Во следните редови одбележуваме 30 години од кога CBS го претстави сопственото решение за телевизија во боја, 154 години од патентот за бодликава жица, 23 години од денот кога за малку ја изгубивме сончевата опсерваторија SOHO и 24 години од сударот на карго бродот Прогрес со вселенската станица Мир...
25.6.1997 – Судар во вселената
Вселенското летало Прогрес наменето за носење товар беше на пробен лет кон вселенската станица Мир. Целта беше да се утврди дали вселенското летало може да се закотви рачно од страна на космонаут којшто се наоѓа на Мир со што би се елиминирал скапиот систем за автоматски докинг којшто се користел. Тестот беше спроведен и при претходната мисија за снабдување на Мир. Тој тест беше неуспешен и вселенското летало Прогрес за многу малку ја промаши вселенската станица и не се судри со неа. Во контролната соба на Земјата сметаа дека проблемот делумно се должи на дефект на радарскиот систем којшто обезбедува критични податоци за позицијата и за брзината. При овој, втор тест, радарот ќе биде исклучен и единственио помагало за навигација на пилотот ќе биде ТВ-камерата од леталото Прогрес.
Космонаутот Василиј Циблиев беше пилот и имаше потешкотии да го го распознае Мир од прекривката со облаци околу Земјата. Космонаутот Александар Лазуткин и астронаутот Мајкл Фоли се обидуваа да помогнат, набљудувајќи ја процедурата за докинг на капсулата Прогрес. Во моментот кога Циблиев сфати дека брзината на Прогрес е преголема, веќе беше предоцна за корекции на летот – Прогрес беше преблиску и се движеше пребрзо. Иако Циблиев ги вклучи ракетите за сопирање, тоа не беше доволно да се запре леталото. Прогрес се судри со еден од соларните панели на научниот модул Спектр за потоа да се удри и во самиот модул. Судирот беше доволно сериозен за да направи странична дупка во модулот Спектр и да иницира неконтролирано вртење на целата вселенска станица Мир.
Истовремено Мир почна да ја губи атмосферата. Космонаутите го исклучија напојувањето за Спектр и го запечатија модулот кој остана неупотреблив до крајот на работниот век на Мир.
Откако се реши проблемот со губењето воздух, веднаш се премина на решавање на проблемот со неконтролираното вртење на станицата. Напојувањето на станицата беше несигурно затоа што преостанатите сончеви панели поради вртењето не беа изложени на доволно сончева светлина. Ова ги направи компјутерите и жироскопите неупотребливи. Тогаш Фоли ја процени брзината на вртење со помош на неговиот палец и привидното движење на sвездите. Неговата проценка беше искористена од Контролата на Земјата која од далечина ги вклучи моторите на Мир за да го запре вртењето. Претпоставката на Фоли ќе се покаже доволно добра за да се врати електричното напојување, а потоа и да се започне со поправките.
Видеото во прилог содржи интервјуа со тогашните космонаути кои беа присутни при оваа драматична ситуација. (Н. С.)
25.6.1998 – Изгубен контакт со SOHO
Соларната и хелиосферна опсерваторија SOHO беше поставена во т.н. “хало” околу точката L-1, точка на гравитациски баланс помеѓу Земјата и Сонцето, оддалечена околи 1,5 милиони километри од Земјата. За среќа, губењето на контактот не беше траен и беше избегнат тешкиот удар којшто еден ваков дефект би го нанел во истражувањето на Сонцето. Контактот беше повторно воспоставен на 16 септември истата година, а веќе во октомври научниците успеаја да ги вратат во работна состојба сите научни инструменти.
Од нејзиното лансирање на 2 декември 1995 година до денес соларната опсерваторија им овозможи на наулниците симултано набљудување на внатрешноста и на атмосферата на Сонцето, на честичките во соларниот ветер и на хелиосферата. Но SOHO е истовремено и своевиден ран систем за тревога – овозможувајќи навремено предупредување и преземање мерки за намалување на влијанието на забележаните сончеви ерупции од врел, налектризиран гас, кои може да имаат влијание на современиот живот. (Н. С.)
24.6.1951 – Колор телевизија на американската CBS
Со почеток во 16 часот и 35 минути по локално време американската компанија Columbia Broadcasting System (CBS) премиерно го емитуваше едночасовната комерцијална ТВ-програма во боја наречена Премиера (Premiere). Програмата, со употреба на сисемот за секвенцијално поле (Field Sequential System) развиен од CBS, бешe емитувана од Њујорк во четири други града – Бостон, Филаделфија, Балтимор и Вашингтон (ДЦ). Во шоуто биле вклучени повеќе тогашни ѕвезди од шоубизнисот како Артур Годфри, Феј Емерсон, Сем Левенсон, Роберт Алда, Ед Саливан, Изабел Бигли и Гери Мур, а во најавата биле и директорите на CBS Вилијам Пејли и Френк Стентон. Но системот се покажал некомпатибилен за прием на тогашните црно-бели ТВ-приемници па набрзо потоа, веќе на 20 октомври истата година, тој бил прекинат и напуштен. (Н. С.)
25.6.1867 – Одобрен патентот за бодликава жица
Бодликавата жица била патентирана од извесен Лусиен Смит (Lucien B. Smith) од Охајо. Неговата идеја била претставена како “вештачко трње” изработена од жица од кратки метални шилци кои биле обвиткани околу жицата на правилни интервали. Американските фармери и сточари не располагале со многу природни материјали за изработка на огради, па ова достапно и лесно преносно решение брзо било прифатено како безбеден начин со којшто полјоделските култури би се заштитиле од добитокот. (Н. С.)