Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов – 25/26.6.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 26.06.2020 - 14:30

Во денешниот времеплов се сеќаваме на вселенскиот судар којшто за малку ќе срушеше цела вселенска станица, на првата глобално емитувана програма во живо и на поднесокот за патент за првиот биполарен транзистор. Исто така го славиме роденденот на Пол Нигли, пионер од областа на рентген кристалографијата.

 

25.6.1997 – Судар во вселената

Вселенското летало Прогрес наменето за носење товар беше на пробен лет кон вселенската станица Мир. Целта беше да се утврди дали вселенското летало може да се закотви рачно од страна на космонаут којшто се наоѓа на Мир со што би се елиминирал скапиот систем за автоматски докинг којшто се користел. Тестот беше спроведен и при претходната мисија за снабдување на Мир. Тој тест беше неуспешен и вселенското летало Прогрес за многу малку ја промаши вселенската станица и не се судри со неа. Во контролната соба на Земјата сметаа дека проблемот делумно се должи на дефект на радарскиот систем којшто обезбедува критични податоци за позицијата и за брзината. При овој, втор тест, радарот ќе биде исклучен и единственио помагало за навигација на пилотот ќе биде ТВ-камерата од леталото Прогрес.

Космонаутот Василиј Циблиев беше пилот и имаше потешкотии да го го распознае Мир од прекривката со облаци околу Земјата. Космонаутот Александар Лазуткин и астронаутот Мајкл Фоли се обидуваа да помогнат, набљудувајќи ја процедурата за докинг на капсулата Прогрес. Во моментот кога Циблиев сфати дека брзината на Прогрес е преголема, веќе беше предоцна за корекции на летот – Прогрес беше преблиску и се движеше пребрзо. Иако Циблиев ги вклучи ракетите за сопирање, тоа не беше доволно да се запре леталото. Прогрес се судри со еден од соларните панели на научниот модул Спектр за потоа да се удри и во самиот модул. Судирот беше доволно сериозен за да направи странична дупка во модулот Спектр и да иницира неконтролирано вртење на целата вселенска станица Мир.

Истовремено Мир почна да ја губи атмосферата. Космонаутите го исклучија напојувањето за Спектр и го запечатија модулот кој остана неупотреблив до крајот на работниот век на Мир.

Откако се реши проблемот со губењето воздух, веднаш се премина на решавање на проблемот со неконтролираното вртење на станицата. Напојувањето на станицата беше несигурно затоа што преостанатите сончеви панели поради вртењето не беа изложени на доволно сончева светлина. Ова ги направи компјутерите и жироскопите неупотребливи. Тогаш Фоли ја процени брзината на вртење со помош на неговиот палец и привидното движење на sвездите. Неговата проценка беше искористена од Контролата на Земјата која од далечина ги вклучи моторите на Мир за да го запре вртењето. Претпоставката на Фоли ќе се покаже доволно добра за да се врати електричното напојување, а потоа и да се започне со поправките.

Видеото во прилог содржи интервјуа со тогашните космонаути кои беа присутни при оваа драматична ситуација. (Н. С.)

 

25.6.1967 – Емитуванa првата глобална сателитска програма во живо

Програмата “”Нашиот свет” (“Our World”) на BBC е првото глобално сателитски емитувано  ТВ-шоу кое одело во живо. Во емисијата ќе бидат претставени уметници од 19 земји, а Битлси за првпат ќе ја изведат нивната песна “All You Need Is Love”. Шоуто го следеле во живо околу 400 милиони гледачи.   (Н. С.)

 

26.6.1948 – Вилијам Шокли го поднел патентот за првиот биполарен транзистор

Транзистор со растечки спој (grown junction transistor) бил првиот тип на биполарен транзистор (bipolar junction transistor). Транзисторот бил создаден од Вилијам Шокли (William Shocley,1910-1989) во Лабораторијата Бел (Bell Labs) на 23 јуни, а поднесок за патент бил доставен на 26 јуни 1948 година, шест месеци по првиот транзистор со точкаст спој (bipolar point-contact transistor). Во 1949 година биле направени првите прототипови од германиум. Лабораторијата Бел го промовирала транзисторот со растечки спој на Шокли на 4 јули 1951 година.

