Рубрика: Омнибус
Биткоинот преку ноќ падна за повеќе од 10 000 американски долари
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 21.05.2021 - 12:00

Милијарди долари во момент испарија откако масовната продажба на криптовалути предизвика голем пад на вредноста на биткоинот, етериумот и другите криптовалути.

Вредноста на биткоинот падна од 41 илјада на околу 30 илјади долари, додека етериумот падна од три на околу две илјади долари. Кон средината на април биткоинот вредеше дури 64 илјади долари. Во текот на изминатата недела инвеститорите загубија повеќе од 600 милијарди долари вкупно, во сите криптовалути.

Причините за овој голем пад на вредноста се различни. Првиот удар беше најавата на Илон Маск дека тој повеќе нема да прифаќа биткоини за набавка на Тесла автомобилите. Вториот удар го зададе истиот човек кога објави дека Тесла ќе ги продава своите биткоини, иако во понеделникот сепак рече дека тоа нема да се случи, што за кратко ја врати вредноста на биткоинот.

Во вторникот, Кина издаде предупредување до банките и до другите финансиски институции да не учествуваат во трансакции со криптовалути или да се занимаваат со какви било услуги поврзани со нив. Во предупредувањето се наведува дека вредноста на криптовалутите нагло се зголеми, а потоа падна, дека шпекулативната трговија процвета и дека тоа сериозно ја наруши безбедноста на имотот на луѓето и го наруши економскиот и финансискиот поредок.

Потегот на Кина предизвика масовна продажба на биткоин и со тоа пад на неговата вредност. Според Нил Вилсон, главен аналитичар на пазарот на Markets.com, Кина сега само го засилила притисокот врз пазарот на криптовалутите којшто перманентно го вршеше и во текот на претходните години, па други земји може да го следат примерот на Кина и да се обидат да воведат регулативи со цел да спречат шпекулации на берзата за криптовалути.

Денешниот пад на биткоинот се шири и на пазарите на акции. Големите носители на биткоин, вклучително и Тесла, паѓаат во раното тргување.

Клучни зборови: