Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 18.5.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 18.05.2021 - 22:30

Во денешниот времеплов славиме 310 години од раѓањето на еден од најголемите и најсестрани научни умови на неговото време – Руѓер Јосип Бошковиќ, одбележуваме 41 година од ерупцијата на заспаниот вулкан на планината Света Елена и 68 години од  денот кога за првпат една жена леташе побрзо од звукот ...

 

18.5.1711 – Роден е Руѓер Бошковиќ

Руѓер Јосип Бошковиќ бил дубровачки философ, астроном, математичар, физичар, поет и дипломат со српско-италијанско потекло. Бил еден од најзначајните научници на своето време. Бил универзитетски професор, основач на Миланската опсерваторија и директор на Оптичкиот институт на Француската морнарица.

Бил универзален творец – философ, математичар, астроном, инженер, педагог, геолог, архитект, конструктор, оптичар, дипломат, патеписец, професор, преведувач-полиглот, и најдобар поет на латински јазик во осумнаесетиот век.

Како угледен математичар, професор и научник честопати бил повикуван за решавање на некои од проблемите на неговото време. Така во 1742 година бил дел од тричлкената комисија којашто ги утврдувала причините за настанатата пукнатина на големата купола од црквата Св. Петар во Ватикан. Неговото стручно мислење било побарано и за канализирање на реката Тобар, а во 1750 година бил ангажиран од тогашниот римски папа за мерење на должината на меридијанскиот степен на папската држава. Во 1756 година бил ангажиран од австрискиот цар Франц Први за да го пресуди спорот во врска со реките и пловидбите помеќу градовите Лука и Тоскана. Истовремено во Виена помагал во поправката на дворската библиотека на царицата Марија Терезија.

Почнувајќи од 1736 година, секоја година ќе објавува по неколку стручни расправи со што ќе стане најплоден научник во доменот на пишаниот збор. Објавил вкупно 70 трудови, од кои најголем број од областа на математиката (19), астрономијата (15) и физиката (28). Останатите дела се поетски, астрономски и патеписни ракописи. Ќе стане надалеку познат и признат, па така не чуди што фигурира како член на повеќе научни академии – лондонската, римската, париската.

Во делото Патепис од Цариград до Полска го следи неговото научно патување од 1762 година кога како член на англиското научно Кралско друштво патувал го презема овој пат за набљудување на транзитот на Венера пред сончевиот диск. Крајна цел требал да биде Санкт Петерсбург но поради кревкото здравје Бошковиќ бил принуден да го прекине патувањето во Полска. Патеписот е издаден на италијански јазик во 1784 година.

Меѓу останатото, Руѓер Бошковиќ го осмислил и единствениот закон на силата, претпоставувајќи дека не постои само привлечна (дефинирана од Њутновиот закон) туку и сила на одбивање којашто се манифестира наизменично на мали растојанија помеѓу телата. Сметал дека извор на силата е елементарна честичка без димензии, а наспроти Њутновата дефиниција времето и просторот ги сметал за релативни. поради ова некои го нарекуваат и предвесник на Алберт Ајнштајн. Пронашол два метода за одередување на елементите на Сончевата ротација коишто се темелат на набљудувањето на положбата на три тела, за потоа да ги пресмета димензиите и сплесканостана Земјината топла. Открил и геометриски модел за пресметка на патеката на кометите.

Бошковиќ ги изложил своите релативистички погледи на просторот, времето и движењето кои се многу блиски до Ајнштајновите релативистички погледи. Бошковиќ, со својата теорија на природната филозофија прогресивно влијаел на процесите за осознавање на физичките феномени. Признание по овие прашања добил во 1958 од страна на нобеловците Вернер Хајзенберг иНилс Бор.

Во доменот на геологијата е мошне значаен творец бидејќи пишувал за компензацијата на масата во внатрешноста на планините и така ги поставил основите за подоцнежниот развој на теоријата на изостазија. Регионалните пореметувања на силата на тежа сметал дека се должат на разлилната густина на горните и долните делови од Земјината кора.

Објавил голем број трудови од областа на сферната тригонометрија и статистичките методи во доменот на физиката: Theoria philosophiae naturalis redakta ad unicam legem virium in natura existentium, Opera partinentia ad opticam et astronomia, Elementorum universae matheseos, За морската плима, Теорија на конусните пресеци, итн. Повеќе негови трудови за сферната тригонометрија потекнале од практичните истражувања во астрономијата, кои биле во блиска врска и со истражувачката работа во оптиката. Како математичар, бил свртен кон применетата математика. Во делото „Елементи на општата математика“ (1752), меѓу другото, маестрално ја изложил теоријата на конусните пресеци. Во ова дело, подвлекувајќи го хипотетичко-дедуктивниот карактер на геометријата го разгледувал проблемот на паралелни прави и навлегол во проблемите на бесконечноста и непрекинатоста.

Своите трудови од оптиката, астрономијата и тригонометријата ги објавил во 1785 во обемното „Дело кое се однесува на оптиката и астрономијата“. Од астрономијата, уште во 1736, има објавено еден труд со наслов „За сончевите дамки“.

