Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 10.5.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 10.05.2021 - 16:45

Во денешниот времеплов ги славиме родендените на Сесилија Пејн, астроном и прва жена докторанд од колеџот Редклиф на универзитетот Харвард,  и на Огист Жан Френел, којшто ги постави темелите на современата оптика. Покрај ова одбележуваме 46 години од претставувањето на првиот домашен видеорекордер – Бетамакс системот, како и 152 години од завршувањето на трансконтиненталната американска железница...

10.5.1900 – Родена е Сесилија Пејн-Гапошкин

Сесилија Пејн-Гапошкин (Cecilia Helena Payne-Gaposchkin) е англиско-американски астроном. Позната е по тоа што прва ги применила законите на атомската физика при проучувањето на температурата и густината на небесните тела и прва дошла до заклучокот дека водородот и хелиумот се два најчести елементи во универзумот.

Во 20-тите години од минатиот век општо прифатено мислење било дека составот на Сонцето изнесува околу 65% железо и 35% водород. Во нејзината докторска дисертација насловена Ѕвездени атмосфери: Придонес кон опсервациското проучување на високите температури во внатрешните слоевина ѕвездите (Stellar Atmospheres; A Contribution to the Observational Study of High Temperature in the Reversing Layers of Stars),  којашто ја претставила на Универзитетот Харвард во 1925 година, Сесилија Пејн ќе посочи дека според сончевиот спектар укажува на тоа дека дека елементарниот состав на Сонцето е 99% водород и хелиум, а само 1% железо.

Пејн правилно ќе ги поврзе спектралните класи на sвездите со нивните реални температури применувајќи ја јонизациската теорија којашто ја развил индискиот физичар Мегнад Саха. Таа ќе покаже дека големата варијација во sвездените апсорпциски линии се должи на различните количини на јонизација при различни температури, а не на различните количини на елементи.

Пејн открила дека силициумот, јаглеродот и другите метали кои може да се забележат во спектарот на Сонцето се присутни во приближно исти релативни количини како и на Земјата, што било во согласност со општо прифатеното мислење од тоа време, според кое се сметало дека ѕвездите имаат приближно ист елементарен состав како и Земјата. Сепак, таа ќе открие дека хелиумот а особено водородот се присутни во многу пообилни количини во составот на Сонцето (водородот со фактор од околу еден милион). Заклучокот на нејзината теза ќе биде дека водородот е најдоминантниот елемент во составот на sвездите, а со тоа и најобилниот елемент во универзумот.

Иако нејзината дисертација ќе биде оспорувана, сепак Сесилија Пејн ќе стане првата личност која ќе се стекне со титулата доктор на науки на колеџот Редклиф при универзитетот Харвард. Убедувањето на научната заедница во валидноста на нејзините резултати ќе се покаже мошне тешко. Ќе изминат цели 20 години пред еден друг астроном, Фред Хојл, да го докаже тврдењето на Пејн.

По нејзиниот докторат Пејн ќе се посвети на проучувањето на високо луминозните ѕвезди со цел на подобро разбирање на структурата на Млечниот пат, а подоцна ќе се нафати да ги проучува сите ѕвезди со магнитуда поголема од 10. По ова ќе се посвети на проучувањето на ѕвездите со променлив сјај. Податоците ќе послужат за разбирање на процесот на еволуцијата на ѕвездите.

Пејн-Гапошкин ќе има активна научна работа во текот на целиот живот, ќе издаде повеќе книги од областа на астрономијата, и ќе има постојан истражувачки ангажман на Харвард. Нејзината работа ќе биде помалку платена од евентуален професорски ангажман на универзитетот, кој во тоа време бил недостижен за жените. Во 1938 година ќе и биде доделена титулата астроном, којашто подоцна на инсистирање на Пејн, ќе биде сменета во Филипсов астроном. (Н. С.)

 

10.5.1788 – Роден е Огистен Жан Френел

Огистен Жан Френел (Augustin Jean Fresnel) е француски инженер и физичар. Се смета за основач на современата оптика, давајќи објаснување за сите оптички појави во рамките на брановата теорија на светлината.

