Ви ја претставуваме книгата, “Препознавање на облици” од авторите д-р Анис Сефиданис, м-р Зорица Каевиќ и м-р Билјана Раичевиќ Велковска. Се работи за неодминлива литература за сите кои целат да се бават со дигитална форензика, кибер безбедност и заштита на податоци.
Сликите се моќен медиум за пренесување на информации и средство за комуникација. Затоа, не само што се примарен извор на информации, туку и основен начин на комуникација помеѓу луѓето, особено помеѓу луѓето и машините. Книгата “Препознавање облици со вештачка интелигенција” дава увид во процесите и методите на професионалните форензичари при анализата на дигиталните слики кои во себе содржат голема количина различни информации од најразличен формат. Сосема природно, книгата е поделена на 7 теми.
Во “Препознавање на примероци” дадени се oсновните поими, дефиниции и принципи во процесот на препознавање на примероци.
Основните методи за препознавањае на непознат примерок (метода на класификација, класификатори, евалуација на обучен систем, баесова грешка, класификатор со опција за отфрлање, димензионалност на класификатор и оптимизирање на класификатори) се објаснети во следната тема – “Mетоди за препознавање на непознатите примероци”.
“Процес на препознавање на облици” зборува за процесот на препознавање на облици, методите за одлучување за класификација на примероците (алгоритам на најблизок сосед и баесова теорија на одлучување), кaко се оптимизираат класификаторите за препознавање на облици), начинот на анализа на примероците по групи и за основните поими за K-means clustering algoritam.
Во “Примена на препознавање на облици” се запознаваме со примената на процесот на препознавање на облици – форензичката анализа преку препознавање облици; методите на форензичка идентификација преку препознавање на облици – биометрија; методите и системите за автоматско препознавање на говор; и биометриската идентификација преку отпечатоци на прсти, црти на лицето, геометрија на дланките и прстите, зеница и мрежница на окото, препознавање на ракопис и потпис, динамика на одење и сл.
“Препознавање на облици на книжни банкноти” обработува специјална примена на процесот на препознавање на книжни банкноти со имитирање на организацијата на системот на функционирање на колонија на пчели, изградба на алгоритам кој го имитира функционирањето на колонија на пчели и користење на невронски мрежи.
“Автентификација на личноста со примена на минимално разгранети стебла на дводимензионална слика на дланката” обработува процес на автентификација на личноста со примена на минимално разгранети стебла на дводимензионална слика на дланката, односно добивање на дигитална слика на дланката; предпроцесирање на дигитална слика на дланката; геометрија на дланката; извлекување на карактеристичните точки; минимално разгранети стебла; и примена на минимално разгранети стебла во системот за препознавање.
Во “Методи на идентификација на маскирани непознати сторители на казниви дејства” е обработен пример на процес и методи на идентификација на маскирани непознати сторители на казниви дејства (како се откриваат сторителите, траги кои можат да се очекуваат на место на злочинот и идентификција/препознавање со биометриски методи).
Книгата е со Б5 формат, со содржини презентирани на 158 страници и дополнето со библиографија од 6 страници во која се застапени сите повежни извори на податоци користени при формирањето на оваа високостручна книга.
За Авторите:
д-р Анис Сефиданис е универзитетски професор, декан на Факултетот за информатика при Европски Универзитет - Скопје, а предава и на Факултетот за применети информатички технологии, машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии "Свети Апостол Павле" во Охрид, како и на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје
м-р Зорица Каевиќ магистер по информатика во областа на дигитална форензика, a автор и коавтор е на повеќе публикации и трудови од областа на дигиталната форензика, електронски криминал, информациско комуникациска технологија и примена на ИКТ во наставата.
м-р Билјана Раичевиќ Велковска е асистент на Факултетот за информатика при Европски Универзитет - Скопје, а работи и како професор по математика во Гимназијата „Орце Николов“ – Скопје
Печатеното издание на Препознавање на облици можете да го нарачате од е-продавницата на ЕМИТЕР тука