Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 24.6.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 24.06.2021 - 16:45

Во следните редови ги славиме родендените на американскиот физичар и нобеловец Мартин Перл, и на англискиот астроном и математичар сер Фред Хојл. Денес го одбележуваме и првиот падобрански скок од екстремна висина и регистрирањето на еден “лунотрес”...

 

24.6. 1927 – Роден е Мартин Перл

Мартин Луис Перл е американски физичар  и нобоеловец. Познат е по тоа што ја откри субатомската честичка која тој ја нарекол тау. Се работи за масивен лептон со негативен полнеж.

Тау честичката, пронајдена кон средината на 70-тите години од минатиот век, претставуваше прв доказ за постоењето на третата “генерација” елементарни честички. Тау е супертешка верзија на електронот, идентична со неа во речиси сè освен масата и долготрајноста. Имено, тау честичката е 3500 пати потешка од електронот и таа може да преживее едвам трилионити дел од секундата, додека електронот е стабилен.

За откривање на тау честичката Перл и неговиот тим користеле нов тип на судирачки престен SPEAR и LBL магнетен детектор.  Со нив можеле да детектираат и да разликуваат лептони, хадрони и фотони. Инструментот SPEAR овозможувал судирање на електрони и позитрони на енергии доволно високи за да доведат до создавање на тау – антитау пар.  Поради нејзината кратковечност Перл и тимот не успеале директно да ја забележат тау честичката, но таа била откриен посредно – преку аномалијата на настаните во кои биле детектирани паровите електрон и мион, или позитрон и антимион. (Н. С.)

 

24.6.1915 – Роден е сер Фред Хојл

Фред Хојл (Sir Fred Hoyle) е англиски астроном и математичар најпознат по неговата теорија на стеларна нуклеосинтеза, но и по повеќе контроверзни ставови кои ги имал во врска со некои од големите научни прашања.

Бил поддржувач на теоријата за стабилна состојба на универзумот (steady-state universe) во која се смета дека универзумот постојано се шири, но истовремено и материјата постојано се создава при што густината на материјата во универзумот останува секогаш иста. Хојл се спротивставувал на теоријата за Биг бенг (термин  што токму тој го смислил) постанок на универзумот, a ја промовирал идејата за панспермија како извор на животот на Земјата.

Иако Хојл бил мошне ценет за неговата работа на нуклеосинтезата и популаризацијата на науката, поради неговото спротивставување на голем дел од широкоприфатените научни теории се стекнал со репутација на контроверзна личност.

Освен како астроном Фред Хојл е познат и како писател на научна фантастика и има напишано низа книги од овој жанр, некои од нив во коавторстово со својот син Џефри Хојл. Автор е и на сценариото на научно-фантастичната серија “A за Анромеда” (A for Andromeda), коешто подоцна го преточил во роман. (Н. С.)

 

24.6.1975 – Регистриран “лунотрес”

Треперењето на тлото на Месечината, предизвикано од удар на Тауриден метеор, било детектирано од сеизмометарската  мрежа поставена на месечевата површина од страна на американските астронаути. Серијата од удари кои биле регистрирани во периодот од 22 до26 јуни таа 1975 година претставува 5% од вкупниот број удари регистрирани во периодот од 8 години за време на коишто сеизмометарската мрежа

била активна. Меѓу метеорите кои удриле во Месечината имало и такви со тешки еден тон.

Ударите биле детектирани кога блиската страна на Месечината била свртена кон радијантот Бета Тау. Истовремено поголема метеорска активност била забележана и во земјината јоносфера. Двапати во годината патеката на метеорскиот рој Тауриди се вкрстува со земјината орбитална патека – првпат во периодот од 24 јуни до 6 јули и вторпат од 3 до 15 ноември. (Н. С.)

 

24.6.1943 – Прв падобрански скок од екстремно голема висина

Д-р Вилијам Рендолф Ловлејс Втори го тестирал системот кислородна поддршка во случај на нужда којшто го дизајнирал со помош на своите колеги. За потребите на тестот тој скокнал со падобран од бомбардерот Б-17 кој летал на височина од нешто повеќе од 12 200 метри (40 200 фити). Инаку, падобранецот кој би се осмелил да скокне од оваа висина без дополнителен извор на кислород би се онесвестил како последица на хипоксија и би бил онеспособен да го извлече јажето за отворање на падобранот. Но, тоа е само еден од проблемите, како што се уверил и Ловлејс при неговиот скок.

Кога тој го отворил неговиот падобран имал нагло успорување на падот од 32G, поради што изгубил свест. Притоа изгубил и една од зашитните ракавиците, па откако неговата рака била изложена на температури од -40°C, се стекнал со смрзнатини. За среќа, на нешто помала висина се освестил, а дополнителниот кислород од единицата што ја тестирал го одржала во живот. На земјата се спуштил цели 24 минути по неговиот скок.

Токму овој тест бил поттик за развој на апаратите за автоматско отворање на падобранот. (Н. С.)

Клучни зборови:
Мартин Перл

Мартин Перл

Мартин Перл

Мартин Перл

Фред Хојл

Фред Хојл

Фред Хојл

Фред Хојл

Првиот научнофантастичен роман на Фред Хојл

Првиот научнофантастичен роман на Фред Хојл

Резултатите од сеизмограмите поставени на месечината

Резултатите од сеизмограмите поставени на месечината

Вилијам Ловлејс

Вилијам Ловлејс

Ловлејс со системот за кислородна поддршка којшто треба да се тестира

Ловлејс со системот за кислородна поддршка којшто треба да се тестира

По успешниот скок

По успешниот скок