Европската комисија смета дека пред да се воведе технологијата за препознавање лица на јавни места, најнапред треба подобро да се регулира начинот на којшто таа ќе се применува, со цел да се спречи нарушувањето на приватноста. Во нацртот кој ќе биде објавен следниот месец, еден од предлозите на Комисијата е дека државите членки на ЕУ ќе оформат тело кое ќе осигура дека новите правила соодветно ќе се применуваат.
“Употребата на технологијата за препознавање лица од страна на приватни или јавни субјекти во јавниот простор ќе биде забранета на одредено време (на пр. три до пет години) а во тој период би се утврдила добра методологија за проценка на влијанието на оваа технологија и би се утврдиле и развиле нови мерки за справување со ризикот”, – се наведува во документот.
Република Кина е првата голема земја која ја применува технологијата за препознавање лица на јавни места. Во поново време, владата во Пекинг одлучила да инсталира систем за препознавање лица во аптеките, заради проверка на лица кои купуваат одредени лекови.
Неколку европски земји веќе изразиле намера да воведат технологија за препознавање лица на јавни места. Германија неодамна спроведе пилот-програма за препознавање лица во Берлин, која вклучува употреба на такви системи за скенирање на железнички станици и аеродроми. Тестот се покажал мошне успешен, па сега се разгледувала и поширока примена на системот за препознавање.
Примената на технологијата за препознавање лица расте во технолошката индустрија, така што тие системи моментално се користат на голем број уреди, вклучувајќи ги и паметните телефони и компјутери. Се очекува дека повеќе компании производители на вакви уреди масовно да ја применат технологијата во своите модели планирани за 2020 година. Ова се должи на намалувањето на трошоците во производството бидејќи сè повеќе производители вложуваат во зголемувањето на производните капацитети.