За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.
4.3.1948 – Роден е Мане Грличков, еминентен македонски ревматолог
На денешен ден во Штип во 1948 година е роден еминентниот македонски ревматолог Мане Грличков. Редовен професор е по интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Негов придонес е раното откривање на системските колагени заболувања. Бил долгогодишен директор на Клиниката за ревматологија при Медицинскиот факултет во Скопје. Сега работи во болницата Аџибадем Систина. Автор е на повеќе стручно – научни трудови.
Медицина завршува во 1974 година, а специјализира интерна медицина во 1980 година. Докторирал во 1988 година, а во 2003 година завршил субспецијализација по ревматологија на Медицинскиот факултет во Скопје. (Т. С.)
4.3.1936 – прв лет на цепелинот LZ 129 Hindenburg
LZ 129 Hindenburg, со регистерска ознака D-LZ 129, бил голем комерцијален патнички цепелин и еден од водечките германски воздухоплови меќу двете светски војни, воздушните бродови од класата Хинденбург. Овој цепелин бил најдолг во класата и по обем бил најголемиот воздухоплов било кога направен. Проектиран е и изграден во погоните на компанијата Цепелин сместана во Фридрихшафен, а својот прв лет воздухопловот го прави на 4 март 1936 година.
LZ 129 Хиндербург летал од март 1936 до 6 мај 1937 година. При слетувањето во Лејкхрст, во Њу Џерси (САД), веднаш откако го реализирал својот прв трансатлантски лет до Северна Америка, воздухопловот се запалува и бива потполно уништен. Во несреќата гинат вкупно 36 луѓе. Точната причина за оваа несреќа сè уште е тема на многу претпоставки. (Н. С.)
4.3.1675 – назначен е првиот Кралски астроном во Англија
Џон Флемстид (John Flamsteed), роден на 19 август 1646 бил англиски астроном. Неговото главно постигнување е подготовката на Catalogus Britanicus, кадешто се каталогизирани 3000 ѕвезди, и изработката на ѕвездениот атлас Atlas Coelestis. И двете дела се објавени по неговата смрт. Флемстид е и прв којшто го забележал Уран, но погрешно го каталогизирал како ѕвезда. Во 1675 е назначен како Кралски астроном, титула којашто за првпат била доделена тогаш. Флемстид го поставил и темелот на Кралската опсерваторија во Гринвич. (Н. С.)