Биполарниот транзистор е тип на транзистор којшто како носители на електрицитет користи и електрони и шуплини, за разлика од униполарните транзистори, како што се транзисторите со ефект на поле (field-effect transistor), кои користат само еден вид носители на електрицитет. Биполарниот транзистор овозможува со проток на мала струја низ еден од неговите терминали (наречен база) да се контролира многу поголема струја што тече меѓу два други терминали (наречени колектор и емитер), со што елементот е способен да работи како засилувач или како прекинувач.

Транзисторите со растечки спој ретко работат со фреквенции над аудио опсегот, заради нивните релативно густи основни слоеви, но тие овозможија да започне ерата на транзисторите која потоа донесе многу типови на транзистори и интегрирани кола кои се заслужни за експанзија на електрониката, телекомуникацииите, автоматиката и информатиката.  (Д. М.)

 

26.6.1888 – Роден е Пол Нигли

Пол Нигли (Paul Niggli, 1888 – 1953) е швајцарски минералог и пионер во областа на рентген кристалографијата.

Иако x-зраците (икс-зраците) биле откриени од страна на Вилхелм Рентген во 1895 година, тие не биле препознаени како електромагнетно зрачење сè до 1912 година. Врз основа на нивната енергија, ако се работело за светлински зраци, нивната бранова должина требало да биде од редот на еден Ангстрем (Angstrom [Å]) или 10–10 метри. Германскиот физичар Макс фон Лауе претпоставил дека атомите во кристалите треба да бидат подредени во круг, при што тие треба да дејствуваат како дифракциска решетка за светлината од x-зрачното подрачје. Неговата теорија ќе пропадне кога успешно биле направени фотографии со дифракциски образец од кристали на бакар сулфат.

Кристалите не секогаш растат во уредно поставени квадратни обрасци, а покрај ова и сите атоми имаат различни големини. Ова значи дека математиката неопходна за да се пресметаат моделите на дифракција создадени од кристалите е прилично сложена. Е токму тука во приказната влегува Пол Нигли. Тој при пресметките ја користел математиката на Tеорија на групите, за да претстави 230 различни групи на  празнини познати како основни кристални решетки. Тој ја поедноставил дефиницијата  каде што атомите се делови од должината на една ќелија во решетката, а со букви се претставува обликот на распоредот. Со ограничување на бројот на можна поставеност во групите, тој значително го намалил бројот на можни решенија за дифракциската мистерија. Неговите решенија набргу станаа стандарден прирачник за секој којшто се занимава со рентген кристалографија.

Работата на Пол Нигли им помогна многу други научници во откривањето на структурата на многу посложените соединенија, како што се протеините и ДНК.  (Н. С.)

 

26.6.1976 – Овозможена е посета за пошироката јавност на CN кулата

Канадската национална кула или CN Tower е телекомуникациска кула којашто се наоѓа во Торонто Канада. Со висина од 553 метри беше највисоката градежна структура, сè до неодамна – во 2007 година оваа висина беше надмината од огромното здание на Бурж Калифа во Дубаи.

Изградбата на CN Кулата започна во февруари 1973 година, а беше завршена во април 1975. Но, јавноста ќе почека уште цела една година за да може одвнатре да го види ова “светско чудо”. Дизајнери на кулата се Џон Ендрјуз, Веб Зерага, Менкс Хозден и И.Р. Болдвин.

Кулата ќе стане еден од симболите на градот Торонто и заедно со ротирачкиот ресторан е една од најголемите туристички атракции во овој град. (Н. С.)

Клучни зборови:
Оштетениот научeн модул Спектр фотографиран од спејс-шатлот Атлантис. (фото: НАСА)

Оштетениот научeн модул Спектр фотографиран од спејс-шатлот Атлантис. (фото: НАСА)

Вилијам Шокли

Вилијам Шокли

Првиот биполарен транзистор со спој

Првиот биполарен транзистор со спој

Шокли со колегите во Лабораторијата Бел

Шокли со колегите во Лабораторијата Бел

Пол Нигли – швајцарски минералог и пионер во областа на рентген кристалографијата (фото: ETH библиотека Цирих)

Пол Нигли – швајцарски минералог и пионер во областа на рентген кристалографијата (фото: ETH библиотека Цирих)

Канадската национална кула во Торонто

Канадската национална кула во Торонто