Бескорисно е да сметате на кофеинот да го стори невозможното – шолјата силно кафе помага во извршување на наједноставните задачи, но нема да ги реши когнитивните дефицити кои настанале поради недостатокот од сон.
Спротивно на популарното верување, утринското кафе не го прави денот, туку квалитетот на сонот што му претходел. Кофеинот ќе го подобри расположението и ќе помогне полесните задачи да се решат како од шега, но за секоја покомплексна ситуација за којашто треба мозокот да се употреби малку повеќе – не сметајте на чуда. Помислата дека со една до две шолји кафе би ја подобриле меморијата и би ги избегнеле грешките на работа е илузија за оние кои во нивната струка треба да ги минимизираат моментите на невнимателност – тука мислиме на лекарите, хирурзите, пилотите, возачите, на полицајците. За нив квалитетниот сон е од најголема вредност.
Група психолози од Државниот универзитет на Мичиген се обидоа да разберат до кој степен кофеинот можнел да им се спротивстави на ефектите од несоницата врз когнитивната функција. Тимот побарал од 276 волонтери, учесници во истражувањето, да извршат два вида задачи – едноставна вежба за внимание и една посложена задача во неколку чекори во којашто работите требале да се решаваат последователно, со ред, без да се прескокнуваат или да се повторуваат чекорите. Задачите биле извршени со свеж ум, по добар и квалитетен сон, или по непроспиена ноќ во лабораторијата. Пред да започнат со нивната ‘мисија’, на некои од учесниците им била дадена значителна количина кофеин (200 милиграми), додека на останатите учесници им бел даден плацебо.
Неспиењето ги влошило перформансите при двете задачи, но кофеинот барем помогнал во завршување на полесната задача, при задржување на вниманието. Сепак, кофеинот не бил од помош при втората задача, во којашто учесниците не успеале да ги избегнат процедуралните грешки. Во овој експеримент грешките во процедурата не повлекувале никакви последици, но замислете си ги овие ненаспани луѓе на некоја од одговорните позиции што ги споменавме погоре – шансите за предизвикување сериозни повреди или несреќи во секојдневниот живот се поприлично зголемени.
Како што заклучуваат истражувачите кофеинот ја зголемува енергијата, ја намалува поспаноста и може дури и да го подобри расположението, но тој не може да го замени целиот ноќен сон. Иако се чини дека кофеинот може да се избори со последиците од лишувањето од сон, перформансите на мозокот на повисоко ниво сè уште се нарушени. Ова е само една од причините зошто лишувањето од сон може да биде толку опасно.