Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 1.3.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 01.03.2021 - 17:30

Во денешниот времеплов одбележуваме три јубилеја – 410 години од раѓањето на математичарот Џон Пел, 125 години од денот кога Анри Бекерел го претставил откритието на природната радиоактивност пред француската Академија на науките и 55 години од спуштањето на мисијата Венера 3 на површината на Венера. Покрај тоа пишуваме за првиот успешен падобрански скок од моторен авион и за првиот изработен компјутер на Стив Вознијак...

 

1.3.1611 – Роден е Џон Пел

Џон Пел (John Pell) е англиски математичар, познат по тоа што го вовел знакот за делење во Англија, а се смета дека играл улога и во неговото воведување во математиката воопшто.

Знакот обелус (÷) како симбол не бил нов, тој се користел во литературата за бележење на пасусите на местата што се сметале за сомнителни или со погрешни информации. Но, како знак за делење обелусот за првпат бил употребен од страна на Јохан Ран (Johann Rahn) во 1659 година во неговата книга Teutsche Algebra. Според некои извори Џон Пел имал големо влијание на Ран како математичар и се смета дека имал активно учество во развојот на симболот. Ова звучи особено веројатно ако се има предвид дека Пел бил уредник на книгата на Ран. Интересно е што во книгата се појавува уште една “специјалност” на Пел – диофантската равенка. Овој тип равенки бил еден од омилените предмети на Пел и тој честопати подучувал за нив за време на неговиот престој во Амстердам, каде извесно време ја држел катедрата за математика. (Н. С.)

 

1.3.1896 – Анри Бекерел го претставува трудот за природна радиоактивност

На 24 февруари 1896 година, Анри Бекерел ги претставил пред Француската академија на науките (Académie des Sciences) првичните резултати од неговите експерименти во врска со природната радијација – флуоресцентните ураниумски соли, по изложеност на сончева светлина, оставиле сосема бледи слики на неколку фотографски плочи. Но, матните слики биле помалку интригантни од острите слики направени со Х-зраци прикажани пред Академијата неколку недели порано.

Бекерел се решил да го повтори експериментот. Подготвил нова низа кристали и фотографски плочи и сметал дека за да добие поостри слики ќе му биде потребна посилна сончева светлина. Но, природата одбила да соработува, небото над Париз во наредните денови било облачно и Бекерел не го добил неговиот сончев ден.

Нетрпелив да презентира барем некакви резултати пред Академијата, по некој ден тој ги извадил плочите и кристалите од фиоката каде ги чувал. Очекувал повторно да ги види истите матни слики, но наместо тоа бил запрепастен кога на плочите забележал остри силуети од неколку метални предмети коишто биле сместени во фиоката. Се чини дека за создавање на слики немало потреба од изложување на кристалите на сончева светлина пред или за време на експериментот. Тој правилно заклучил дека самите кристали испуштаат зрачење, без надворешно стимулирање.

На 1 март 1896 година, Бекерел го претставил неговото откритие на природната радиоактивност пред француската Академија на науките.

Откривањето на природната радиоактивност проттикна голем број истражувања на овој феномен, а поголемиот дел од нив ги направија Марија и Пјер Кири. Единицата мерка за радиоактивност во SI системот го носи името Бекерел, во негова чест. (Н. С.)

 

1.3.1966 – Мисијата Венера 3 пристигна на целта

Советската сонда Венера 3 се смета за делумно успешна мисија – со оглед на тоа што леталото пристигна до планетата и ја испушти капсулата која требаше да ги даде првите директни податоци за нејзината атмосфера при падобранското спуштањето до површината на Венера.

Иако контактот со сондата беше изгубен на 16 февруари и контролата на мисијата не прими никакви податоци по падот на капсулата, сепак капсулата стана првиот предмет создаден од човечка рака кој се најде на површината на друга планета. По тој повод Советскиот сојуз издаде и комеморативна поштенска марка.

Мисијата Венера 3 беше лансирана на 16 ноември 1965 година. Капсулата со пречник од околу 1 метар и тежина од 300 kg, требаше да даде податоци за атмосферскиот притисок, температурата и составот на атмосферата на Венера. Се претпоставува дека отказот се случил поради прегревање на внатрешните компоненти и соларните панели. (Н. С.)

 

1.3.1976 – Стив Вознијак го изработува својот прв компјутер

Американскиот инженер за електроника, програмер, филантроп и претприемач на технологија Стив Вознијак, со прекар Воз, вработен во Хјулит Пакард (во тоа време), ја изработува својата прва компјутерска матична плоча. За изработката бил инспириран на еден од состаноците на клубот Homebrew. Стив Џобс се среќава со Воз, при што го убедува да го задржи дизајнот (да не го продава). Тие потоа ќе се здружат за да го создадат компјутерот Епл 1 кој се продаде во само 200 примероци. (И. З.)

 

1.3.1912 – Прв падобрански скок од моторен авион

За воља на вистината ова е всушнот еден од двата забоележани скока од моторен воздухоплов кандидати што треба да ја понесат титулата на Прв успешен падобрански скок од воздухолов придвижуван со мотор.

Во 1912 година капетанот Алберт Бери ќе го направи неговиот прв скок од авион над воената база Џеферсон Баракс во Сент Луис, Мисури, САД. Бери веќе имал искуство со скокање од балон. Но, овојпат тој скокнал од авионот двосед двокролец од типот Benoist Pusher, при брзина од 50 милји на час на висина од околу 1500 фити, односно од околу 450 до 500 метри. Падобранот бил сместен под авионот во посебно направено ковчеже, па Бери го откачил и се симнал до шипката на трапезниот додаток прицврстен за долниот дел од авионот од каде што скокнал.

Инаку првиот цртеж на падобран го направил Леонардо да Винчи во 1485 година, а овој концепт, со две огромни куполи, го тестирал французинот Луј-Себастиен Ленорман со скок од дрво во 1783 година. Првиот скок од балон бил направен во 1797 година на 22 октомври, а го направил сонародникот на Ленорман – Андре-Жак Гарнерен. (Н. С.)

Џон Пел

Џон Пел 

Анри Бекерел

Анри Бекерел

Отисокот врз фотографските плочи сведочи за природната радиоактивност

Отисокот врз фотографските плочи сведочи за природната радиоактивност

Реплика на сондата Венера 3

Реплика на сондата Венера 3

Комеморативна поштенска марка посветена на мисијата Венера 3

Комеморативна поштенска марка посветена на мисијата Венера 3

Стив Воз и компјутерот Ејпл 1

Стив Воз и компјутерот Ејпл 1

Алберт Бери непосредно пред неговиот скок од авионот

Алберт Бери непосредно пред неговиот скок од авионот

Првиот успешен скок од авион

Првиот успешен скок од авион

Приземјување по успешниот падобрански скок

Приземјување по успешниот падобрански скок