Како што потврдија истражувачите од Австралискиот национален универзитет (АНУ) главни “виновници” за создавањето на гама-зраци без познато потекло, се галаксиите во коишто се формираат нови ѕвезди.
Водечкиот автор на студијата објавена неделава во Nature, д-р Мет Рот, од Истражувачката школа за астрономија и астрофизика при АНУ, изјавил дека сè досега не било јасно што точно ги создава гама-зраците, една од најенергетските форми на светлина во универзумот, коишто се појавуваат во деловите од навидум “празнo небо“.
На решавањето на мистеријата за неочекуваните гама-зраци, научниците работат повеќе од половина век, уште од 1960-тите години. Откритието може да се покаже корисно во напорите на астрономите да решат и некои други мистерии на универзумот, каква што е, на пример, онаа за типот на честички од кои се состои темната материја.
Постојат два очигледни извори кои произведуваат голема количина гама-зраци “видливи” во Универзумот. Еден е процесот при којшто гас паѓа во супермасивните црни дупки сместени во центрите на сите галаксии, односно во активното галактичко јадро, додека другиот извор е поврзан со формирањето sвезди во дисковите на галаксиите.
Детален поглед на небото во гама-зрачното подрачје (извор: NASA/DOE/Fermi LAT Collaboration)
Научниците успеале да ја моделираат емисијата на гама-зраци од сите галаксии во универзумот и потоа ги споредиле нивните резултати со предвидувањата за други извори. Било откриено дека галаксиите во коишто се формираат sвезди го произведуваат поголемиот дел од дифузното гама-зрачење, а не процесот којшто се одвива во активното галактичко јадро.
Истражувачите од АНУ успеале точно да го одредат изворот на мистериозните гама-зраци откако подобро разбирале како космичките зраци, односно честичките што патуваат со брзина блиска на брзината на светлината, се движат низ меѓуѕвездениот гас. Космичките зраци се мошне важни затоа што создаваат обилни емисии од гама-зраци во галаксиите во коишто се формираат sвезди при нивниот судир со меѓуѕвезден гас.
Податоците добиени од вселенскиот телескоп Хабл и од вселенскиот телескоп во гама-зрачното подрачје Ферми биле клучен податочен извор за ова откритие. Истражувачите ги анализирале повеќе информации за многу од галаксиите – како што се стапката на формирање sвезди во нив, нивната вкупна маса, физичката големина и нивната оддалеченост од Земјата.
Според научниците вклучени во ова истражување, нивниот модел би можел да се искористи и за предвидување на радио емисиите кои доаѓаат од галаксиите во коишто се формираат sвезди. Тоа потоа би помогнало за подобро разбирање на внатрешната структура на галаксиите.
Истражувањето е дело на автори од Австралискиот национален универзитет и од универзитетот Сапиенца во Рим, Италија.