Со зголемениот сообраќај поради пандемијата со коронавирусот, Амазон прајм видео и Јутјуб одлучија да му се придружат на Нетфликс и да го намалат квалитетот на стримингот на својата платформа во Европа, со цел да помогнат во зачувувањето на интернетската инфраструктура.
Меѓутоа, експертите предупредуваат дека платформите за видеоигри се поголема закана за интернетот. По барање од комесарот на Европската Унија, Тиери Бретон, упатено до сервисите за стриминг да ја намалат резолуцијата на своите содржини за да се спречи блокирање на интернетот, на Нетфликс, кој прв одговори на овој повик, му се приклучија Амазон прајм видео и Јутјуб.
“Се обврзуваме дека привремено ќе го префрлиме целиот сообраќај во Европската Унија на стандарната дефиниција според зададените поставки." – стои во соопштението кое го издала компанијата Јутјуб.
Портпаролот на Амазон прајм видео наведува дека нивната платформа соработува со локалните влади и интернет-провајдери, “за да се ублажи какво било задушување на мрежата.”
Зголемениот притисок врз мрежата веројатно уште повеќе ќе се зголеми во текот на наредните недели. Низ Европа веќе се затворени училиштата, а милиони вработени лица ќе останат дома и користејќи видеостриминг или онлајн-платформи за видеоигри.
Загриженоста за сè почестите дефекти и сè помалиот квалитет на услуги, го поттикна Бритиш Телеком да даде гаранција дека неговата широкопојасна мрежа ќе може да ја поднесе дополнителната побарувачка.
“Велика Британија е една од најнапредните светски дигитални економии, така што ние ги надградивме нашите мрежи со цел да одговориме на зголемената побарувачка за видеостриминг со висока резолуција, видеоигри и други апликации кои побаруваат поголем проток на податоци”, пишува на својот блог Хауард Вотсон, технички директор на Бритиш телеком.
Други експерти од областа на телекомуникациите предупредуваат дека тие мерки можеби нема да бидат доволни за спречување на поголеми дефекти, а директорката на Глобалдејт, Ема Мор-Маклун, ги повикала и останатите главни корисници на мрежата да преземат слични мерки.
Онлајн-платформите за видеоигри минатава недела веќе регистрирале огромни скокови во бројот на корисници – што е тренд кој се очекува да продолжи да расте паралелно со развојот на кризата со пандемијата.
Платформата Стим во текот на викендот го собори рекордот на сите времиња, бидеќи истовремено на неа биле вклучени повеќе од 20 милиони гејмери.
Секој скок на глобалниот пазар ќе има значителни последици за виталните функции на институциите, пазарот, како и на останатите дејности клучни во текот на вонредните мерки преземени поради пандемијата на Ковид-19.