За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.
31.3.1945 – Починал Ханс Фишер, германски хемичар
Ханс Фишер е познат германски органски хемичар и е добитник на Нобеловата награда за хемија. Роден е во 1881 година во Хехст на Мајна, денес кварт во рамките на Франкфурт. Неговиот татко бил познат доктор, стопанственик и предавач на Високата техничка школа во Штутгарт. Основно училиште посетувал во Штутгарт, а подоцна гимназија за општествени науки во Визбаден. Матурирал во 1899 година. Студирал хемија и медицина во Лозана и Марбург. Дипломирал во 1904 година. Работел најпрво на Медицинската Клиника во Минхен, а потоа во Првиот берлински хемиски институт. Се вратил во Минхен и станал професор по интерна медицина, а потоа (1913) и предавач по физиологија на Физиолошкиот институт во Минхен. Во 1916 станал професор по медицинска хемија на Универзитетот во Инсбрук од каде што преминал во Виена.
Неговата научна работа се однесувала главно на истражување на пигментите во крвта, жолчката и хлорофилот во лисјата, како и хемиските процеси на пиролот од кој тие пигменти се изведени. Особено важна била неговата синтеза на билирубинот и хеминот, за кој добил многу признанија, а во 1930 година ја добил и Нобеловата награда за хемија. (Т. С.)
31.3.1966 – Советскиот сојуз го лансира вселенското летало Луна 10
Вселенското летало Луна 10, односно Луник 10, е прв објект направен од човечка рака којшто орбитираше околу Месечината.
Вселенското летало се најде во орбитата на Месечината на 3 април. Оттаму Луна 10 собраше податоци за магнетното поле на Месечината и радијациските појаси, како и податоци за космичкото зрачење. Таа откри области со голема густина на површината на Месечината (гравитациски аномалии) коишто ги искривуваат орбиталните траектории. Ова ќе биде од исклучителна важност за подоцнежните мисии на Месечината. (Н. С.)
31.3.1997 – Почина Фридрих Хунд
Фридрих Хунд (Friedrich Hund) е германски физичар познат по неговото истражување на молекулите и атомите, а најпознат е по т. н. хундово правило.
Работел на универзитетите во Росток, Лајпциг, Јена, Франкфурт на Мајна и Гетинген. Во неговата кариера работел и соработувал со низа познати физичари како Шредингер, Дирак, Хајзенберг, Макс Борн и Валтер Боте.
Хундовото правило, коешто се користи во атомската физика, претставува метод за одредување на положбата на електроните по орбити во основната состојба на атомот, а го објаснува и молекуларните врски на ниво на валентна енергија.
Кога внатрешните електронски нивоа ќе се исполнат, преостанатите електрони се дистрибуираат во валентната обвивка според спиновиот квантен број. Спиновиот квантен број има две можни вредности: + ½ и -½, познати како “спин нагоре“ и “спин надолу“. Според хундовото правило, електроните ќе ги пополнат сите расположливи позиции со ист спин пред да се додадат спротивните вредности на спинот.
Хунд предложил и други правила кои се однесуваат на молекуларните електронски енергетски нивоа и на молекуларната орбитална теорија. Тој го открил и принципот на квантно тунелирање. Квантното тунелирање претставува квантен ефект при што честичката поминува, односно “тунелира“ низ енергетската бариера којашто инаку не би можела да ја помине според правилата на класичната механика. (Н. С.)
31.3.1917 – Почина Емил Адолф фон Беринг
Беринг е германски лекар и имунолог на којшто во 1901 гофина му припадна првата воопшто Нобеловата награда за физиологија и медицина. Наградата му беше врачена за неговиот серум за третирање на дифтеријата и тетанусот.
Дифтеријата претставува сериозно заболување, особено кај децата. Оваа тешка заразна болест се манифестира со локално воспаление и псевдомембранозни налепи на крајниците и ждрелото, општа затруеност на организмот и многубројни компликации. Предизвикувач на болеста е грампозитивната стапчеста бактерија corynebacterum diphtheriае. Тетанусот, пак, го предизвикува бактеријата clostridium tetan која произведува два токсинa при што едниот доведува до прекин на црвените крвни зрнца додека другиот се шири низ централниот нервен систем, предизвикувајќи болни мускулни грчеви и мускулна ригидност. Бактеријата навлегува во телото преку повреди и рани на кожата.
Серумот на Беринг бил најдобар третман за двете болести, сè до откривањето на вакцината. Кај нас имунизацијата против овие две болести е покриена со задолжителната вакцина Di-Te-Per или Di-Te. Со имунизацијата се создава солиден имунитет против дифтерија и тетанус во траење од 5 до 7 години. (Н. С.)