Во денешниот времеплов одбележуваме 167 години од раѓањето на Џорџ Истман човекот што ја приближи фототехниката до обичниот човек, и 77 години од раѓањето на Ерне Рубик, човекот што ја создаде една од најпопуларните 3Д загатки, рубиковата коцка. А на денешен ден пред 189 години беше идентификуван и изворот на Мисисипи, најголемата река во Северна Америка...
12.7.1854 – Роден е Џорџ Истман, пронаоѓач
Џорџ Истман (George Eastman) е американски бизнисмен и пронаоѓач, познат по тоа што го создаде практичното пакување на филм во ролна со коешто помогна фотографијата да биде нешто коешто ќе може да го сработи и обичниот човек.
Во 1874 година, занимавањето со фотографија бараше голема посветеност. За некој да може да направи и изработи фотографија потребно беше да поседува цела низа робусни, а од друга страна мошне чувствителни предмети.Фотоапаратот сместен во дрвена кутија бил голем и мошне тежок, претежок за фотографирање “од рака”, што особено важело за подолгите експозиции. Поради тоа секоја фотограф морал да располага и соодветен цврст дрвен статив. Негативите од сликите биле формирани на стаклени плочи со различна големина коишто секој фотограф самиот требал соодветно да ги подготци со размачкување на емулзијата од сребрен нитрат над стаклото, се разбира, во затемнет шатор. Стаклените плочи лесно можеле да бидат уништени, а навлегувањето на малку светлина или прашинка при подготовката можело да предизвика вистински хаос. По експозицијата плочите морале веднаш да се развиваат пред да се исушат. Како врв на сè, повеќето од сиве овие предмети биле извонредно кревки и незгодни за транспорт, а истовремено и мошне скапи.
Џорџ Истман купил еден ваков целосен комплет за фотографија којшто планирал да го користи на неговото патување до Санто Доминго во Доминиканската Република. Иако не го презел патувањето , тој открил дека навистина уживал да фотографира. Од друга страна чувствувал дека мора да постои и поедноставен начин на којшто ќе може да се изработи една фотографија.
Првиот рачен фотоапарат од Кодак и механизмот за филмската ролна
Во текот на следните три години Истман експериментирал со повеќе разни гелови и успеал да пронајде начин да го елиминира процесот на нанесување влажна емулзија, заменувајќи го со сув процес при којшто плочите можеле однапред да се обложат и да се складираат. Истовремено тој патентирал и машина за масовно производство на неговите суви фотографски плочи. Со овие патенти, тој ја формирал компанијата Eastman Dry Plate. Подоцна тој ќе патентира и начин за елиминирање на кревките и габаритни стаклени плочи со употреба на филм во ролна.
Истман потоа ја формира компанијата Eastman Kodak со којашто ќе придонесе за понатамошно поедноставување на фотографијата. Имено, рачниот фотоапарат којшто веќе во 1888 година ќе се продава за 25 американски долари, ќе ја направи компанијата навистина позната. Апаратот содржел филм во ролна на којшто можеле да се направат 100 експозиции. Кога корисникот ќе ги искористел сите 100 кадри, ја испраќал камерата назад до компанијата Кодак, каде фотографиите се развивале, се подготвувале отпечатоци од нив, а во апаратот се ставала нова ролна со филм. Сета оваа размена меѓу корисникот и компанијата се одвивале преку пошта.
Воведувањето на фотоапаратот било популаризирано во јавноста со впечатлива и моќња рекламна кампања со мотото “На вас е само да го притиснете копчето, ние го сработуваме останатото!“ Камерата доживеала огромен успех. Луѓето сега можеле лесно да прават фотографии без потреба од некоја придружна опрема. Компанијата продолжила да изработува сè помали и поевтини фотоапарати и да ја шири популарноста на фотографијата.
Рекламен оглас за камерата со ролна на Кодак
Истман заработил многу пари од неговото откритие, а огромен дел од стекнатото богатство ги насочил за помош на другите луѓе. На своите вработени тој им поделил милиони долари со спроведување на специфичен план за споделување на профитот. Познатиот универзитет МИТ примил донација од речиси 20 милиони американски долари од извесен “г. Смит“, за којшто се открило дека е Џорџ Истман. Се смета дека сопственикот на компанијата Кодак донирал повеќе од 100 милиони американски долари на разноразни институции за образование и уметност, на паркови, болници и на навистина голем број добротворни организации.
За љубителите на документарниот филм кои сакаат да дознаат повеќе за Џорџ Истман и неговите огромни заслуги во доменот на фото и кинотехниката топло им препорачувам да го изгледаат документарецот “Волшебникот на фотографијата”, достапен на youtube во три дела – 1. дел тука, 2. дел тука и 3. дел тука (Н. С.)
13.7.1832 – Идентификуван е изворот на реката Мисисипи
Со должина од 3 766 километри, од нејзиниот извор до делтата на вливот од Мексиканскиот Залив и Атлантскиот Океан, реката Мисисипи е најдолгата река во Северна Америка. Реката собира една осмина од водите на сите реки на овој континет.
Изворот на моќната река Мисисипи, истекот од езерото Итаска
Изворот на Мисисипи бил непознат сè до 1832 година кога Хенри Роу Скулкрафт (Henry Rowe Schoolcraft) ќе тргне во истражување на горниот тек од реката и притоа ќе го идентификува езерото Итаска во Минесота (САД) како нејзин извор. (Н. С.)
13.7.1944 – Роден е Ерне Рубик
Ерне Рубик (Ernő Rubik) е унгарски математичар, архитект и едукатор, но најпознат е по создавањето на т.н. Рубикова коцка.
Рубиковата коцка, создадена во 1974 година и патентирана следната 1975 година, својата најголема популарност ќе ја доживее во текот на 80-тите години од минатиот век. Играчката се состои од 26 помали коцки кои се ротираат околу една централна оска. Секоја од деветте страни на коцката е составена од мали коцкички распоредени во формација 3 реда и 3 колони, секоја со лице обоено во различна боја/шара. Целта е на оваа 3Д загатка е преку ротирање на елементите околу оската коцката да се донесе/ нареди од случајно и хаотично поставени бои/ шари во состојба каде сите мали коцки од секоја од страните се обоени во иста боја/шара. Ваквото конечно решение на оваа 3Д загатка е едно од 43 квинитилион позиции во коишто може да се наредат составните делови од коцката.
Освен коцката Рубик ќе создаде уште неколку 3Д загатки – Рубиковата магија , Рубиковата змија, Рубик 360, и многу други, но ниту една од нив нема да ја доживее популарноста на коцката. (Н. С.)