Деновиве астрономите објавија изненадувачко откритие за Венера – во погорните слоеви на нејзината атмосфера откриле знак, молекули од гасот фосфин (phosphine), што можеби укажува на животен процес.
Истиот гас постои и на нашата Земја, но неговото присуство на нашата матична планета се должи на неговото создавање како производ во одредени индустриски процеси или како нуспроизвод во животниот процес на одредени микроорганизми. На научниците засега не им е познат друг начин на создавање. Па, според тоа, произлегува дека во атмосферата на Венера може да постои некоја форма на живот. Ова откритие изгледа е големо изненадување за научниците, особено ако се знае дека Венера се смета за безживотна планета, поради високата температура на нејзината површина (околу 460ºC). Сепак, тие со децении шпекулираат дека можеби во највисоките слоеви од нејзината атмосфера, на височина од околу 50 km, каде што владее погодна температура од околу 30ºC, тие слоеви се “дом” на некој вид микроорганизми кои инаку не би можеле да егзистираат на површината на Венера.
Молекуларна структура на гасот фосфин
Откритието го направила меѓународна екипа која вклучува истражувачи од Велика Британија, Америка и од Јапонија. Екипата оперирала од две различни опсерватории – едната е JCMT (James Maxwell Telescope) лоцирана на Хаваите, а другата е ALMA (Atacama Large Milimetar Array) лоцирана во пустината Атакама во Чиле. Двете опсерватории се приспособени да ја набљудуваат Венера на бранова должина од околу 1 mm, но бидејќи Венера е скриена во својата густа, непроѕирна атмосфера, 50 пати погуста од Земјината, екипата всушност ја набљудувала само нејзината атмосфера и со спектрална анализа го детектирала нејзиниот хемиски состав во кој е откриен и наведениот гас фосфин.
Заради веродостојност на наодот, постапката била повторена двапати – првобитно од опсерваторијата JCMT на Хаваите, а потоа откритието е потврдено од втората, многу попрецизна опсерваторија ALMA, всушност партнер на првата. Спектралните графикони на наодот од двете опсерватории се прикажани подолу, на сликата, каде што со сива боја е прикажана првобитно направената анализа од опсерваторијата JCMT на Хаваите, а со бела боја е прикажана попрецизната спектрална слика, со повеќе детали, направена од опсерваторијата ESO во Атакама. Како што можеме да забележиме, тие две слики меѓусебно се совпаѓаат, но со многу повеќе детали на сликата од опсерваторијата ALMA. .
Споредбен приказ на спектралната слика што доведе до откритето на гасот фосфин во атмосферата на Венера
Количеството на откриениот гас фосфин на Венера е прилично мало, имено само околу 20 молекули на една милијарда други молекули. Екипата сега се фокусирала на студија со којашто цели да открие дали тоа мало количество гас е можеби производ на некои досега непознати небиолошки процеси, како што е влијанието од Сончевото зрачење, разни минерални процеси, или е производ на животен биолошки процес. Сепак, многу тешко е да се реализира детектирањето живи организми на негостољубивата планета Венера. Во секој случај откритието е од големо научно значење, бидејќи отвора можност за истражување повеќе алтернативни патишта, меѓу кои и тоа дека фосфинот на Венера е производ од биолошки процес, па во тој случај живите организми на Венера би биле многу поразлични од оние на нашата Земја.
Уметнички приказ на атмосферата на Венера, нејзината површина и присуството на молекулите фосфин во атмосферата
Во врска со сето тоа, еве ја изјавата на Леонардо Тести, астроном и раководител на европските истражувања со ALMA: „Можноста за небиолошкото потекло на фосфинот засега е исклучена во нашето постоечко разбирање за создавањето на овој гас во атмосферата на карпестите планети. Меѓутоа, ако се докаже дека создавањето на фосфинот на Венера има исклучително биолошка природа, тоа за астробиолозите би бил епохален чекор во нивната потрага по животни планети надвор од Сончевиот систем. Но, за таков доказ е неопходна обемна натамошна теоретска и практична студија на наодот, која би ја исклучила можноста фосфинот на карпестите планети да има поинакво хемиско потекло, различно од она што е карактеристично на Земјата, т.е. исклучиво биолошко”.