Во овој времеплов ја славиме првата фотографија на стаклена плоча на Џон Хершел, родендените на американскиот астроном Вилијам Бонд, на италијанскиот лекар и физичар Луиџи Галвани, како и на американскиот хемичар кој ни го даде винилот, Валдо Семон. Покрај ова го одбележуваме и денот кога е забележанa првата вистинска компјутерска “бубачка”.
9.9.1839 – Џон Хершел ја снима првата фотографија на стаклена плоча
Првата фотографија на стаклена плоча на Џон Хершел (Sir John Frederick William Herschel, 7 март 1792 – 11 мај 1871), е направена на 9 септември 1839 година, а на нејзе се гледа Телескопот од 40 фити, рефлектирачки телескоп конструиран во периодот од 1785 до 1789 година во Опсерваторијата во Слау, Англија.
Сер Џон Хершел, бил англиски полимат – математичар, астроном, хемичар, изумител, експериментален фотограф. Тој има многубројни важни придонеси во доменот на фотографијата. Направил подобрувања во фотографските процеси, особено со пронаоѓање на процесот цијанотип, познат како син печат (blueprint), и неговите варијациите, како што е хризотипот, односно златниот печат.
Во 1839 година, ја направил споменатата фотографија на стакло, која сè уште постои, и експериментирал со репродукцијата на боите, истакнувајќи дека зраците од различните делови на спектарот имаат тенденција да ја пренесат сопствената боја врз фотографската хартија. Хершел експериментирал користејќи фотосензитивни премази (емулзии) од сокови од зеленчук, наречени фитотипови. Наодите од овие експерименти ги објавил 1842 година во Philosophical Transactions, гласникот на Кралското друштво во Лондон. Хершел прв го открил процесот со користење на платина, којшто се заснова врз чувствителноста на платинските соли. Процесот подоцна бил развиен од Вилијам Вилис.
Хершел го измислил терминот фотографија во 1839 година, а исто така прв ги применил поимите негатив и позитив на фотографијата. (Д. М.)
9.9.1947 – Првиот компјутерски „Bug“(бубачка)
Грејс Хопер работела на компјутерот за пресметки Mark II Aiken Relay при неговото тестирање на Универзитетот Харвард. Таа се обидувала да пронајде хардверски проблем којшто најверојатно бил предизвикан од курцшлус на еден од многуте релеи во уредот. На крај било откриено дека проблемот бил предизвикан од молец кој се залепил релејот # 70 од панелот F, што предизвикало куса врска. Хопер ја завела поправката во дневникот на тестот и го залепила трупот на молецот на истата страницата со коментар “Пронајден е првиот вистински баг“(англ. bug – бубачка).
Но, ова не е прва употреба зборот “баг“ во смисол на грешка односно проблем во функционирањето на некој уред. Впрочем, уште Томас Едисон ги именувал проблемите што се појавувале во инженерскиот процес како багови уште во 1878 година. Оттаму процесот дебагирање е процес на отстранување на овие проблеми. Многу извори го наведуваат ова како потекло на изразот “дебагирање“ којшто денес најчесто се употребува во информатиката. Но иако компјутерските оператори ги “дебагираат” компјутерите откако тие постојат, молецот на Грејс е првата “вистинска“ бубачка што била пронајдена во еден компјутер.
Некои извори го наведуваат датумот 9 септември 1945 година како денот кога е откриена првата вистинска компјутерска бубачка. Но, од повеќе други извори се дознава дека Грејс Хопер не била дел од програмата Марк II во тоа време, туку се приклучила нешто подоцна. Па така, во 1947 година била таму да го забележи овој куриозитет. (Н. С. / И. З.)
9.9.1789 – Роден е Вилијам Кранч Бонд
Вилијам Бонд (William Cranch Bond (1789 – 1859) е американски астроном познат по тоа што заедно со неговиот син, Џорџ Бонд, ја открил осмата Месечина на Сатурн, Хиперион, како и внатрешниот прстен на Сатурн, наречен Крипски прстен. Тој бил и еден од првите астрономи кои ги каталогизирале sвездите со фотографија.