Френел прв го истражувал ефектот на интерференција на светлината, добивајќо резултати кои ќе станат познати како френелови реси. Неговата работа, поддржана со експериментите со поларизирана светлина, оделе во прилог на брановата теоријата на Томас Јанг. Френел ќе ја унапреди брановата теорија, препознавајќи го распространувањето на светлината како трансферзален бран, наспроти верувањето на Јанг и Кристијан Хајгенс кои сметале дека таа се простира во вид на лонгитудинални бранови.

Неговата пионерска работа во областа на оптиката вклучува и доказ дека белата светлина се состои од спектар на бескрајно голем број бранови должини кои се движат од црвените кон пократките бранови должини. Во 1819 година, тој ќе го подобри оптичкиот систем на светилниците, заменувајќи ги тогаш употребуваните метални рефлектори со новиот револуционарен пронајдок – френеловите леќи. Дизајнот овозможува создавање на леќи со голем отвор и кратко фокусно растојание, без маса и волумен на материјал, кој би бил потребен за создавање на леќа со конвенционален дизајн. Френеловата леќа може да се направи многу потенка во споредба со конвенционалните леќи, а во некои случаи дури и во форма на рамна плоча. Френеловата леќа може да фати повеќе коса светлина од изворот на светлината, со што се овозможува светлината од светилникот опремен со една леќа биде видлив и на поголеми растојанија. (Н.С.)

 

10.5.1975 – Започна продажбата на првиот касетен домашен видео рекордер – Бетамакс

Првиот домашен видеокасетен рекордер, Бетамакс (Betamax) започна да се продава во Јапонија. Форматот беше претставен од страна на компанијата Сони, користеше магнетни ленти во траење од еден час. VHS системот на компанијата JVC којшто ќе биде претставен следната година ќе овозможи снимање на видеосодржини во траење од два часа.

Обете компании набрзо ќе претстават нови модели кои ќе го удвојат времето на репродукција. Бетамакс системот ќе биде покомплексен, а со самото тоа и поскап за производство и одржување. Овие недостатоци ќе се покажат пресудни, па по неколку години VHS системот којшто освен пониската цена ќе има и подобар маркетинг, ќе излезе како победник за стандардот на домашната видеорепродукција.

И покрај ова Сони ќе продолжи да го развива дизајнот и производството на Бетамакс. Откако во 2001 година ќе бидат продадени едвај 3000 видеорекордери на Сони, и тоа само во Јапонија, производството ќе биде прекинато во 2002 година.  (Н. С.)

 

10.5.1869 – Завршена е првата американска трансконтинентална железничка линија

Американската трансконтинентана железница го поврзува Атлантскиот со Пацифичкиот брег на САД овозможувајќи побрза размена на стоки и превоз на патници. Првичниот план за нејзина изградба бил претставен пред Американскиот конгрес во 1845 година, а официјалната изградба започнува во 1863 година. Пругата ја градат две компании, едната ја води изведбата од источниот брег кон запад а другата ја започнува изведбата на западниот дел од САД пробивајќи ја трасата кон исток.

Работниците ги комплетираат линиите од двата краја и се среќаваат во месноста Промонтори Самит, во Јута, на 10 мај 1869 година. На церемонијата оджана по тој повод двата краја од пругата симболично се поврзуваат со златен клин. Изградбата на оваа пруга придонесе за побрз економски развој на САД. (Н. С.)

Клучни зборови:
Сесилија Пејн-Гапошкин, астроном

Сесилија Пејн-Гапошкин, астроном

Сесилија Пејн-Гапошкин, астроном

Сесилија Пејн-Гапошкин, астроном

Огистен Жан Френел, француски инженер и физичар

Огистен Жан Френел, француски инженер и физичар

Френелова леќа

Френелова леќа

Бетамакс системот на Сони којшто беше претставен во 1975 година

Бетамакс системот на Сони којшто беше претставен во 1975 година

Манифестацијата по повод завршувањето на трансконтиненталната железница во САД

Манифестацијата по повод завршувањето на трансконтиненталната железница во САД

Од изградбата на трансконтиненталната железница

Од изградбата на трансконтиненталната железница