Знаејќи како започнал универзумот (со експлозија, т.н. Биг Бенг), актуелно станува прашањето како тој би можел да заврши. Како одговор на ова прашање, според досегашните сфаќања, на универзумот му се припишуваше постепен мирен и тивок завршеток со целосна трансформација во наполно празен простор.
Ваквиот крај произлезе од најновото сознание дека црните дупки, кои до пред извесно време се сметаа за конечни трајни остатоци во универзумот, со тек на време исто така се разградуваат и целосно исчезнуваат под дејсво на т.н. хокингова радијација, оставајќи зад себе наполно празен универзум. Меѓутоа, деновиве, научниците се огласиja во журналот Monthly Notices of the Royal Astronomical Society со студија којашто предлага дека универзумот можеби ќе заврши поинаку, со експлозивно сценарио, слично како што и започнал.
Најнапред ќе се потсетиме на текот на животот и на смртта на ѕвездите. На астрофизичарите им е добро познато дека тие фактори зависат од големината на масата на ѕвездата. Имено, помасивните ѕвезди, 10 и повеќе пати помасивни од нашето Сонце, со термонуклеарна реакција во нивните јадра создаваат тешки елементи, воглавно железо. Всушност, тоа е и последниот елемент којшто може да се креира при фузија, а нивниот живот го завршуваат со експлозија на супернова. Притоа тие се трансформираат во црни дупки. Меѓутоа, ѕвездите со маса помала од наведената, во нивната термонуклеарна реакција не се способни да произведат потешки метали во толкава мера, па животот го завршуваат како мали згуснати објекти, познати како бели џуџиња. Натаму, со тек на милијарди години, тие згаснуваат и се трансформираат во наполно темни објекти, познати како црни џуџиња.
Но, според најновата студија, ниту црните џуџиња не се конечни производи, туку и тие можат во даден момент да експлодираат во вид на супернова. Оваа дополнителна експлозија кај црните џуџиња е последица од дејството на посебен квантен процес, т.н. пикнонуклеарна фузија. Таа дејствува уште додека остатоците од ѕвездите биле во фаза на бели џуџиња, а продолжува и по нивното трансформирање во црни џуџиња.
Да објасниме, наведениот квантен процес овозможува атомските јадра меѓусебно да се приближуваат многу повеќе отколку што можат при редовниот термонуклеарен процес. На тој начин заостанатите елементи во белите џуџиња, а подоцна и во црните џуџиња, поефикасно се претвораат во железо. Според наведената студија, кога бело џуџе збогатено со железо ќе премине во црно џуџе, наведениот квантен процес продолжува. Како последица од тоа се зголемува густината на џуџето, а со тоа се зголемува и гравитацијата на неговата површина, па во даден момент тоа би можело повторно да колабира. Тој дополнителен колапс на црните џуџиња би покренал имплозија со последен космички светлински блесок, и со исфрлување на надворешните остатоци од црното џуџе. Според тоа универзумот не би завршил на мирен и тивок начин, како што тоа претходно се сметаше, туку тој би завршил експлозивно, слично како што започнал.
Интересно е и тоа што според новообјавената студија ова натрупување на железо под дејство на квантниот процес на пикнонуклеарната фузија постои и кај помасивните ѕвезди, уште во тек на нивниот животен век, и е клучен фактор за појавата на релативно поголем број експлозии на супернови отколку што е нормално да ги има.