Универзитетот Харвард го испрати Бонд во Европа во 1815 година за да ги проучи методите на европските опсерватории. Во 1836 година, Бонд ја преместил својата лична опрема за астрономски набљудувања во просториите на универзитетот и бил прв директор на Харвардската опсерваторија. Тој успеал да собре средства за набавка на еден од најголемите телескопи во светот во тоа врем којшто бил сместен во опсерваторијата направена според неговите нацрти. Телескопот за првпат бил ставен во употреба на 24 јуни 1847 година, а прво небеско тело коешто било набљудувано со него била Месечината. Овој телескоп е сè уште функционален и ден-денес. (Н. С.)
9.9.1737 – Роден е Луиџи Галвани
Луиџи Галвани (Luigi Galvani) е италијански лекар и физичар кој прв ја забележува електричната енергија во живото ткиво. Тој демонстрирал дека нозете на жабата се грчат кога ќе ги допре статички електрицитет или кога се допираат со различни метали. Тој верувал дека струјата ја предизвикуваат течностите во телото на жабата, но подоцна е утврдено дека електричната енергија се генерира како последица на реакцијата помеѓу течностите и различните метали. Ова откритие би довело до пронаоѓање на галванската батерија. (Н. С.)
10.9.1898 – Роден е Валдо Семон
Валдо Семон (Waldo Semon) е американски хемичар, познат по тоа што го пронашол најупотребуваниот вид пластика во светот – винилот.
Винилот е пластифицирана форма на поливинил хлорид односно ПВЦ. ПВЦ материјалот најнапрд бил откриен од германскиот хемичар Август Вилхелм фон Хофман, во 1872 година. Но неовиот ПВЦ бил тврд и кршлив. Материјалот е повторно откриен од еден друг германски хемичар, Фридрих Хајнрих Август Клат. Клат ги опишал истите својства како фон Хофман и го тргнал настрана ПВЦ материјалот за некое идно проучување. Со текот на времето, сончевата светлина го полимеризирала примерокот на Клат, кој ја добил цврстата но веќе помалку кршлива форма што ја познаваме денес. Клат го патентирал откритието во Германија, но не успал да најде никаква комерцијална употреба за материјалот.
Во 1926 година, Семон работел како хемичар во компанијата Б.Ф. Гудрич. Тој се обидувал да најде полимерно лепило коешто може да ја поврзе гумата со метал. За оваа цел тој експериментирал со ПВЦ материјалот отстранувајќи го хлорот со различни растворувачи. Но наместо добивање на леплива смеса, тој пронашол флексибилна верзија на ПВЦ материјалот. Гудрич започнал да го продава производот под името Коросил (Koroseal). Коросил се користел како водоотпорен матријал, за обложување на електричните жици и за заптивки на амортизери. Една друга компанија, Јунион Карбид, ќе го употеби овој вид пластика во нашата омилена форма – мешајќи ја со винил ацетат, винилот ќе најде своја примена во музичката индустрија во форма на носач на аудиозаписи, ака плочи :)
Денес ПВЦ материјалот е третиот најчесто користен вид пластика по полиетиленот и полипропиленот. На некој вид пластифициран ПВЦ ќе наидете речиси насекаде околу вас – го има во фасадите на куќите, во градинарските црева, кај автомобилските делови и е еден од најчестите водоводни материјали. Се проценува дека само во САД, околу 75% од водоводот го сочинуваат ПВЦ цевки.
Семон ја пронашол и синтетичката гума позната како Америпол и има голем придонес во пронаоѓањето замена на стиренската гума за време на Втората светска војна. Еден од неговите омилени пронајдоци е еден вид синтетичка гума за џвакање којашто изгледа исто како и нормалната гума за џвакање, но овозможувала формирање на навистина големи балони. Г. Г. Гудрич не верувал дека некој ќе сака да џвака лажни гуми за џвакање со кои може да дуваат балони па не ја пласирал идејата на Семон. Па така Bubblegum гумата за џвакање ќе биде одново откриена од страна на сметководителот на компанијата Fleer Chewing Gum во 1928 година. (Н. С.)
10.9.1797 – Роден е Карл Мосандер
Карл Густав Мосандер (Carl Gustaf Mosander) е шведски лекар и хемичар кој ги открил првите лантаниди. Истражувајќи ги ретките минерали тој ги открил елементите лантан, тербиум и ербиум. Мосандер, исто така, верувал дека открил уште еден елемент којшто го нарекол дидимиум. Подоцна е утврдено дека дидимиумот не претставува елемент, туку соединение составено од елементите празеодимиум и неодимиум. (Н. С.)