За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.
3.4.1617 – Починал шкотскиот математичар Непер
Џон Непер (John Napier of Merchiston) е роден во Мерчистон, Шкотска, во 1550 година. Непер бил шкотски математичар, физичар, астроном, но и астролог, најпознат по изумувањето на логаритмите и раното пресметковно средство наречено Неперови коски. Покрај тоа, заслужен е и за заживувањето на употребата на децималната запирка.
Неперовите коски се состоеле од табли за множење испишани во ленти од дрво или коска, брзи за пресметка. Таблите биле наречени “коски“, бидејќи за да се направат подобри и квалитетни верзии, како материјал се користела обична коска или слонова коска. Неговиот логаритамски систем обезбедил основа за измислување на правилото за слајд околу исто време, а логаритмите биле главните средства со кои се извршувала пресметката до доаѓањето на дигиталниот компјутер.
Непер починал на 67-годишна возраст. (И. З.)
3.4.1529 – Роден е Микаел Неандер, германски математичар и астроном
Микаел Неандер (Michael Neander) роден е на денешен ден во 1529 година, а починал на 23 октомври 1581 година. Бил германски учител, математичар, академик на медицината и астроном. Роден е во Јоачимштал (Joachimsthal) во Бохемија (денешна Чешка). Се школувал на Универзитетот Витенберг. Од 1551 до 1561 година предавал математика и астрономија во Школата во Јена во Германија. Избран е за професор во 1558 година, кога школата во којашто предавал станала Универзитет. Од 1560 година па сè до својата смрт бил професор по медицина на Универзитетот во Јена. Починал во Јена, Германија, во 1581 година. Кратерот “Неандер“ на Месечината е именуван по неговото име. (Т. С.)
3.4.1973 – Претставен е првиот мобилен телефон
Направен е првиот телефонски разговор од мобилен телефон. Фирмата која го приреди овој спектакл за тоа време е “Моторола”. Од дненешен агол гледано, првиот телефон бил несмасен, тежок околу еден килограм и функционирал со аналогна технологија. Имал можност само за изведување на телефонски разговори. Првиот комерцијално достапен мобилен телефон е понуден на пазарот во 1983 година. Со тоа е реализиран стариот сон на радиоиженерите за мобилна комуникација. Од 1991 година воведена е дигитализација во телефонските комуникации, и веќе ништо не е исто како порано. Денешниве модерни мобилни телефони (паметни или смарт телефони) се чудо на техниката и претставуваат вистински џепни компјутери со можност и за фотографирање. (Т. С.)
3.4.1934 – Родена е Џејн Гудал
Џејн Гудал (Jane Goodall) е англиски антрополог, позната по нејзините истражувања на општествените и семејните структури кај шимпанзaта во Танзанија, коишто таа ги спроведуваше цели 45 години.
Гудал откри дека шимпанзата изработуваат и употребуваат алатки, нешто што претходно се сметаше дека е својствено само за човекот. Таа стана активна во доменот на конзервацијата и заштитата на природата, основајќи го во 1977 година Институтот Џејн Гудал, чијашто цел е заштита на шимпанзата и нивните живеалишта. Институтот има 19 канцеларии во светот, со програми коишто се занимаваат со проблемите на конзервација и развој на локално ниво. Од 1991 година активна е и светската младинска програма “Корени и изданоци”, присутна во над 100 земји во светот. На Универзитетот Дјук во Минесота отворен е Центарот за студии на приматите “Џејн Гудал”, каде што на едно место се чуваат сите нејзини ракописи, фотографии и белешки. Денес Гудал целото свое време го посветува на активности врзани за заштитата на шимпанзата и животната средина, патувајќи низ светот речиси 300 дена во годината. (Н. С.)
3.4.1965 – Лансирана е првата нуклеарна “електрана” во вселената
НАСА и американската Комисија за атомска енергија го лансираа реакторот SNAP 10A во орбита околу Земјата. Реакторот беше првата нуклеарна електрична централа во вселената и единствената електрана којашто беше лансирана од страна на САД. Електраната работеше само 43 дена. Прекинот на работа беше предизвикан при отказ на регулаторот на напон по што дојде до гаснење на јадрото на реакторот. Се очекува дека сателитот ќе продолжи да орбитира околу Земјата најмалку 4000 години, сем ако не дојде до некои непредвидливи судири односно до т.н. аномалиски настани, при коишто доаѓа до откршување делови од сателитот. SNAP-10A веќе претрпе еден ваков аномалиски настан во ноември 1979 година. Имајќи предвид дека во орбита околу Земјата веќе се има насобрано прилична количина “вселенско ѓубре”, извесно е дека сателитот ќе претрипи нов судир.
SNAP-10A е единствениот нуклеарен реактор лансиран од страна на САД, но не е и единствениот којшто се наоѓа во вселената. Имено, Русија, односно СССР има лансирано повеќе сателити со нуклеарни реактори во орбита. При падот на еден од нив во 1978 година, илјадници парчиња радиоактивен материјал беа “посеани” ширум Канада. (Н. С.)