварот NASA Space Apps Challenge секоја година привлекува сè поголем интерес кај младите и претставува одлична можност за сите компании, училишта и универзитети да ги препознаат и поддржат младите таленти во напорите да развиваат своите вештини и знаења и воедно претставува одличен начин за откривање, стипендирање и нивна рана регрутација.