Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 18.3.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 18.03.2021 - 17:30

Во денешниот времеплов го славиме роденденот на основоположникот на македонската хирургија, Панче Караѓозов, и на пронаоѓачот на дизел-моторот со внатрешно согорување, Рудолф Дизел. Покрај ова ја одбележуваме првата вселенска прошетка на Алексеј Леонов, и се сеќаваме на јапонскиот инженер Хидео Шима, таткото на ултрабрзите возови ...

 

18.3.1903 – Роден е Панче Караѓозов, познат македонски хирург

На денешен ден во 1903 година во Штип е роден познатиот македонски хирург Панче Караѓозов, професор и основоположник на македонската хирургија. Бил редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје. Завршил Медицински факултет во Виена (22.7.1929 година), а хабитирал на темата за тумор на дојкa. Бил на специјализација во Ерлаген (Германија) и во Белград. Се усовршувал во повеќе југословенски и европски клиники.

Д-р Панче Караѓозов (лево), Иванка Јовева (мед. сестра) и Стефан Стефановски (хирург помошник), фотографирани непосредно по ослободувањето (фото: Гласило на Лекарската комора на Македонија)

Творец е на современата дигестивна хирургија во Македонија, со особен придонес во хирургијата на желудникот (вовел ваготомија). Еден од основачите е на Медицинскиот факултет во Скопје – Хируршка клиника, на македонската хируршка школа и на Трауматолошкиот центар. Од 1965 до 1967 година бил директор на Хируршката клиника. Заедно со проф. Б. Драгојевиќ и д-р А. Георгиев прв на Балканот применил цефалоспорин во 1964 година. Има објавено повеќе од 50 научни трудови. (Т. С.)

 

18.3.1858 – Роден е Рудолф Дизел

Рудолф Дизел (Rudolf Diesel, 1858 – 1913) е француско-германски инженер, познат како пронаоѓач на дизел-моторот со внатрешно согорување. Дизел-моторот има највискока термичка ефикасност од сите мотори со внатрешно согорување, со коефициент на полезно дејство од 0,4. Ова значи дека 40% од топлината што се ослободува при согорување на горивото се претвора во механичка работа. Притоа дизел-моторите со помала брзина, кај бродовите и моторите, може да постигнат ефикасност и до 50%.

Смртта на Дизел е обвиткана со превез на мистерија. Последен пат бил виден како вечера во парниот бродот со којшто патувал за Англија, по што исчезнал. Иако по десетина дена од неговото исчезнување било пронајдено тело со неговите лични работи, остатоците биле во напредната фаза на распаѓање и не била можна директна идентификација. Не се знае дали бил убиен, дали се самоубил или паднал од палубата, а некои претпоставки одат толку далеку што шпекулираат дека можеби се искрцал во Англија и таму продолжил да живее под друго име. Мистеријата ја подгрева и неговото противење за ексклузивна употребата на дизел-моторот од страна на германската морнарица. (Н. С.)

 

18.3.1965 – Првата вселенска прошетка

Во 1965 година беше лансирано леталото “Васход 2“ носејќи ги космонаутите Алексеј Леонов и Павел Балјајев во вселената. Она по што е посебна таа мисија е тоа што токму космонаутот Алексеј Леонов ќе остане запишан во историјата како прв човек кој направил т.н. вселенска прошетка, токму на 18 март. Имено, за време на второто обиколување околу Земјата, тој излегол од леталото и додека бил поврзан со сигурносен кабел со него, останал надвор точно 12 минути и 9 секунди, притоа снимајќи видео и фотографирајќи ја планетата од надвор. Инаку мисијата “Васход 2“ успешно завршила со вкупно 17 орбитирања околу Земјата на височина од 117 километри од Земјината површина. (Г. П.)

 

18.3.1998 – Почина Хидео Шима

Хидео Шима е јапонски инженер одговорен за тимот што го конструираше првиот ултрабрз воз во Јапонија, татко на популарниот Шинкансен (возот-куршум), со кој беа поврзани Токио и Осака.

Во поствоена Јапонија Шима бил вклучен во дизајнот и развојот на парните локомотиви Class C62 и Class D62 наменети за ‘влеча’ на експресните патнички возови и тешките товарни возови. Некаде во овој период тој ќе излезе со иновација којашто подоцна ќе биде применета кај ултрабрзите ‘куршум’ возови. Имено, Шима ќе дојде на идеја за поставување на електрични мотори во секој од вагоните што е дел од композицијата, намесето употребва на само еден мотор којшто би бил поставен на нејзиното чело. По несреќа на една од железничките линии Шима ќе поднесе оставка на неговото работно место во Јапонските железници. Во оваа фирма тој ќе се врати во 1955 кога претседателот на компанијата Шинџи Сого ќе го повика да го преземе водството на развојот на ултрабрзиот воз, Шинкансен.

Но, трошоците за развој на овој воз и особено на пропратната железничка инфраструктура ќе го принудат Шима повторно да поднесе оставка. Имено, на почетокот било проценето дека целата конструкција ќе чини 200 милјарди јени, но во 1960 веќе било јасно дека поради изградбата на дополнителни 3000 мостови и 67 нови тунели кои овозможиле безбедна брзина на возот, крајниот цех ќе изнесува околу 400 милијарди јени. Заедно со Шима оставка дава и претседателот на Јапонските национални железници, Шинџи Сого. Линијата конечно ќе биде изградена и пуштена во употреба во 1964 година, за време на олимписките игри во Токио.

Хидео Шима подоцна ќе стане претседател на Јапонската национална агенција за вселенски развој каде се залага за употреба на водородот како ракетно гориво. (Н. С.)

 

18.03.1986 – 17-годишно момче го разоткри МИР

17-годишниот Филип Наранјо, ученик од Њу Џерси, успеал да го следи лансирањето на вселенската станица МИР пред Советската влада официјално да го објави тоа. Заедно со група свои пријатели, Филип Наранјо ги следел трансмисиите помеѓу вселенските објекти и центрите за контрола на Земјата. Пред русите официјално да го најават МИР (на 20 февруари), тинејџерите пресретнале код на кирилично писмо. (З. И.)

Клучни зборови:
Професор д-р Панче Караѓозов (фото: Гласило на Лекарската комора на Македонија)

Професор д-р Панче Караѓозов (фото: Гласило на Лекарската комора на Македонија)

Д-р Панче Караѓозов (лево), Иванка Јовева (мед. сестра) и Стефан Стефановски (хирург помошник), фотографирани непосредно по ослободувањето (фото: Гласило на Лекарската комора на Македонија)

Д-р Панче Караѓозов (лево), Иванка Јовева (мед. сестра) и Стефан Стефановски (хирург помошник), фотографирани непосредно по ослободувањето (фото: Гласило на Лекарската комора на Македонија)

Рудолф Дизел

Рудолф Дизел

Рудолф Дизел и неговата креација

Рудолф Дизел и неговата креација

Првиот дизел-мотор

Првиот дизел-мотор

Првата вселенска прошетка на космонаутот Алексеј Леонов

Првата вселенска прошетка на космонаутот Алексеј Леонов

Хидео Шима – таткото на ултрабрзите возови

Хидео Шима – таткото на ултрабрзите возови

Иноваторот Хидео Шима на неговото работно место

Иноваторот Хидео Шима на неговото работно место 

Пуштањето на првиот Шинкансен воз

Пуштањето на првиот Шинкансен воз

Вселенската станица МИР – разоткриена тајна пред официјалното представување

Вселенската станица МИР – разоткриена тајна пред официјалното представување

Вселенската станица МИР (фото: ESA)

Вселенската станица МИР (фото: ESA)