Во понеделникот, беше објавена куса анализа на првите, прелиминарни резултати од истражувањето што се спроведува во Србија, а кое се однесува на општата ефикасност на вакцините против ковид, но и на секоја од употребуваните вакцини одделно. Со оглед на тоа што Србија може да се пофали со една од највисоките стапки на вакцинација во Европа, а притоа се користат вакцини од неколку различни прозиводители, резултатите се мошне интересни за разгледување.
Истражувањето ја следи стапката на заболување кај вакцинираната популација во однос на општата, невакцинирана популација. Опфатени се заболувањето и клиничката слика на вакцинираните и невакцинираните лица, зачестеноста на развој на пневмонија и стапката на хоспитализација. Српски Блиц во понеделникот (19 април) ги објави прелиминарните резултати од ова истражување.
Како репрезентативен примерок за цела Србија е земен градот Крагуевац, а податоците се добиени од тамошниот Здравствен дом. Со истражувањето се опфатени првите три месеци од оваа година (заклучно со 31 март), а во него биле вклучени 28 630 вакцинирани и преку 100 000 невакцинирани лица.
Според првичните резултати од ковид заболеле 8,11% од невакцинираните и 2,03% од вакцинираните лица. Веќе со ревакцинацијата овој процент се намалил на 1,17%, а три недели по ревакцинацијата овој процент дополнително паднал на 0,57%. Општата ефикасност три недели по ревакцинацијата изнесува 92%.
Резултатите се оптимистички и во поглед на она каков бил текот на болеста кај оние кои примиле вакцина а сепак се разболеле, во однос на оние кои воопшто не се вакцинирале. Од 8272 невакцинирани лица кои се разболеле, пневмонија развиле 1,57%, а вкупнпо 1,23% морале да бидат хоспитализирани. Од вакцинираната популација само 0,56% развиле пневмонија откако се разболеле, кај ревакцинираните овој процент е уште помал – 0,25%, а три недели по ревакцинацијата се забележува и дополнителен пад на 0,11%. Ова значи дека веројатноста да развиете пневмонија е веќе 3 пати помала со само една примена доза на вакцина, со две дози таа е шестпати помала, а веќе 3 недели по ревакцинацијата веројатноста да развиете воспаление на белите дробови е 15 пати помала отколку кога не би биле воопшто вакцинирани!
Како стојат работите со стапката на хоспитализација кај двете популации? Кај невакцинираните, од вкупниот број заболени 1,23% морале да го проддолжат лекувањето во болнички услови, додека кај вакцинираните со една доза само 0,16% од заболените биле хоспитализирани, кај ревакцинираните само 0,16%, а веќе три недели по втората примена доза од вакцината само 0,02% од заболените морале да се лечат во болнички услови. Во суштнина од вкупно 28 630 вакцинирани лица само шесторица граѓани од оние кои се разболеле по три недели од ревакцинацијата, морале да бидат хоспитализирани.
Резултатите се очебијни – вакцината не само што влијае на намалување на шансите за заболување, туку овозможува полесен тек/исход на самата болест, доколку вакцинираното лице сепак заболи.
Населението во Србија за вакцинација можеше да направи избор помеѓу 4 вакцини од различни производители, но и направени со различна методологија – американско-германската вакцина Фајзер/Бионтек, британско-шведската АстраЗенека, руската Спутник и кинеската вакцина Синофарм.
Иако кај вакцинираната популација која сепак заболела нема некои драстични разлики во развојот на клиничката слика во корелација со примената вакцина, сепак некои мали разлики се забележливи. Имено, најмалку заболени лица се детектирани кај популацијата факцинирана со mRNA вакцината на Фајзер – 1,1%, потоа кај оние вакцинирани со Спутник – 1,8%, па кај оние вакцинирани со Синофарм – 2,2%, и ‘најмногу’, 2,3% кај оние вакцинирани со АстраЗенека. Притоа, пневмонија развиле само 0,7% од оние кои ја примиле кинеската вакцина, 0,3% од оние што примиле од руската или АстраЗенека вакцината и 0,1% од оние вакцинирани со Фајзер. Што се однесува до потребата од хоспитализација, таа морала да се направи само кај 0,2% од граѓаните вакцинирани со Синофарм и 0,1% од оние вакцинирани со Спутник, – ниту еден од граѓаните вакцинирани со Фајзер или АстраЗенека немал потреба од болничко лекување.
Интересно е што неколку дена претходно беа објавени и резултатите од истражувањето на радио Институтот за примена на нуклеарната енергија којшто ги користел податоците од 10 000 примероци од граѓани на возраст од 20 до 95 години кои се вакциниранирале со една од четирите вида вакцини. Истражувањето било фокусирано на брзината на развој на имунитет, а примероците биле земени на нултиот ден, па на две недели по првата вакцина, па на две недели по втората вакцина, и потоа на месечни интервали.
Најбрз специфичен антителен одговор бил забележан кај вакцинираните со вакцина од Фајзер – две недели по првата вакцина кај 85% од вакцинираните, за две недели по ревакцинацијата овој процент да надминува 95%. Кај поголемиот дел од вакцинираните со Спутник мерлива количина на антитела била забележана по три недели од вакцинирањето со првата доза, а по ревакцинацијата процентот на вакцинирани со позитивен наод на антитела надминувал 92%. Кинеската вакцина од производителот Синофарм се заснова на нешто постара технологија на производство па веројатно затоа некој мерлив антителен одговор кај третираните со оваа вакцина се јавува нешто подоцна – по втората недела од приемот на втората доза на вакцината. Интересно е што кај лицата постари од 65 години процентот на серопозитивни бил поголем од 90%.