Во ѕвездениот меѓупростор, во прашината од којашто се изнедриле самите ѕвезди, научниците пронајдоа молекули што никогаш претходно не биле забележани во вселената.
Откритието на специфични емисии во густиот ѕвездоформирачки облак претставува прв случај во вселената да биде забележан специфичен тип на класа молекули познати како полициклични ароматични јаглеводороди. Откритието може да помогне во конечно откривање на мистеријата како и каде се формираат овие молекули.
За сервисот EurekAlert! на Американската асоцијација за унапредување на науката (АААС), еден од учесниците во проектот астрохемичарот Брет Мекгваер (Brett McGuire) изјави: “Отсекогаш сметавме дека полицикличните ароматични јаглеводороди, или скратено ПАЈ, првенствено се формирале во атмосферата на sвездите што умираат. При ова истражување ги пронајдовме овие соединенија во студените, темни облаци од коишто sвездите допрва треба да започнат да се родат."
Полицикличните ароматични јаглеводороди не се реткост. Овде, на Земјата, тие се среќаваат мошне често. Присутни се во суровата нафта – создадена од мртви организми (зоопланктони и алги), и во јагленот – создаден од мртви растенија, кои во обата случаи биле изложени на висок притисок и топлина.
Во серија од девет труда научниците од проектот GOTHAM го опишуваат процесот на откривање на полицикличните ароматични јаглеводородни соединенија во вселената (илустрација: М. Вајс, Центар за астрофизика, Харвард и Смитсонијан)
Но, потеклото на ПАЈ-соединенијата може да биде и небиолошко. Всушност, од она што досега се знае, повеќето од ПАЈ-соединенијата во Универзумот имаат абиотичко потекло. Претходните анализи укажуваат на тоа дека околу 15% од целиот јаглерод помеѓу sвездите во една галаксија, како нашата, е врзан во ПАЈ-соединенија. Повеќето од нив лебдат во ѕвездениот простор, во меѓуsвездениот медиум. Но, за ова немаше сигурна потврда – сè со што располагаа научниците беше нејасен знак кој укажуваше на тоа дека ПАЈ-соединенијата се присутни таму некаде, но не и кои конкретно молекули може да се најдат во меѓуsвездениот гас. Како што укажува Мекгвајар “Сега, за првпат, имаме директен увид во нивниот хемиски состав што ќе ни овозможи подетално да истражиме како овој огромен резервоар на јаглерод реагира и се развива низ процесот на формирање sвезди и планети.’’
Во фокусот на истражување на тимот бил Молекуларниот облак Бик (Taurus Molecular Cloud, TMC-1), студен и густ молекуларен облак оддалечен од нас околу 430 светлосни години. Молекуларните облаци се места каде се раѓаат новите sвезди, кога густиот јазол во самиот гас ќе колабира под дејство на сопствената гравитација додека се врти, трупајќи го врз себе материјалот од облакот во неговата околина.
Тимот веќе извесно време го “чешлал” овој облак во потрага по ПАЈ-соединенија, како дел од проектот GOTHAM – Green Bank Telescope (GBT), Набљудување на TMC-1: “Лов” на ароматични молекули.
Но, она што го нашле во TMC -1 не било она што го предвидувале моделите. Очигледно било очекувано присуство на некои ПАЈ-соединенија, но детектираното изобилие било далеку над очекувањата. Трудот презентиран во научното списание Science детално го опишува откривањето на 1- и 2- цијанонафталин, а во последниве неколку месеци објавени се и повеќе други трудови од McGuire и неговите колеги преку кои се добива увид во огромното богатство на она што било откриено со помош на нивните техники: HC4NC (изоцијанополини), бензонитрил, пропаргил цијанид, HC11N (цијанополини), цијаноциклопентадиен, 2-цијаноциклопентадиен, транс-цијановинилацетилен и винилцианоацетилен.
Засега тимот нема прецизно објаснување за тоа како толку многу од соединенијата 1- и 2-цијанонафталин се нашле во TMC. Ниту еден од нивните модели не можел да ја објасни откриената количина. Засега се оперира со две можни сценарија – дека тие се формирале таму или биле пренесени таму, но можеби се работи за комбинација од обете. Она што е сигурно е дека сега, откако се знае дека овие молекули постојат таму, научниците можат да се зафатат посериозно на расветлување на нивното потекло.
Откритието покажува и дека составот на молекуларните облаци може да биде многу побогат и покомплексен одошто се смета, што дава една сосема нова перспектива во разбирањето на нашиот универзум.