Најпознато од сите негови дела е прочуената „Теорија на природната филозофија“, каде на оригинален начин, комплетно го изложил својот систем на природна филозофија. Ја воочил едноставноста и сличноста во природата, како и законите за непрекинатост. Ги барал општите закони кои владеат во природата. Бил убеден во сеопштата поврзаност на појавите во природата и законитостите на таа поврзаност, свесен за хармонијата што владее во Вселената. Во ова дело ја изложил својата мисла за примарните елементи на материјата, која, унапредена со новите сознанија за структурата на материјата, влегла во основите на современата физика.

Починал на 13 февруари 1787 година. (Н. С.)

 

18.5.1980 – Се случи ерупција на заспаниот вулкан на планината Света Елена

На ерупцијата на вулканот Света Елена, односно Сент Хеленс, претходеше земјотрес со магнитуда од 5,1 степен на Рихтеровата сеизмичка скала.

Оваа вулканска планина, сместена во државата Вашингтон, речиси и да не покажувала активност од 1857 година.

На 27 март 1980 година имало ерупција од водена пареа по што, поради притисокот од магмата, се појавиле големи пукнатини како и “грпка” на северната страна од врвот, којашто продолжила да расте. Утрото на 18 мај силниот земјотрес предизвикал огромна лавина и лизгање на земјиштето од северната страна, по што следела експлозија во којашто била исфрлена голема количина вулканска прегреана пепел и карпи.

На крајот од ерупцијата планината стана речиси половина километар пониска, а нејзиниот врв доби изглед на карактеристичен вулкански кратер. Последователни ерупции имаше и во 1986 година. Во 1989 и 1991 година, како и подоцна во 1995 и 1998 година, е забележана поголема сеизмичка активност проследена со помали експлозии.

Експлозијата на планината Света Елена е најголемата вилканска експлозија на тлото на Северна Америка. (Н. С.)

 

18.5.1953 – За првпат една жена лета побрзо од звукот

Американката Жаклин “Џеки” Кокран стана првата жена-пилот којашто го проби звучниот ѕид и леташе побрзо од звукот. Настанот се случи 5 години по првиот надзвучен лет на Чак Јегер.

За време на нејзината пилотска кариера Џеки Кокран има поставено голем број авијатичарски рекорди, всушност повеќе од кој било пилот дотогаш – за брзина, далечина, како и за плафон на лет (висина).

Кокран, односно Беси Ли Питман како што е нејзиното вистинско име, имала тешко детство, поминато во сиромаштија и со многу малку образование. Но и покрај ова таа успеала да основа успешна козметичка компанија и да се стекне со пилотска дозвола.

Во 1935 година Кокран стана првата жена-пилот којашто учествувала во воздухопловната Трансконтиненталната трка Бендикс. Две години подоцна, во 1937 година, таа пристига трета во оваа трка, а во 1938 година го освојува трофејот Бендикс. Во јуни 1941 година таа пилотира со бомбардер до Англија и таму, како капетан во британската помошна служба за воздушен сообраќај, врши обука на група жени-пилоти за потребите на помошната летачка транспортна оператива. По враќањето во САД, Кокран реализирала слична програма за потребите на американските Воени воздушни сили. На крајот од војната, таа служела извесно време како пацифички и европски дописник за списанието “Либерти“.

Во 1945 година, Кокран стана првата жена-цивил во САД на којашто и бил доделен Медал за Посебни заслуги, а во 1948 година се стекнала со чинот полковник во резервниот состав на американските воздухопловни сили.

Во 1953 година, водена желбата за пилотирање млазен авион, Кокран стана првата жена којашто ја проби звучната бариера. Ова го оствари со авион од типот Ф-86. Истата година таа постави и светски рекорди за најбрзо изминати патеки на 15-, 100- и 500 км. Нејзината автобиографија “Ѕвездите на пладне“, напишана од нејзиниот сопруг Флојд Б. Одлум, беше објавена во 1954 година. (Н. С.)

Клучни зборови:
Портрет на Руѓер Бошковиќ

Портрет на Руѓер Бошковиќ (Дело на Роберт Еџ Пајн, Лондон, 1760 година)

Портрет на Бошковиќ од 1756 година изработен од непознат автор

Портрет на Бошковиќ од 1756 година изработен од непознат автор

Почетната страница од Theoria philosophiae naturalis redakta ad unicam legem virium in natura existentium

Почетната страница од Theoria philosophiae naturalis redakta ad unicam legem virium in natura existentium на Руѓер Бошковиќ

Ерупција на заспаниот вулкан на планината Света Елена во 1980 година

Ерупција на заспаниот вулкан на планината Света Елена во 1980 година. Исфрлениот материјал при ерупцијата на Света Елена предизвика темница во круг од 400 километри

Куполата со лава во кратерот на заспаниот вулкан снимена пред ерупцијата

Куполата со лава во кратерот на заспаниот вулкан снимена пред ерупцијата

Џеки Кокран пред млазниот авион со којшто го проби звучниот ѕид

Џеки Кокран пред млазниот авион со којшто го проби звучниот ѕид

Џеки Кокран

Џеки Кокран

Џеки Кокран со Чак Јегер, првиот пилот кој леташе побрзо од звукот

Џеки Кокран со Чак Јегер, првиот пилот кој леташе побрзо од звукот

Опсерваторијата во Брера чиешто основање му било доверено на Бошковиќ

Опсерваторијата во Брера чиешто основање му било доверено на Бошковиќ