Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 3.3.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 03.03.2021 - 16:00

На денешен ден пред 55 години BBC најавува дека ќе започне емитување на телевизија во боја и набргу ќе стане прва бродкастинг команија на тлото од Европа што ќе емитува слика во боја. Во денешниот времеплов одбележуваме и 80 години од раѓањето на  Воислав Ристовски, еден од зачетниците на автомобилската индустрија во Македонија, а го одбележуваме и роденденот на Александар Грахам Бел, пронаоѓачот на телефонот. Одбележуваме и 16 години од рекордот на Стив Фосет за соло-лет околу земјината топка, а пред 46 години компјутерскиот клуб Homebrew го одржа првиот состанок...

 

3.3.1966 – BBC најавува емитување во боја

На денешен ден во 1966 година BBC објави дека од следната година планира да започне со емитување на телевизиска програма во боја. Со ова Велика Британија ќе стане првата земја во Европа што ќе понуди редовно емитување на ТВ-програма во боја.

Емитувањето на содржини во боја, се очекувало да го чини BBC некаде меѓу 1 и 2 милиони фунти годишно. За почеток било планирано емитување на четири часа програма во боја неделно на BBC2, за по 12 месеци бројот на часови да се зголеми на 10 часа неделно. ТВ-приемниците во боја тогаш во Британија чинеле околу 250 фунти, а следувал и задолжителен надомест за лиценца. За надгледување на новата услуга бил задолжен Дејвид Атенбороу (David Attenborough), тогашен контролор во BBC2.

Ветените 4 часа програма притоа се базирале врз проценките на BBC за нивните можности за сопствена продукција на содржини во боја во текот на една недела. Притоа било нагласено дека новата програма во боја нема да содржи репризи на веќе видени серијали и емисии.

Во тој момент сè уште не биле договорени стандардите за емитувањето на програма во боја. Тие ќе бидат договорени нешто подоцна истата година на состанокот во Осло во Норвешка, каде европските лидери ќе усвојат единствен систем што ќе им овозможи на земјите размена на програми. (Н. С.)

 

3.3.1941 – Роден е Воислав Ристовски (Љубомиров)

Со право се смета за еден од зачетниците на автомобилската индустрија во Македонија. Тоа произлегува од фактот што бил назначен да раководи со сложениот систем Авто Скопје, во кој влегувала и автокуќата Механика од Скопје, која имала големи амбиции во сферата на автомобилската индустрија.

Роден е во Скопје. По вокација е дипломиран машински инженер кој завршува во 1969 година, на Електромашинскиот факултет во Скопје. Завршил средно техничко училиште. Познат стопанственик е. Работел како конструктор во Металски завод ТИТО, во погонот за пумпи, каде што го раководел конструкторското биро (1967-1975). Како инженер за изработка и одржување на специјални алати, под негово раководство биле изработени првите специјални хидраулични алати и машини за германските и француските фирми вклучени во програмата на Фабриката за автомобили СИМКА. (Т. С.)

 

3.3.1847 – Роден е Александар Бел

Александар Грахам Бел (Alexander Graham Bell) бил американски пронаоѓач, научник и инженер. Роден е во Единбург, Шкотска. Заслужен е за пронаоѓањето и патентирањето на првиот практичен телефон којшто бил ставен во употреба на 10.3.1876 година. Првот успешен телефонски пренос на разбирлив и чист говор било зборувањето на Бел во неговиот уред во Бостон до партнерот Томас Ватсон кој се наоѓал во соседната просторија.

Други изуми му се фотофонот, аудиометарот, метал детекторот, хидроизолациониот филтер. Во 1885 година ја основал Американската компанија за телефони и телеграфи. (Д. М.)

 

3.3.2005 – Стив Фосет постави рекорд за непрекинат соло лет

Стив Фосет (Steve Fossett) стана првиот човек што самостојно во авион ја заобиколи Земјината топка во еден единствен нон-стоп лет, без полнење на гориво. По 67-часовно патување тој успешно го слетал авионот Вирџин Глобал Флајер во Салина, Канзас (САД).

Неколку часа претходно американскиот милионер размислувал да го прекини подвигот поради недостигот од гориво, и да слета на Хаваите. Но, се решил да продолжи надевајќи се дека поволните ветрови во грб ќе овозможат доволно потисок за да го комплетира неговото патешествие.

Претходно, во 2002 година, Фосет стана првиот човек што сам го заобиколи светот во балон. Во таа прилика Фосет тргнал движејќи се преку Атлантикот, Северна Африка, Азија и Пацификот, по што се вратил во САД, изминувајќи за девет дена 42 420 километри.

Две години подоцна некаде над пустинските предели меѓу Невада и Калифорнија ичезнува лесениот авион зад којшто го пилотирал Стив Фосет. Остатоците од урнатиот авион се пронајдени година дена подоцна. (Н. С.)

 

3.3.1975 – Компјутерскиот клуб Homebrew го одржува првиот состанок

Членовите на компјутерскиот клуб Homebrew за првпат се состанале во гаража во Менло Парк, Калифорнија. Основачите Фред Мур и Гордон Френч биле домаќини на околу 30 микрокомпјутерски хобисти, кои ја поминаа првата средба разговарајќи за Altair компјутерот којшто може да се склопи дома. Клубот, но и сличните на него клубови ја зголемиле популарноста на персоналниот компјутер. Првиот број на билтенот на компјутерскиот клуб Homebrew е објавен на 15 март 1975 година. Тој продолжил да излегува, менувајќи неколку дизајни, а неговиот последен, 21 број, беше испечатен во декември 1977 година. (И. З.)

Клучни зборови:
Тест шпицата на BBC којашто најавува дека следи ТВ-програма во боја

Тест шпицата на BBC којашто најавува дека следи ТВ-програма во боја

Воислав Ристовски Љубомиров

Воислав Ристовски Љубомиров

Александар Грахам Бел

Александар Грахам Бел 

Александар Грахам Бел демонстрира работа на телефон

Александар Грахам Бел демонстрира работа на телефон

Стив Фосет и авионот Вирџин Глобал Флајер

Стив Фосет и авионот Вирџин Глобал Флајер 

Стив Фосет во кокпитот на Вирџин Глобал Флајер

Стив Фосет во кокпитот на Вирџин Глобал Флајер 

Компјутерскиот клуб Хоумбру ќе биде значаен дел од подемот на компјутерската индустрија

Компјутерскиот клуб Хоумбру ќе биде значаен дел од подемот на компјутерската индустрија. Таа ќе го спои еден од најиновативните парови во ИТ-индустријата Вознијак и Џобс

Известување за состанок на компјутерскиот клуб Homebrew

Известување за состанок на компјутерскиот клуб Homebrew