Израелското министерство за здравство ја објави мобилната апликација “Штит“ којашто ќе ги предупредува корисниците ако при посетата на некое место се нашле во близина на пациент за кој се знае дека е позитивен на коронавирус.
Апликацијата функционира за сите места во државата Израел, а е достапна и за Android и за iOS уредите. Ова овозможува континуирано собирање на GPS и SSID (WiFi мрежа) информациите за корисникот на мобилниот уред. Овие податоци се чуваат само на мобилниот уред и не се праќаат на министерството за здравство, ниту на други државни агенции или во која било организација.
При разговорите со новодијагностицираните пациенти со Ковид-19, министерството бара да се наведат местата што тие ги посетувале. Ако пациентот се сголасува, овие информации се додаваат во JSON фајлот којшто го презема апликацијата на секој час, со цел да ги содржи најновите информации. Кога некој ја користи апликацијата, неговите податоци се споредуваат со податоците од преземениот JSON фајл, па ако апликацијата открие дека корисникот бил во близина на пациентот, ќе го предупреди со порака. Потоа израелското Министерство за здравство ќе им предложи на корисниците за кои апликацијата ќе открие дека биле на исти места со заболен, да се пријават преку линк во апликацијата.
Поради природата на собирање податоци, корисникот може да добие и лажни аларми. Но лекарите, на пример, кои знаат дека ниту еден пациент за кој се утврдило дека е позитивен на коронавирус не бил на одредено место, можат да ги пријават овие лажни резултати, по што би се коригирал и фајлот со податоците. Оваа апликација се потпира на познатите информации за веќе дијагностицираните пациенти инфицирани со коронавирусот. Но, имајќи предвид дека голем дел од носителите на вирусот се без симптоми, најдобрата превенција е самоизолација, социјално дистанцирање, често миење раце и, ако е можно, работа од дома.
Со оглед на тоа што оваа апликација побарува голема количина безбедносни дозволи од Андроид системите и следење на движењето на корисникот, луѓето со право се загрижени за последиците што оваа апликација може да ги има по нивната приватност.
За да се уверат корисниците дека собраните податоци се чуваат само локално, израелското министерство го објави на GitHub и изворниот код за апликацијата, со лиценца којашто овозможува користење и во други земји.
Израелската компанија за кибер-безбедност Profero, го анализирала кодот на апликацијата, а во телефонскиот разговор што директорот на оваа компанија го имал со BleepingComputer било потврдено дека од уредот не се пренесуваат никакви податоци. Тој потврдил дека сите собрани податоци се чуваат на уредот и се споредуваат локално со JSON фајл којшто го ажурира министерството за здравство. Па така, ако корисникот е известен дека се наоѓа на иста локација како познат пациент, министерството за здравство не добива автоматска дојава и е оставено на корисникот доброволно да се пријави дека можеби бил изложен и дека сега се наоѓа во карантин.