Во среда, на 9 јуни, пред избрана публика во просториите на хотелот DoubleTree by Hilton, се одржа свечаност за промоција на македонскиот High-End аудио бренд Теохаров. Презентер на вечерта беше нашиот познат режисер Срѓан Јанаќиевиќ, а поддршка за брендот даде и виртуозот на гитара Влатко Стефановски.
Брендот Теохаров повеќе од 25 години трпеливо и посветено го гради својот имиџ и реноме во аудиофилските кругови не само во Македонија, туку и во регионот и пошироко. За неговите достигнувања големата низа од позитивни оцени се објавени во повеќе магазини од областа на хај-фајот, меѓу кои и специјализираниот Hi-Files.
Публиката во исчекување
Срѓан Јанаќиевиќ за Теохаров – Приказната за брендот е базирана на страст, емоција, наука, посветеност во потрагата по совршениот звук...
На настанот беше најавена и изработка на лимитирана едиција, од 15-тина звучници во соработка со Влатко Стефановски. Производот е замислено да ги има сите High-End карактеристики на брендот Теохаров, додека визуелно и концепциски ќе биде реализиран по идеја на Влатко, со “боја” на звукот според неговите преференции.
Стефановски за брендот Теохаров кажа: “Некој да ми кажеше дека “Теохаров” е винарија во Тиквешијата, ќе му кажев дека тоа е природно. Некој да ми кажеше дека се занимаваат со раноградинарски култури – и тоа ми звучи природно. Да ми кажеше некој дека овие звучници се произведени во Данска, сигурно ќе ви кажев да, бидејќи изгледаат хај-тек. Тоа значи дека овие храбри, Теохаров брадерс, се одважиле и решиле да направат квалитет и производ што е дел од високата технологија. Затоа ми претставува особена чест и задоволство што се решија да направиме заеднички проект со звучници кои ќе го носат мојот потпис.”
Стефановски за новата линија звучници – Цртаме, планираме и мечтаеме заедно. Со големо задоволство го очекувам прототипот од звучниците.
Пред пригодниот коктел, присутните имаа можност да ја слушнат музиката на Стефановски преку новите концепт модели на звучници CType, H Type и Active, да се опуштат во кристалниот звук, да се информираат што ново се готви во мајсторската ‘кујна’ на Теохаров, но и да видат што сè друго досега е сработено – засилувачи, предзасилувачи, конектори...
Како што велат од Теохаров, секој од производите излезени од нивната работилница ја комбинира најновата технологија и научни достигнувања, со цел да се создаде револуционерен производ, којшто без компромиси ќе ја задоволи секоја емоција и чувство дури и на најпребирливите аудиофили. Токму затоа нивното мото е “Science, art, musc“.
Наш, а светски бренд – Теохаров макотрпно се избори за своето место во Хај-Енд аудиото.
При изработката очигледно се обрнало внимание на сите детаљи – користени се едни од најдобрите електронски компоненти, квалитетни трансформатори, звучнички драјвери, повеќе напредни техники и материјали, за накрај сето тоа да биде спакувано во еден софистициран дизајн.
Кросовер топологијата и квалитетните делови овозможуваат математички прецизна реконстрикција на сигналот, која во комбинација со наклонот на звучната кутија овозможува совршена временска урамнотеженост на звучникот.
Ауфиофилите одблиску се запозна за новитетите на брендот
Линеарната карактеристика и ниските изобличувања поддржани со високиот фреквенциски опсег се карактерисктика на C Type линијата звучници. H Type линијата звучници исто така може да се пофали со покривање на широк фреквенциски опсег и верност на репродукцијата којашто е надополнета со големината и елегантната изработка на самите звучни кутии.
Активниот звучнички систем со ознака II е претставен како целосно активен звучник – со запечатена модуларна кутија, вграден DSP и активна четиринасочна свртница којшто овозможува корисникот самиот да си го стокми звукот зависно од потребите и расположението, и да го прилагоди на собата во којашто планира да се нурне во океанот од звучни дразби. Фрекевенцискиот опсег којшто го покриваат овие звучници ја отстранува потребата од други хај-енд елементи во репродукцискиот систем. Сиве овие карактеристики ветуваат дека оваа линија звучници лесно може да се вклопи во секоја просторија за слушање.
Како што се запознаени нашите редовни читатели, ЕМИТЕР веќе го имаше на тестирање звучникот Loudspeaker II Type H. Повеќе за нашите впечатоци од него може да прочитате во Тест: Теохаров аудио – Loudspeaker II Type H, а за останатите производи од Теохаров ќе читате во следните броеви на ЕМИТЕР, како и на нашиот веб портал.
За повеќе фотографии од настанот, разгледајте ја галеријата со фотографии подолу.